Храна за бебиња – дали треба да ја купувате или да ја правите дома?
Анализата на британските истражувачи покажала дека домашната храна за бебиња генерално содржела повеќе зеленчук, риба и живина, а помалку црвено месо. Генерално, домашната храна за бебиња, исто така, содржела поширок спектар на зеленчук од купечката, но купечката имала повеќе различен зеленчук во еден производ или оброк.
Периодот на воведување на цврста храна кај доенчињата може да биде збунувачки период за родителите, бидејќи тие често се изложени на „море“ од различни мислења и совети, и основани и неосновани.
Затоа британските истражувачи пред неколку години одлучиле делумно да го надминат овој проблем и да ги испитаат разликите во хранливата вредност помеѓу домашната и купечката храна за бебиња. Во студијата, тие споредиле 278 купечки видови храна за бебиња на база на зеленчук или протеини со 408 соодветни рецепти за храна за бебиња, случајно избрани од 55 актуелни готвачи.
Анализата покажала дека домашната храна за бебиња генерално содржела повеќе зеленчук, риба и живина, а помалку црвено месо. Генерално, домашната храна за бебиња, исто така, содржела поширок спектар на зеленчук од купечката, но купечката имала повеќе различен зеленчук во еден производ или оброк. Поточно, домашната храна за бебиња содржела просечно два различни вида зеленчук по оброк, додека купената содржела дури три.
Понатаму, домашните каши содржеле 44% повеќе протеини, но исто така имале 26% поголема енергетска содржина и поголема вкупна содржина на масти. Така, 65% од купените кашички ја задоволувале препорачаната енергетска густина – енергетската содржина по единица маса, додека дури 50% од домашните каши го надминувале препорачаниот опсег. Сепак, домашните каши се покажале значително поевтини.
Земајќи ги предвид овие резултати, авторите навеле дека внесувањето исклучиво храна купена од продавница ја зголемува веројатноста детето да има помалку разновидна исхрана, особено кога станува збор за внесување зеленчук и риба. Сепак, тие исто така забележале дека домашно приготвената храна често содржи повеќе калории, па затоа треба да се обрне внимание на содржината на масти во нив. Иако мастите се важни за развојот на детето, прекумерниот внес може да го зголеми ризикот од дебелина. Затоа заклучиле дека можеби најдобрата опција е да се комбинира домашната и купечката храна за мали деца.