Европа гради зелени училишта, ние – изборни предмети: Од септември, градинарството влегува во училиштата

Од учебната 2025/2026 година, македонските ученици од VI и VII одделение ќе имаат шанса да научат дека храната доаѓа од почвата, ќе научат како да создадат и одржуваат градина, како да засадат домат, да работат во тим, да ја ценат културната разновидност…Станува збор за изборен предмет, но и тоа е чекор напред. Изразот – револуција во образованието, да го зачуваме за моментот кога ова ќе стане редовен дел од наставата

39

Програмата на Slow Food Macedonia „Едукација за одржлива иднина“ е одобрена од Бирото за развој на образованието и стана слободен изборен предмет во основните училишта.

Додека во многу земји во светот децата секојдневно учат на отворено, се грижат за училишни градини и готват со она што самите го одгледале, нашите институции направија чекор напред и го воведуваат градинарството како изборен предмет. Ако, и тоа е успех!

Учењето за природата и земјоделството преку практични активности е задолжителен дел од наставата во многу земји во светот, но кај нас зелената револуција допрва почнува. Иако веќе 10 години се одвива проект на Слоу фуд, за создавање што повеќе училишни градини низ Македонија, програмата на Slow Food Macedonia „Едукација за одржлива иднина“, дури сега стана слободен изборен предмет во основните училишта. И сега тоа го нарекуваат – вистинска револуција во образованието.

Да не се разбереме погрешно – ова е навистина одлично. Учениците треба да садат, да се валкаат со земја, да разберат што значи одговорност и поврзаност со природата, но проблемот е што го славиме тоа како да сме измислиле нова методологија. Она што во другите земји е нормално, кај нас станува епохално. Ако одобрувањето на еден предмет, веќе постоечки во Европа, го нарекуваме „револуција“, тогаш што ќе биде ако еден ден градинарството стане задолжителен предмет? Образовен 11 Октомври?

Додека учениците во Финска веќе од прво одделение знаат што е компостирање и како се одгледува рукола без пестициди, ние конечно успеавме да го внесеме поимот „градинарство“ во училиштата – како изборен предмет.

Ова само зборува за тоа колку тешко одат кај нас добрите работи и колку труд е потребен за оние кои можат да направат повеќе, да сфатат дека е време – да направат.

И да не излезе дека омаловажуваме, да, од учебната 2025/2026 година, македонските ученици од VI и VII одделение ќе имаат шанса да научат дека храната не доаѓа од маркетот- туку од почвата, ќе научат како да создадат и да одржуваат градина, како да засадат домат, како да размислуваат критички, да работат тимски, да ја ценат културната разновидност…, ама барем да не се лажеме – не е ова револуција. Ова е, во најдобар случај, доцнење.

Во многу земји, вклучувајќи ги САД, Британија, Шведска, Обединетите Арапски Емирати, Јамајка, Киргизстан… градинарството не е некоја „иновативна изборна програма“ – туку е интегриран, па дури и задолжителен елемент на учебната програма.
Но, лека полека, можеби еден ден, по уште некоја деценија, ќе го дочекаме и тоа.

Во меѓувреме, порачуваат од Слоу фуд, „Едукација за одржлива иднина“ не е само слободен изборен предмет – тоа е животна лекција, пат кон здрава личност и одговорен граѓанин.

Градинарството во училиштата – пат кон здрава и одржлива иднина

Во свет каде што децата сè повеќе време поминуваат пред екраните и се сè помалку на отворено, иницијативите како што е слободниот изборен предмет „Едукација за одржлива иднина“ претставуваат вреден чекор кон враќање на децата во природата.

Овој предмет, разработен согласно Водичот за слободни изборни предмети (2021), нуди вистинско животно учење преку создавање и одржување на училишни градини.

Наставата ја реализираат наставници од областа на природни науки или биологија, но може да биде доверена и на други наставници со изразени лични афинитети и дополнително стекната стручност, по претходна консултација со Бирото за развој на образованието (БРО).

Десетгодишна посветеност

Зад оваа програма стои десетгодишна посветеност на тимот за едукација во Слоу Фуд Македонија, инспириран од успехот на иницијативата Slow Food Училишни Градини. Преку работа на терен, тие го обединија најдоброто од педагогијата, екологијата и традицијата, љубопитноста на децата и новата мотивација на наставниците.

Програмата е подготвена од Јасна Ѓоргиевска и тимот на едукатори: Сунчица Јовановска, Даме Димески, Тодорка Наумоска- Димески и Гоце Бумбароски, а под будното око на Василка Стефановска – пионер во полето на училишните градини.

„Едукација за одржлива иднина“ ги содржи темите блиски на секој ученик: како се дизајнира и одржува вистинска училишна градина, што значи одржливо градинарство и зошто е важно, грижа за животната средина, рециклирање и зачувување на водата, здрава исхрана што почнува од земјата и завршува на чинијата….

За овој нов предизвик и нови знаења од септември, Слоу Фуд Македонија обезбедува целосно подготвени ресурси – методолошки прирачници, активности, работни тетратки и водичи – сѐ дизајнирано за лесна примена во наставата.

Во реализацијата на наставата можат да бидат вклучени и родители, волонтери или членови од заедницата. Програмата е наменета за ученици од 6 и 7 одделение и се реализира во текот на едно полугодие. Таа се темели на практична настава и активно учество на учениците, поттикнувајќи ја нивната креативност, одговорност и еколошка свест.

Темите застапени во програмата се:

Вовед во училишни градини и одржливост

Планирање и дизајн на училишна градина

Подготовка на почвата

Избор и садење на култури во градината

Заштеда на вода и наводнување

Органско управување со штетници и болести

Одржување и нега на градината

Берба и подготовка на храна

Биодиверзитет и создавање живеалишта

Учење во градината и интеграција на наставните програми

Вклученост на заедницата и достапност

Области што ги опфаќа програмата:

Природни науки – учениците истражуваат природни појави, влијанието на човекот врз природата, ја разбираат важноста на одржливиот развој и биодиверзитетот.

Личен и социјален развој – децата учат како да се грижат за сопственото физичко и ментално здравје, да предвидуваат последици од однесувањето и да практикуваат здрави навики.

Општество и демократска култура – учениците развиваат чувство на одговорност кон заедницата, се запознаваат со важноста на колективното делување и активната граѓанска улога.

Техника, технологија и претприемништво – преку градинарски проекти, учениците учат да планираат, реализираат и проценуваат активности кои водат до конкретен производ или услуга.

Зошто градинарството е важно за децата?

Од психолошка гледна точка, активностите во градина овозможуваат:

– намалување на стресот и анксиозноста преку контакт со природата,

– јакнење на самодовербата и чувството на постигнување,

– развој на социјални вештини преку тимска работа и соработка,

– подобрување на вниманието и концентрацијата,

– грижа за себе и за околината преку создавање здрави навики и одговорност.

Градинарството го поддржува емоционалниот, социјалниот и когнитивниот развој на децата и го гради нивниот карактер преку вредности како што се трпеливост, одговорност и соработка.

Програмата „Едукација за одржлива иднина“ е резултат на десетгодишна работа на едукативниот тим при Слоу Фуд Македонија на програмата Училишни градини, успешно се подигнати бројни училишни градини и се спроведени обуки за наставници како и работилници со ученици. Исто така, тимот разви обемна база на едукативни материјали кои можат да се користат како поддршка во наставата.

Повеќе