Држете го бебето во раце што повеќе, но држете го правилно!
Родителите не треба да се плашат дека со држењето на своето бебе ќе го разгалат или ќе го навикнат на држење во раце. Важно е само да го носат во правилна положба бидејќи тоа го поттикнува неговиот правилен развој, вели Бобат терапевтката, Клаудија Крижман.
„Држењето е начин да се зближиме со нашето бебе, да му ги покажеме нашите емоции и наклонетост. Родителите не треба да се плашат дека ќе го разгалат своето бебе или дека ќе го навикнат на држење во раце. Нека го држат што повеќе, од самото раѓање. Но, важно е како ќе го држат“.
Ова го рекла физиотерапевтката и Бобат терапевтка Клаудија Крижман, водителка на видео курсот Baby Handling на платформата Abilissima.com. Таа нагласува дека со држење на детето и менување на неговите позиции, ние всушност го вежбаме детето и го поттикнуваме неговиот правилен раст и развој.
Положба на фетус
Основната положба за држење на бебето е таканаречената фетална положба. Бебето е во нашите раце свртено со грб кон нашите гради, во форма на стол. Со рацете ја поддржуваме карлицата и главата на бебето во најшироката точка. Главата е во средината, во линија со грбот, а нозете се благо свиткани кон неговото стомаче. Вака детето го доживува своето тело на грб.
Кога го држиме детето во правилна положба, тоа се чувствува безбедно и стабилно, не го ограничуваме неговото движење, туку ја поттикнуваме неговата активност. Детето не се наведнува и не се искривува, главата не му паѓа наназад или на страна, нозете и рацете не му висат, туку слободно се движи, објаснува Крижман.
Еден од најчестите начини на држење на бебето, кој е сосема погрешен, е со едната рака да ја држите главата на бебето, а со другата карлицата. Како што објаснила физиотерапевтката, ова е исклучително лоша положба бидејќи детето потоа се извртува и развива асиметрија во таква неправилна положба.
Менување на страните
При држење на бебето потребно е да се менуваат страните и да се преместува од едната страна во рацете, на другата страна.
„Немојте секогаш да го држите бебето само на едната страна, онаа што ви е полесна вам или на детето. Менувајте ја страната на која го држите. Со менување на страната, детето го доживува и го чувствува своето тело на едната и на другата страна“, вели Клаудија Крижман.
Накусо, важно е кога го носиме детето, да му дозволиме да го доживее своето тело во сите позиции. Затоа е важно да го носите свртено на грб, од двете страни и на стомак.
Добро е да знаете како лесно да ја промените положбата на вашето бебе во своите раце: како да го преместите вашето бебе од положба кога е во нашите раце на грб, во положба на страна или на стомак, а секогаш да биде во симетрија.
Покрај овие положби, детето можеме да го носиме и на своето рамо, ставајќи го на двете рамења наизменично.
„Со правилно држење и менување на положбата на бебето, ќе поттикнеме еднаков развој на неговата лева и десна страна, што е целта на Baby Handling, да работи на симетријата и чувството на телото во целина.
Правилното држење е дел од Baby Handling
Држењето и носењето се само дел од процесот на Baby Handling, кој го поттикнува севкупниот сензорно-моторен, како и менталниот и психолошкиот развој на секое дете.