Родителите често знаат да се загрижат ако нивното дете ги удри за време на бес, лутина или фрустрација. Иако е разбирливо дека не е дозволено какво било удирање, психолозите нагласуваат дека малите деца сè уште немаат чувство дека кога ќе удрат некого прават нешто недозволено или лошо.
Како што пренесува Positive Parenting Solutions, понекогаш родителите знаат да реагираат на погрешен начин, што може да направи само поголема штета. Еве што, според експертите, дефинитивно треба да избегнуваме доколку нашето дете нѐ удри. Една од тие работи е да го удриме и ние него. Често слушаме совети кои ни велат дека треба да го удриме детето за да „види дека боли“. Психолозите нагласуваат дека ова е една од најлошите работи што можеме да ги направиме.
Објаснуваат дека со тоа ништо не се постигнува, туку напротив, се поттикнува такво однесување. Психолозите тврдат дека со удирање на детето, ние само потврдуваме дека удирањето е во ред и прецизно го моделираме однесувањето што всушност треба да се обидуваме да го спречиме. Освен удирање, треба да се избегнува секоја друга казна за стореното.
Како што велат психолозите, нашиот фокус треба да биде на тоа, да му помогнеме на детето да научи позитивни начини на управување со своите емоции, во овој случај негативните. Казнувањето на детето или кажувањето дека е тоа „лошо“, само ја продлабочува неговата обесхрабреност и ја прави поверојатна идната агресија.
Исто така, никогаш не треба да го присилуваме детето да ни се извини кога ќе не удри. Секако, ако станува збор за мало дете. Работата е што детето само треба да разбере дека направило нешто што не треба. Иако детето можеби и ќе се извини, нема да знае зошто се извинува и ќе продолжи да го повторува своето однесување, несвесно за последиците.