„Кога мама заборави дека ме сака“: Второ издание на книгата за крадецот на спомените

Повеќе од 20.000 лица во земјава се соочуваат со некаков вид деменција, најголем дел од нив имаат Алцхајмер, но малкумина се оние кои не се срамат да зборуваат јавно за својата или за болеста на свој близок. Една од нив е авторката на книгата „Кога мама заборави дека ме сака“, која годинава го доби и своето второ издание.

703

На 20.април минатата година во скопското Бифе Тафталиџе беше промовирана книгата „Кога мама заборави дека ме сака“ на авторката Драгица Русевска Христова, а во издание на „Топер“. Промотори на книгата беа рецензентката Билјана Илиќ и д-р Габриела Новотни, авторка на предговорот во книгата која е всушност лична приказна на Русевска Христова за животот со нејзината мајка откако таа заболува од деменција.

Книгата „Кога мама заборави дека ме сака“, годинава го доби и своето второ издание во кое освен предговорот на д-р Новотни, сега е вклучена и рецензијата на Билјана Илиќ.

„Членовите на семејството не се соочуваат само со деменцијата на родителот, туку и со сопствените демони. Како да се однесувате со лице кое мисли дека му ги крадете алиштата, дека сте натрапник и во сопствениот дом на сиот глас моли за помош? Како да се однесувате со пријателите, со колегите, кога цело време мислите во каква состојба ќе го најдете домот и мама во него, кога ќе се вратите? Како да продолжите да го живеете својот живот кога гледате како венее родителот а вие не можете ништо да сторите околу тоа?“, вели Илиќ.

Според доктор Новотни од Клиниката за неврологија, која е и претседател на здружението за подобрување и унапредување на правата на лицата со Алцхајмерова болест – Институт за Алцхајмерова болест и Невронаука, болеста започнува во мозокот околу десет па и дваесет години пред да се појават првите симптоми.

„Долгогодишен сопатник, „паразитира“ скоро една третина од животот и се храни со туѓите спомени. Најпрво свива гнездо во делот од мозокот каде што е библиотеката на нашите спомени. Тука му е убаво, како на големо филмско платно, воајерски ги разгледува сите слики-спомени, кои нанижани една до друга, обоени со радост, тага, среќа, копнеж и сите други форми на емоции го прават колажот едноставно наречен живот. На почетокот се храни со оние скорешните, најновите спомени, па предметите мистериозно исчезнуваат од домот, или се на погрешни места или се раѓа сомнеж дека некој ги краде. Мислата се прекинува и останува недовршена, годината е некоја претходна, веќе измината, а прашањата исти та исти се повторуваат во денот како реприза на веќе видена епизода од серија. Но никој сè уште не се сомнева дека ова е масло на тивкиот крадец на спомените. Минуваат месеци, па и години и како што се храни со туѓите спомени станува поголем, посилен, похрабар, па се раскомотува удобно во мозокот како тој да е домаќин, а не непоканет гостин. Си прави доградба-дивоградба на својата куќа во делот од мозокот кој е одговорен за ориентација, па веќе враќањето дома по испиеното кафе кај комшиката станува предизвик и бескраен лавиринт од улици и улички кој нема крај. Страв, несигурност, тага, сè почесто ви прават друштво, а го избегнувате друштвото на пријателите зашто веќе и нивните имиња и ликови се толку помешани, па поудобно е да си бидете сам со себе и со натрапникот кој се храни со вашиот живот. Но тој нема мерка…“.

Ова е дел од сликовитиот опис на Алцхајмеровата болест на д-р Новотни, во предговорот за книгата.

Според Светската здравстена организација, бројките на лица со деменција вртоглаво ќе пораснат на 78 милиони во 2030 и 139 милиони до 2050, што е скоро тројно од моменталните 55 милиони. Токму поради тоа и поради фактот што сѐ уште не постои лек за кој било вид на деменција, во светски рамки, фокусот е на превенција, поддршка и нефармаколошки третмани. Сепак, токму овие аспекти од менаџирањето на деменции се слаба точка на македонскиот здравствен систем.

Во меѓувреме, повеќе од 20.000 лица во земјава се соочуваат со некаков вид деменција, најголем дел од нив имаат „Алцхајмер“, но малкумина се оние кои не се срамат да зборуваат јавно за својата или за болеста на свој близок. Една од нив е авторката на книгата која со длабока искреност целосно се соголува себеси пред читателите раскажувајќи за животот со мајката која повеќе не ја препознава, но и за сопствените демони, честите падови и ретките издигнувања.

Повеќе