Хиперродителство – зошто е толку погрешно?

Хиперродителството е понов поим и значи компулсивен нагон за усовршување на своите деца, а обично е раширено помеѓу младите, образовани и амбициозни родители.

321

Родителите сакаат на своите деца да им го дадат најдоброто – сметаат дека треба, ако можат, да им понудат сѐ она што тие немале. Да им се даде најдобрата основа за подобра иднина. Принудени се уште од мали да одат на балет, пливање, разни тренинзи, а не прашуваат што навистина сакаат децата, колку од тоа навистина ќе им биде потребно, дали тоа толку ќе им помогне во иднина или е доволна само една активност и повеќе дружење и играње, слободно време со врсниците?

Дали зад ова хиперродителство всушност се кријат амбициите на родителите, желбата децата да го постигнат она што тие не успеале или да им покажат на другите дека се совршени родители?

Родителите им прават на децата самите или ги тераат тие да направат план, да се однесуваат по шаблони. Ако родителите имаат испланиран ден и распоред што треба да направат, сметаат дека децата треба да почнат со тоа од мали нозе. Одат на училиште, па на балет, па на пливање, па на часови по пијано, па на патување со училиштето, па имаат време за учење, па посета на баба и дедо, па време за спиење… Сè е испланирано. Според некои експерти, тоа страшно ги оптоварува децата и ја уништува онаа безгрижност што треба да ја има секое детство.

Вистина е дека е добро децата да учат и да одат на разни тренинзи и часови, но треба внимателно да изберете само нешто од тоа, особено нешто што детето го сака, што му одговара и му причинува задоволство.

Дали бараме од децата премногу

Има сѐ повеќе педагози и психијатри кои истакнуваат дека родителите отишле предалеку во оваа приказна. На децата им треба време кога ќе се ослободат од вашите наметнати планови, да го истражуваат светот сами, по свои услови, на свој начин. Така, тие учат сами да размислуваат, да измислуваат и да се дружат. Сакаат да уживаат во откривањето на светот на свој начин, да дојдат до заклучок кои се тие, а не ние да им нацртаме што е тоа што треба да го сакаат.

Секако, тоа не значи дека треба да се откажете од активностите за децата, бидејќи тие се добри за нив, нивната самодоверба, дружење, учење, развој,… Меѓутоа, важно е да знаете кога сте се претерале.

Набљудувајте го детето

Ограничете го бројот на активности и погрижете се на детето да му остане доволно време кое им е оставено на располагање целосно слободно. Следете дали се среќни со сите тие активности, дали спијат добро и дали се будат одморни, дали јадат нормално, дали се расположени да одат на училиште, дали ја завршуваат домашната задача,…? Ако нешто од ова е нарушено, децата веројатно се преоптоварени со обврски. Ако веќе сте влегле во фазата детето да има свој распоред, тоа е знак дека нешто не е во ред. Задолжително дајте му време на детето кога е целосно слободно и му треба многу такво време.

Последици од хиперродителството

Понекогаш се работи само за родителски амбиции без да се внимава на желбите на децата. Не е пожелно да се туркаат децата кои не ни почнале да одат на училиште да учат англиски, да посетуваат посебни часови. Детето мора да игра. Изучувањето на јазици во тој период речиси нема никаков ефект. Не ги претворајте децата во „супер луѓе“, прифатете ги такви какви што се и оставете ги да го апсорбираат светот само со мало усмерување.

Кога некој ќе загази во хипер-родителство, тоа може да предизвика спротивен ефект – да му наштети на детето. Преголемиот притисок може да го натера да му се згади од сите овие обврски на рана возраст и да тргне по спротивниот пат од револт, да се инаети, да одбива храна,…

Секогаш имајте на ум дека вие треба да живеете со детето, а никако наместо него.

Повеќе