Децата кои го прескокнуваат појадокот се повеќе склони кон нарушувања во однесувањето
Според едно истражување, појадокот надвор од домот е речиси исто толку штетен како и целосното прескокнување на оброците. Истражувачите сугерираат дека ова може да биде затоа што оброците што се земаат надвор често се помалку хранливи од оние што се подготвуваат дома.
Децата кои го прескокнуваат појадокот или не појадуваат дома имаат поголема веројатност да имаат проблеми во однесувањето, покажа новото истражување. Студијата, објавена во списанието Frontiers in Nutrition, од друга страна, нагласува дека децата кои дома добиваат здрав појадок, имаат подобра психичка состојба.
Исто така, откриено е дека децата и тинејџерите кои јадат јајца и преработено месо за појадок, како што се сланина или колбаси, имаат поголема веројатност да страдаат од проблеми во однесувањето отколку оние кои јадат житарки.
Авторот на студијата, д-р Хозе Франциско Лопез-Гил, од Универзитетот во Кастиља-Ла Манча, вели: „Нашите резултати сугерираат дека не е важно само да се јаде појадок, туку и каде децата појадуваат и што јадат. Прескокнувањето на појадокот или појадувањето надвор од домот се поврзани со зголемена веројатност за психосоцијални проблеми во однесувањето кај децата и адолесцентите“.
Тој додава: „Слично на тоа, консумацијата на одредени видови храна и пијалаци е поврзана со поголеми (преработено месо) или помали (млечни производи, житарки) шанси за психосоцијални проблеми во однесувањето“.
За да дојде до својот заклучок, тимот ги проучувал податоците од шпанската Национална здравствена анкета од 2017 година, која ги набљудувала навиките за појадување кај децата и нивното психосоцијално здравје, вклучувајќи ја нивната самодоверба, расположение и нивоа на анксиозност.
Податоците опфатиле 3.772 жители на Шпанија на возраст од 4 до 14 години. Анкетата ја пополниле родителите или старателите на децата. д-р. Лопез-Гил и тимот откриле дека појадокот надвор од домот е речиси исто толку штетен како и целосното прескокнување на оброците. Истражувачите сугерираат дека ова може да биде затоа што оброците што се земаат често се помалку хранливи од оние што се подготвуваат дома.
Резултатите исто така покажале дека кафето, млекото, чајот, чоколадото, какаото, јогуртот, лебот, тостот, житарките и колачите се поврзани со помали шанси за проблеми во однесувањето. Меѓутоа, јајцата, сирењето и шунката се поврзани со поголем ризик од вакви проблеми.
„Фактот дека појадокот надвор од домот е поврзан со поголеми психосоцијални здравствени проблеми е нов аспект на нашето истражување“, рекол д-р Лопез-Гил. „Нашите наоди ја засилуваат потребата да се промовира не само појадокот како дел од рутината на здрав начин на живот, туку и неговата консумација во кругот на семејството и во домот. Исто така, со цел да се спречат психосоцијални здравствени проблеми, појадок кој вклучува млечни производи и/ или житарици и минимизирање на одредени месни производи и друга храна богата со заситени масти или холестерол, може да помогне во намалувањето на психосоцијалните здравствени проблеми кај децата“, заклучил тој, пренесува Индепендент.