Луѓето кои градинарат имаат подобри когнитивни способности во староста

Една нова студија покажала дека градинарството може да помогне во одржувањето на здравјето на мозокот во позрели години

121

Револуционерното истражување на психолозите од Универзитетот во Единбург следело стотици Шкоти и нивниот начин на живот во период од речиси еден век.

Откриено е дека времето поминато во градината може да ги заштити луѓето од модерното проклетство на деменцијата до возраст од 80 години, без разлика на социјалниот статус и образованието, пишува Daily Mail.

„Ментално стимулативната природа на градинарството, сè уште релативно неистражена, може да го подобри капацитетот на мозокот дури и во старост“, пишува во трудот објавен во Journal of Environmental Psychology.

Здружението за Алцхајмер од Шкотска ги опишало наодите како „охрабрувачки“.

„Луѓето често не се свесни за придобивките што може да ги донесе градинарството.

Копањето, садењето и плевењето ќе ја зголемат силата на рацете, а истражувањата покажаа дека тоа може да има позитивен ефект врз здравјето на мозокот“, рекла Џилијан Консил, извршна водителка на добротворната организација за здравје на мозокот и иновации.

Одгледувањето на сопствената храна исто така може да ви помогне да се храните поздраво, што е уште една придобивка од градинарството.

Заедничките градини се исто така добра идеја и одлично место за дружење и поврзување со други луѓе, што позитивно влијае на здравјето на мозокот бидејќи ја намалува осаменоста и изолацијата.

Истражувачкиот тим ги собрал податоците како дел од долгорочна студија за функцијата на мозокот наречена Lothian Birth Cohorts.

Во 1921 година, децата родени во и околу Единбург направиле тест за интелигенција на единаесетгодишна возраст за да се измери нивната способност за расудување и аритметика. Стотици од нив биле пронајдени подоцна во животот на почетокот на векот и го правеле истиот тест кога имале 79 години.

Тие, исто така, дале детали за нивниот начин на живот и често поминувале низ проценки на нивното здравје на мозокот до 90-тата година од животот.

Од 467 тестирани луѓе, скоро 30 проценти никогаш не градинариле во животот, но 44 проценти продолжиле да го прават тоа редовно, дури и во старост. Резултатите покажале јасна поделба.

Во просек, 280 од нив кои често или понекогаш се занимавале со градината, имале подобри когнитивни способности како пензионери отколку на возраст од единаесет години.

Но, 187-те кои никогаш или ретко се занимавале со градинарење имале пониски резултати на тестот отколку кога биле деца.

Нездравиот начин на живот го зголемува ризикот од развој на деменција, но се верува дека одржувањето на мозокот активен и доволно сон може да ја спречи оваа појава.

Д-р Џени Корли, водечки автор на студијата, рекла дека врската помеѓу градинарството и здравото когнитивно стареење е во голема мера занемарена.

„Ангажманот во градинарски проекти, учењето за растенијата и грижата за градината воопшто вклучува сложени когнитивни процеси како што се меморијата и извршната функција.

Поголемото ангажирање во градинарството може да биде директно поврзано со помал ризик од когнитивно опаѓање“, додала таа.

Денис Барет (76) троши околу 30 часа неделно на својата парцела во Budhill & Springboig Allotments во источниот крај на Глазгов.

„После стресна кариера, сега сум надвор, на свеж воздух. Се чувствувам порелаксирано, спијам добро, добро јадам и одлично ми оди“, изјавил пензионираниот директор за продажба на автоделови.

„Можам да видам зошто градинарството го одржува мозокот активен. Мора да имате план, тој мора да биде долгорочен и мора да се држите до него ако сакате да имате добра градина.

Веќе имам семиња за следната година. Освен тоа, секој ден ќе научите нешто ново“, додал Барет.

Повеќе