Деца на поводец: Стара дилема, нови осуди (ВИДЕО)

„Кога луѓето ме осудуваат дека користам поводец за моите деца, си мислам, дојдете да прошетате малку во моите чевли“, пишува Џордан Дрискел, татко на петгодишни петорки, чие видео брзо стана вирално и вознемири многумина.

183

Таткото на пет деца, Џордан Дрискел, предизвикал жестока дебата откако споделил видео на Инстаграм како ги шета своите 5-годишни петорки на поводник. Иако го користи поводникот за да биде сигурен дека ниедно дете нема да му побегне, да заталка или да се изгуби, многу луѓе го осудиле.

На видеото се гледа како Џордан држи пет јажиња, секое поврзано со појас што го носи секое од неговите деца.

„Кога луѓето ме осудуваат дека користам поводец за моите деца. Дојдете да прошетате една милја во моите чевли“, напишал Џордан, чие видео брзо стана вирално и вознемири многумина.

„Подобро е да се спречи отколку да се лечи. Да имав толку деца, ќе го направев истото“, „Со пет деца ти треба ова. Ти си одговорен родител“, „Откако моето двегодишно дете се обиде да истрча на улица, користиме и поводник“, „Безбедноста на вашите деца е приоритет, браво тато“, му напишале оние кои веруваат дека каишките никако не им штетат на децата.

Сепак, има многу повеќе кои не се за овој метод и го нападнаа Џордан затоа што ги третира децата како животни.

„Дали се спасени од улица“, „Тие се луѓе, а не кучиња. Како би било да ги научите како да се однесуваат на улица“, „Дали следниот пат ќе ги обучувате да влечат санка“, „Поедноставно би било да се немаат толку многу деца“, велат тие.

Џордан објаснил за Today дека неговите деца се љубопитни и сакаат да бегаат и да истражуваат. Јажињата му помагаат нему и на неговата сопруга „да го зачуваат сопствениот душевен мир и здравиот разум“.
„Поводниците ни овозможуваат да излеземе од дома и да се забавуваме без стрес. Имавме количка со пет седишта, беше непрактична и гломазна. Децата сакаат да одат во гужви, а поводникот им дава можност да го направат тоа, а ние сепак да имаме контрола над нив“, рекол тој.

Експертите се поделени околу овој метод

Детската терапевтка Брук Спроул неодамна изјавила дека ниту едно истражување не сугерира дека детските каишки предизвикуваат физичка или психолошка штета, па затоа ги смета за добро безбедно решение за родителите на деца со посебни потреби, оние со повеќе деца или оние чии деца сакаат да избегаат веднаш штом родителот ќе погледне настрана за секунда.

Педијатарот Бенџамин Хофман пак, ги советувал родителите да не користат каишки поради ризикот од паѓање.

„Како педијатар не ми е мило да гледам деца на каишки како домашни миленици. Како татко на три деца, свесен сум колку децата можат да бидат брзи, импулсивни и непредвидливи. Она што ме загрижува е дали детето ќе се заплетка во поводникот или ќе се задуши во случај на пад. Лично сум бил сведок како родители силно влечат дете на поводник, што резултирало со паѓање, често наназад. Се грижам за повредите на главата и екстремитетите во тоа сценарио. Како педијатар, јас никогаш не би ги препорачал. Попрво ќе видам дете во количка отколку на поводник“, рекол тој за Good Housekeeping.

Меѓутоа, докторката Дебора Гилбоа ги гледа каишките за деца како креативно решавање проблеми.

„Алтернативата би била да останете дома. Ова е одлично за дете кое не ги усовршило вештините за слушање. 99,99 отсто од мајките и татковците го сакаат она што е најдобро за детето”, вели таа.

Како да користите поводник за деца?

Опасноста со поводник што е прикачен на зглобот е дека детето може да доживее нагло движење и да го повреди рамото или раката. Побезбедни алтернативи од поводник закачен на зглобот би биле ранците со поводник или каишки што се прицврстуваат околу торзото на детето.

Користењето на поводник за помладо дете треба да биде комуникациска алатка и метод на настава што ќе му помогне на детето да научи да остане со родителот. Родителот треба да покаже многу љубов и нежност покажувајќи му на детето дека го сака во своја близина. Со други зборови, користењето на поводник краткотрајно и со внимание и грижа за безбедноста на малото дете не треба да има негативен ефект врз детето.

Повеќе