Кога е право време да ги запознаете децата со новиот партнер?

Уверете ги дека тоа што имате нова личност во животот не може да ги промени вашите чувства кон нив. Дека нема да го замени местото на другиот родител и дека не ги менува односите помеѓу вас и вашиот поранешен партнер односно, вашиот изграден родителски сојуз.

185

Запознавањето на нов партнер, влегување во нова врска и будењето на емоции кон новиот партнер особено после развод, често е еден од најлекувачките и највозбудливите периоди .

Од друга страна пак, земајќи го предвид стресниот период и измешаните чувства на децата поради разводот на нивните родители, често се поставува прашањето кога е соодветно време да се запознаат децата со новиот партнер. Не постои точно дефинирано правило кое би било универзално, сепак сѐ зависи од дадената ситуација. Но некои насоки би можеле да помогнат да се олесни целиот процес.

Особено е важно пред да решите да ги запознаете своите деца со новиот партнер, да бидете прилично сигурни  дека тоа е вашиот вистински избор. Би било добро најпрво да поразговарате со вашиот нов партнер за вашата релација и подготвеноста вашата врска да премине во следна фаза. Доколку постои некаков сомнеж или се разидувате во идејата за заедничка иднина со партнерот,  најдобро би било да не ги изложувате вашите деца на дополнителен стрес.

Имајте превид дека на вашите деца ќе им биде потребно време да ја процесираат разделбата на своите родители, да се адаптираат на новата ситуација и да ја прифатат новата семејна динамика. Затоа не брзајте со одлуката. Добро би било доколку е можно најпрво да го известите вашиот поранешен партнер, за да можете прво вие двајцата да ја разработите евентуалната тензија, за потоа заедно да им го олесните овој период на вашите деца.

Ќе биде потребно најпрво децата да знаат за постоењето на вашата врска со што ќе им се даде време да се навикнат на идејата за нова личност во вашиот живот, а потоа да ја запознаат. Уверете ги дека тоа што имате нова личност во животот не може да ги промени вашите чувства кон нив. Дека нема да го замени местото на другиот родител и дека не ги менува односите помеѓу вас и вашиот поранешен партер односно вашиот изграден родителски сојуз. Уверете ги дека тие секогаш ќе бидат најважни за вас како родители.

Прашајте ги за чувствата и размислувањата кои ги имаат по однос на новата ситуација. Дозволете им да зборуваат искрено и валидизирајте ги нивните чувства. Охрабрете ги со тоа што ќе им кажете дека во овој период е нормално да се јават измешани чувства и дека можат слободно да зборуваат за тоа.

Имајте на ум дека е особено важно во оваа фаза на запознавање со новата личност да поминувате време еден на еден со вашите деца. Воведувањето на новата личност во животот на децата нека оди постепено. Направете прво една пократка средба и доколку сѐ се одвива релативно добро може да ги зачестите заедничките средби.

Сето ова би требало да ја олесни оваа фаза во која се наоѓате вие и вашето семејство. Ќе биде добро да се вооружите со трпение и разбирање. Секогаш имајте на ум дека може да се обратите и на стручно лице кое ќе ве води вас и вашето семејство низ целиот процес.

Пишува: Александра Стојановска, психолог, семеен и системски советник, супервизор на Линијата за родители

Повеќе