Каде одат умрените?

Не е невообичаено децата да поставуваат прашања за смртта. За многу од нив концептот на смртта е збунувачки. Но, со оглед на тоа што се ослободуваме од стравовите зборувајќи за нив. креирањeто на атмосфера во која ќе може да се разговара за смртта како и за сите други теми е од голема важност за децата од било која возраст, особено за децата кои сѐ уште не го разбираат во потполност концептот на смртноста.

549

Смртта е дел од животот, но сепак е непријатна тема за разговор и е сѐ уште е една од најголемите табу теми, избегнувана во светот на возрасните и во секојдневното живеење. Имајќи го ова на ум, честопати може да се најдеме збунети кога децата ќе ни постават прашање за смртта и неподготвени да им ја пренесеме оваа реалност која е дел од животниот циклус.

Не е невообичаено децата да поставуваат прашања за смртта. За многу од нив концептот на смртта е збунувачки и вообичаено немаат доволно вокабулар да го изразат она што го чувствуваат. За нив смртта  е привремена, повратна и потребно им е да ги повторуваат прашањата во нивниот обид да ја разберат смртта и да се чуствуваат безбедно во овој процес.
Се ослободуваме од стравовите зборувајќи за нив. Креирањeто на атмосфера во која ќе може да се разговара за смртта како и за сите други теми е од голема важност за децата од било која возраст, особено за децата кои сѐ уште не го разбираат во потполност концептот на смртност.

Помеѓу петтата и деветтата година, повеќето деца ќе согледаат дека сите живи нешта умираат, иако на почетокот тоа и не мора да си го поврзат со себеси. Како што децата созреваат, на патот кон адолесценцијата, почнуваат во потполност да разбираат дека смртта е дел од животот, дел од животниот циклус и дека и тие ќе умрат еден ден. Важно е да имате на ум дека сите деца се развиваат со различна динамика и сите го искусуваат животот на уникатен начин, како посебни индивидуи, па така и осознавањето и реакцијата на концептот за смртност ќе биде различен за сите деца.

Што да направите за да си го олесните разговорот за смртта со вашите деца

Преиспитајте ги сопствените ставови, чувства и доживувања за смртта. Сите имаме различи механизми за справување со оваа реалност, она што е значајно е да сме свесни за начините со кои се справуваме со интензивните доживувања на страв. Запрашајте се дали смртта ве плаши или ве ужаснува? Дали можете да разговарате воопшто на оваа тема или ќе направите сѐ за да ја избегнете? Кои се вашите верувања за смртта? Што ви помага да го надминете стравот од смртта? Дали ви е полесно да измислите приказна за детето во која и самите не верувате со цел да го заштитите детето од чувстваата на тага или страв? Со кого можете да разговарате на оваа тема и дали воопшто го правите тоа?

Зборувајќи за своите стравови се ослободуваме од нив – создадете сигурна,  безбедна средина за разговор. Децата се одлични набљудувачи и се сензитивни на емоциите, постојано забележуваат со кои емоции сме обоени. Кога ќе забележат дека ни е непријатно, тажно и застрашувачко и ним може да им стане непријатно, тажно или застрашувачко. Децата имаат дилема дали да поставуваат прашања, доколку почувствуваат дека за нешто избегнуваме да разговараме. На тој начин испраќаме порака дека овој разговор не е безбеден и тоа може да ја зголеми вознемиреноста и загриженоста кај децата. Им олеснуваме на децата да зборуваат со нас кога сме отворени, искрени и релаксирани во врска со сите емоции кои може да дојдат кога разговараме за смртта.

Примери од природата  – додека  децата се мали најдете едноставен начин, со конкретни и познати примери да им ја објасните смртта на децата. Добро е да го направите тоа преку разговори за циклусите во природата. Сите живи нешта се раѓаат, растат, се развиваат и умираат. Најпрво можете да искористите како пример животно или растение преку кој ќе му дадете на детето слика за тоа што точно се случува во природата – цвеќето повеќе не расте и не цвета, не можам повеќе да го хранам со вода и светлина, кучето повеќе не лае и не трча.  Важно е да потенцирате дека сите живи работи умираат, дека е тоа природен тек и дека овој циклус всушност создава место за да се родат нови работи на земјата. Оваа тема можете нежно да ја донесете при една вообичаена прошетка во природа, кога ќе наидете на мртва пеперутка или бумбар или кога ќе здогледате некое скапано овошје.

Кога станува збор за луѓето обидете се да објасните наједноставно што се случува со телото – телото на човекот повеќе не функционира – не дишеме, не се движиме, не зборуваме, ниту размислуваме. Што почесто зборувате за смртта и што значи таа, толку помалку детето ќе биде збунето кога смртта ќе му се случи на некој член од фамилијата.

Тага и страв – основни човечки емоции

Можеби имате очекувања дека децата постојано треба да се среќни и сакате да ги заштите од непријатните емоции, но децата секако и ќе бидат тажни и ќе тагуваат и ќе бидат исплашени и ќе стравуваат, можете да бидете покрај нив и да им помогнете полесно да ги искусат овие непријатни, но основни човечки емоции. Секоја емоција има свој придонес во развојот на емоционалната интелигенција и потребно е да учиме на сите  да им посветиме подеднакво внимание, сите се добредојдени. Сите емоции се важни и е потребно да им се даде простор да се искусат, без да се создаде чувство на вина за одредени емоции.

Верувања за смртта – Објаснете му да на детето дека луѓето имаат различни верувања за смртта и што се случува после смртта.  Обидете се да ги понудите вашите верувања и бидете отворени детето да има свои. Сосема е во ред да му кажете на детето дека ги немате сите одговори. (Не го знам одговорот на тоа прашање). Децата ќе ја почувствуваат вашата автентичност и ова им помага да осетат дека е во ред да не знаат сѐ. Доживувањето на смртта и нашите ставови кон смртта ќе нѐ носат кон различни одговори  во различни периоди од нашите животи и тоа е сосема во ред.

Спомени и сеќавања – Доколку некој член од фамилијата е починат, дозволете да се зборува за него и да се негуваат спомените и сеќавањата што ги имате. На тој начин му даваме до знаење на детето дека оној што умрел нема да биде заборавен и дека ќе биде со нас во сеќавањата и спомените.

„Баба не можеме да ја видиме, но можеме да се сеќаваме на неа кога и да посакаме“.

Децата учат со повторување и очекувано е повторно и повторно да поставуваат прашања за смртта, сите со различно темпо, некои деца можеби ќе бидат тивки на почетокот, па подоцна ќе продолжат со прашањата, додека други ќе ве бомбардираат со прашања. Како што децата се стекнуваат со нови искуства, ќе бараат повеќе објаснувања и простор да ги споделат нивните мисли и доживувања.

Повеќето деца ќе го надминат стравот од смртта и ќе се вратат на фокусот на „сега и овде“ и како што ќе созреваат повторно ќе му се навраќаат за да го преживуваат повторно на различни нивоа.

Смртта е дел од нашиот живот и секако дека нѐ растажува и застрашува, но може да нѐ води и кон учење да развиваме благодарност за животот и да го славиме. Разговорот за смртта може да го водите кон оваа цел, крајот на разговорот да ве донесе во сегашноста и да го искористите како прилика за развивање благодарност за животот и негување на животот преку здрави животни навики.

Пишува: Ирена Жунгулова, психолог и гешталт психотерапевт

Повеќе