Кога татко ќе ѝ купи на ќерката мајсторски сет… Грижлив скопјанец ја израдувал ќерка си со женски сет со алати

Дваесет и шест годишната скопјанка Јана деновиве го добила, како што вели, еден од најубавите подароци во животот. И верувале или не, не станува збор за нешто големо како нов автомобил, убав женски велосипед, розов лаптоп или слушалки, ниту пак за мобилен, облека или сет со шминки, туку за мајсторски сет. И не каков било, туку сет со алати во РОЗОВА боја.

698

Јана е дваесет и шест годишна девојка и уметница од Скопје со која деновиве бевме на кафе па ни ја раскажа приказната за нејзината симпатична розова торба која ја носеше со себе и за нејзината содржина. Кога ја отвори, имавме што да видиме. Беше тоа една многу убава и практична колекција од розови штрафцигери, клешти, навртки, завртки и уште многу за нас непознати мајсторски алатчиња.

Јана ни кажа дека е тоа подарок од нејзиниот татко и ни ја раскажа целата приказна.

„Еднаш кога со дечкото одевме накај Стење, ни се расипаа светлата на автомобилот. Беше веќе темно, а ние возевме по автопат без светла до првата бензинска станица. Застанавме да купиме сијалички и ги прашавме дали тие можат да ни помогнат да ги смениме или дали барем имаат некој алат, затоа што за да се сменат, треба да имате штрафцигер, а ние во автомобилот немавме ништо. Стигнавме некако до нашата дестинација и утредента ги сменивме. Кога се вративме во Скопје му кажав на татко ми што ни се случило и го замолив да стави во автомобилот една мала алатница која си ја купив самата пред некоја година, ама ја имав сосема заборавено, за да ми се најде за некоја слична ситуација во иднина. Наместо тоа, после неколку дена, навечер, ми заѕвони телефонот и татко ми кажа да излезам во дворот за да ми даде нешто. Мислев дека довлечкал некое кученце, затоа што секогаш носи дома по некое бездомно куче на кое му треба помош, а тетка ми која живее кат подолу во истата семејна куќа веќе превртуваше со очите: Леле, пак ли, доста веќе, малку ли ни се две толкави „магариња“ и една мачка дома!“, раскажува Јана.

И претпоставувате, тоа е тоа. Наместо куче-маче, евентуално, иако не баш многу веројатно, нов автомобил, убав, нов розев лаптоп, некоја облека, шминки или барем нови фенси слушалки, таа го добила овој преубав сет со комплет алати во розова боја.

И бидејќи Јана е една навистина кул девојка, вели дека одамна не добила толку убав подарок.

„Инаку, татко ми е електро-инженер и има фирма за електрични инсталации, а купувањето нови алати, разни гаџети, па дури и малтене фенси мајсторска облека и чевли, немаше шанси да не најде вакво нешто. Нема многу такви татковци како мојов, нели?“, вели Јана.

А сетот со алати? Дали е тој веќе на своето место, во багажникот на автомобилот?

Е не, сѐ уште не е. Вели дека толку ѝ се допаѓа што сега наместо со женска торба, почнала да излегува со оваа торба со алати низ град.

„Уште малку, додека да ми помине малку меракот, после им ветив на мајка ми и на татко ми дека ќе ја ставам во багажник, ако не порано, барем пред да одам некаде надвор од градот“, се смее Јана.

Патем, нели е ова навистина фантастична идеја за подарок, особено за оние жени кои живеат сами и особено денес кога останаа толку малку мајстори во градов и воопшто, во државата.

Повеќе