Многу воспитни практики кои некогаш се сметаа за нормални, сега се почесто се преиспитуваат. Иако застареното не мора да значи лошо, во некои случаи фразите што се пренесуваат од генерација на генерација може да имаат штетен ефект врз емоционалниот развој на децата.
Некои родители едноставно го повторуваат она што ним им го кажувале нивните родители, но како што децата растеле, некои станале терапевти, советници и истражувачи на човечкото однесување – и многумина заклучиле дека овој пристап повеќе не е соодветен.
Ова се фразите кои, според експертите, можат да бидат емоционално штетни и кои родителите треба да ги избегнуваат.
Немаш од што да се плашиш
Семејната советничка Рене Џејн нагласува дека стравот што го чувствуваат децата не е замислен, туку реален, дури и ако е поттикнат од „лажна тревога“. Анксиозноста предизвикува механизам за преживување во телото и умот на детето, а игнорирањето на ова чувство испраќа порака дека нивните емоции се неважни. Децата може дури и несвесно да го зголемат својот страв за да привлечат внимание на она што ги мачи. Џејн препорачува родителите да ги признаат и да ги потврдат чувствата на своето дете, наместо да ги отфрлаат, пренесува YourTango.
Премногу си чувствителен/чувствителна
Според терапевтката Глорија Брам, оваа фраза може да биде форма на емоционална манипулација, позната како излудување (gaslighting), особено ако доаѓа после навредлив коментар. Кога родителите ја омаловажуваат емоционалната реакција на детето и ја префрлаат одговорноста за конфликтот врз детето, тоа ја поткопува самодовербата на детето.
Фразата имплицира дека длабоките емоции се нешто негативно, нешто што децата треба да го скријат или променат. Брам истакнува дека чувствителноста е природна особина, а не слабост. Критикувањето на децата за нивната емотивност всушност го ускратува нивното право да бидат тоа што се.
Ќе биде како што велам и на никако поинаку
Психологот Шерон Салин предупредува дека оваа фраза го одразува авторитарниот стил на родителство заснован на моќ и недостаток на емпатија. Таквиот пристап ги игнорира потребите и чувствата на детето, создавајќи атмосфера во која нема простор за дијалог.
Наместо да се охрабрува учењето и личниот раст, фокусот е единствено на резултатите и послушноста.
Салин посочува дека родителското совршенство не е ниту реалистично ниту здраво, а давањето простор на децата да учат и самостојно да се изразуваат, ја гради нивната самодоверба. Отвореноста, поддршката и подготвеноста за разговор носат поздрава динамика на долг рок.
Престани да плачеш или ќе ти дадам причина за плачење
Според советникот Лари Мишел, оваа реченица го учи детето дека изразувањето емоции е опасно и може да доведе до дополнителна казна. Со текот на времето, ова може да предизвика емоционално потиснување и тешкотии во справувањето со сопствените чувства во зрелоста. Наместо детето да научи како да ја обработува тагата, стравот или фрустрацијата, тоа учи како да ја скрие. Мишел истакнува дека ваквите закани го отежнуваат развојот на емоционалната интелигенција.
Многу сум разочаран од тебе
Советничката Клер Вајсман нагласува дека ваквите реченици, како и коментарите како „Ти си товар“, може сериозно да го нарушат чувството за самопочит кај детето. Наместо да изразуваат поддршка, ваквите изјави создаваат емотивен товар и чувство на срам.
Вајсман препорачува користење на охрабрувачки реченици кои ќе му помогнат на детето да се чувствува сакано и прифатено. Примерите вклучуваат: „Знам дека се трудиш“ или „Горд сум на тебе што се трудиш“. Ваквиот пристап поттикнува развој на самодоверба и сигурност во родителската љубов.