Како влијаат кавгите на родителите пред децата? Еве кои се најчестите негативни последици од расправиите
Како што објаснуваат психолозите, детето чии родители често се расправаат може да се чувствува несигурно, да ја изгуби самодовербата и да има зголемен ризик од депресија и други ментални нарушувања.
Иако понекогаш е сосема разбирливо родителите да се расправаат меѓу себе пред своите деца, психолозите предупредуваат дека честите расправии на кои е присутно детето може да резултираат со негативни последици по неговото физичко, а особено по менталното здравје. Имено, бројни истражувања покажале дека нивото на стрес алармантно се зголемува кај децата кои се принудени често да ги гледаат и слушаат кавгите на нивните родители.
Како што објаснуваат психолозите, детето чии родители често се расправаат може да се чувствува несигурно, да ја изгуби самодовербата и да има зголемен ризик од депресија и други ментални нарушувања. Имено, за детето неговото семејство е безбедна средина, а доколку има впечаток дека не го добива тоа од родителите, тоа ќе почне да се повлекува во себе, пренесува Тајмс оф Индија.
На ист начин, детето кое како дете постојано ги гледало расправиите на своите родители, многу веројатно ќе прерасне во возрасен човек кој не знае како да ги решава конфликтите или несогласувањата со другите на мирен начин. Токму моделите што ги гледаме од нашите родители се тие што нè обликуваат подоцна во животот.
Истражувањата дури покажаа дека децата чии родители имаат тенденција да ги решаваат своите несогласувања со викање или физичко насилство, дури и пред нив, се повеќе склони кон насилство од врсници бидејќи го копираат она што го гледаат дома.