Да се биде родител на дете со аутизам – Тоа е благослов и истовремено, тежок крст

„Тој ме научи“ е прво дело на Ирена Николоска Ристановска, психолог и мајка на дете со аутизам кое, како што вели и самата, претставува „вовед во нашите животи, можност на читателот за момент да ѕирне од другата страна на поразличното. Отворена можност за поместување на границите на комфортот и ракување со непознатото…“ Стихозбирката ќе биде промовирана на Светскиот ден на аутизмот – 2 април.

829

Ирена Николоска Ристановска е психолог, сопруга и мајка на две деца, 10-годишниот Лука и 6-годишната Јована. Лука е дете со аутистичен спектар на нарушување, а неговата мајка – жена лавица. Таа не мирува и е целосно посветена на работата и на своето семејство, на своите деца, но и на сите деца со посебни потреби со кои работи на своето ново работно место, но и во здружението на психолози Рилука-Битола.

Конечно, после осум години работа во училиште кое се наоѓа во село Жван и заради кое секојдневно патуваше вкупно 120 километри натаму и назад, во Битола, Ирена се избори за своето ново работно место во градот во кој живее.

Станува збор за училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ во Битола во кое одат деца со посебни потреби, значи сите се како Лука.

„Повеќето се дечиња со аутизам, глувонеми, интернатски дечиња и многу сум среќна заради новото работно место, но и заради тоа што како општество постепено се будиме“, вели Ирена.

На 2.април, светскиот ден на аутизмот кој во Битола ќе биде одбележан во кино Манаки со почеток од 17 часот, Ирена ќе ја промовира и нејзината прва збирка со песни „Тој ме научи“.

Мотото на настанот кој го организира здружението на психолози Рилука-Битола чиј основач е нашата соговорничка, е: „Со книжевност до свесност за аутизмот“.

„Да се биде родител на дете со аутистичен спектар на нарушување е и благослов и истовремено тежок крст.

Прифаќањето не ја намалува тагата која е тука и кога навидум не е, единствено помага во адаптирањето и свесноста за доаѓањето на еден поинаков живот со предизвици. Токму тие попатни патокази кои се дел од багажот на состојбата, ги моделираат сите членови во семејството.

Нема време за време… Не постои можност за тагување за сѐ што сме пропуштиле. За интроспекција, кои нереализирани соништа повеќе болат. Дали можеби и тој има негови и какви се?

Единствено мобилизација испреплетена со многу учење и следење на учителот во поразличното.

Сите песни од стихозбирката ТОЈ МЕ НАУЧИ се двапати доживеани животни искуства – во моментите на случување, во тогашната сегашност и моментот по неа кога таа станува незаборавно минато. Секоја емоција е вистинска и пренесена директно на хартија.

ТОЈ МЕ НАУЧИ е прво дело и претставува т.н вовед во нашите животи, можност на читателот за момент да ѕирне од другата страна на поразличното. Отворена можност за поместување на границите на комфортот и ракување со непознатото. Поттикнување на колективната свесност и алтруизмот само доколку сме спремни за тоа…Се надевам и Вие сте спремни за една поинаква свесност и за едно поинакво патување…“, вели Ирена во воведот од својата стихозбирка.

Во нејзините песни, како и во светот на аутизмот, нема место за лаги. Во центарот на сите нејзини размислувања е нејзиниот син Лука за кој вели: Илјадапати би го избрала повторно за мој син.

Ви пренесуваме една од песните во стихозбирката насловена како – ЕМОЦИИ

Кога контрастот од емоции е приоритет со интроспекција дозволувам да бидеме едно.

Јас живеам со обземеноста од тагата и тагувам на радоста.

Да, покрај него се спознав трпелива, борбена, доследна, беспомошна и уморна.

Речиси невидливите моменти на радост умееја да ме растажат…

Таков план за иднината немав.

Мечтаев за поголем напредок и долготрајни успеси за мене и за моето чедо.

Веднаш друга помудра мисла го попречува патот на егоистичната.

Некои планови се искреирани од Бог и против тоа не можеш.

Некои светови и повозвишени димензии, навидум неасфалтирани улици се само нашиот Крст.

Сѐ што е потребно е да веруваме во борбите на Создавачот.

Во светот на аутизмот не постои лага… Единствено љубов за целиот универзум.

Илјадапти би го избрала повторно за мој син.

Преку мене дојде на овој свет. А јас само од него научив за постоењето, искреноста и големината на неговиот, и маленкоста на „типичниот“ свет!

Повеќе