Децата кои растат со куче се социјално и емоционално поинтелигентни

Децата кои во раното детство (возраст од 2 до 5 години) растат во семејство кое има куче покажуваат подобра „социјална и емоционална интелигенција“ од децата кои живеат во семејства без домашни миленици, сугерира една студија.

11

Децата кои растат во домаќинства со куче покажуваат знаци на подобра социјална и емоционална состојба од децата од домаќинствата без куче, сугерира една студија објавена во списанието Pediatric Research.

Тим експерти од Институтот Telethon Kids и Универзитетот во Западна Австралија ги проучувале прашалниците пополнети од повеќе од 16.400 домаќинства со деца на возраст од две до пет години. Откако ги земале предвид возраста, полот, навиките за спиење и нивото на образование на родителите, тие го испитале влијанието на кучињата врз малите деца.

Авторите анализирале податоци собрани помеѓу 2015 и 2018 година како дел од студијата Playce. Родителите на деца на возраст од две до пет години пополниле прашалник со кој се проценува физичката активност и социјалниот и емоционалниот развој на нивното дете. Од 1.646 анкетирани домаќинства, 686 имале куче. Децата од домаќинствата со кучиња имале 23 проценти помала веројатност да имаат тешкотии во изразувањето и препознавањето на емоциите и социјалната интеракција отколку децата кои пораснале во домаќинства без куче.

Исто така, било откриено дека децата кои пораснале со куче имале 30 проценти помала веројатност да имаат антисоцијално однесување. Авторите на студијата откриле дека овие деца имале 40 проценти помала веројатност да имаат проблеми во интеракцијата со други деца, а 34 проценти поголема веројатност да се однесуваат социјално интелигентно и внимателно кога си играат со други деца. Тие исто така откриле дека децата од домаќинствата со кучиња имале помала веројатност да имаат емоционални проблеми.

Вонредната професорка Хејли Кристијан, авторка на студијата, смета дека е интересно да се види колку голема разлика има помеѓу децата чии семејства имаат куче во домаќинството, во споредба со семејствата без него.

– Иако очекувавме дека поседувањето куче ќе има некои придобивки во однесувањето за малите деца, бевме изненадени кога откривме дека самото присуство на семејно куче во домаќинството е поврзано со многу позитивни однесувања и чувства, рекла таа.

Дури и меѓу домаќинствата каде што кучето е член на семејството, имало разлики помеѓу децата во зависност од тоа колку децата биле вклучени во грижата за своето милениче. Оние деца кои се придружувале на прошетки со кучиња од своето семејство барем еднаш неделно имале 36 проценти помала веројатност да имаат слаб социјален и емоционален развој во споредба со децата кои го шетале своето семејно куче помалку од еднаш неделно.

Понатаму, децата кои си играле со своето семејно куче три или повеќе пати неделно имале 74 проценти поголема веројатност редовно да се однесуваат повнимателно и погрижливо од децата кои си играле со своето куче помалку од три пати неделно. Децата од домовите што поседувале кучиња имале 23 проценти помала веројатност да имаат тешкотии со емоциите и социјалните интеракции отколку децата кои немале куче.

Кристијан забележала дека нивните наоди сугерираат дека „доведувањето куче во семејството“ може да има придобивки за развојот и благосостојбата на децата.

– Силната врска помеѓу децата и нивните миленици може да се одрази во количината на време поминато во играње и прошетки, што пак може да го поттикне социјалниот и емоционалниот развој на детето.

Авторите предупредуваат дека поради набљудувачката природа на студијата, не можеле да го утврдат точниот механизам со кој поседувањето куче може да има корист за социјалниот и емоционалниот развој на малите деца. Тие додаваат дека понатамошните истражувања треба да го проценат потенцијалното влијание од „поседувањето“ различни видови домашни миленици или влијанието што приврзаноста на децата кон нивните домашни миленици може да го има врз развојот на детето во текот на неговиот живот.

Повеќе