Момче со аутизам ќе пее на детскиот фестивал „Тра ла ла“: Ние не сме аут, само знаеме понекогаш во себе да се скриеме

Единаесетгодишниот Лука Ристановски кој има аутизам, на 14 декември ќе пее на детскиот фестивал „Тра ла ла“. Со песната со која ќе настапи „Како сите други“, тој порачува: ние не сме аут, само знаеме понекогаш во себе да се скриеме. Сѐ уште тригер за тантруми му се детските гласови, особено оној на неговата помала сестричка Јована, но никогаш немал трема од јавни настапи.

1.419

Лука Ристановски има 11 години, живее со своето семејство во Битола и има аутизам. Главен тригер за неговите напади на бес му се звуците на детскиот говор, а особено го вознемирува оној на неговата помала сестричка Јована, од едноставна причина што неа почесто ја слуша. Иако Лука ја сака сестричката, честопати го вознемирува нејзиниот глас. Заради аутистичниот спектар на нарушувања на Лука, освен детскиот џагор, му пречи и звукот од сирените на возилата и лаењето на кучињата.

За него сме пишувале и претходно бидејќи е навистина посебен, но не во оној контекст кој се подразбира како за дете со посебни потреби, туку е посебен по многу други убави нешта.

На пример, покрај својот дедо кој е поп, Лука научил многу црковни песни, велигденски, божиќни, Оче Наш, Богородице Дево, па иако порано не сакал да оди во црква, сега, вели неговата мајка Ирена Николовска Ристановска, кога ќе влезе во црква, оди сам кај иконата, се наведнува, ја кажува ‘Оче наш’, ја кажува ‘Богородице Дево помилуј ме’, се прекрстува и сето тоа со наведната глава.  Кога ќе го праша што сака да биде кога ќе порасне, еднаш ѝ вели доктор, а другпат – поп, но како тргнало, можно е да стане пејач.

Лука никогаш досега немал трема на јавни настапи. Неговата мајка се сеќава дека првпат, на 5 години учествувал на новогодишна претстава во предучилишната група од училиштето кое тогаш го посетувал и изрецитирал песна за Нова година. На 6 години, на караоке забава во една игротека на која биле присутни само мајки и деца, тој на микрофонот отпеал песна од Дино Мерлин. Следеле научените црковни песни и молитви, а минатото лето зел учество и на еден настан од културен карактер: „Со книжевност до свесност за поинаквоста“, на кој пред присутните во еден здив ја изговорил „Оче наш“. Следното било годинава, кога на промоцијата на стихозбирката на неговата мајка, „Тој ме научи“, која му е посветена токму нему и на сите деца и лица како него, ја отпеал песната „Јутјубери“.

Воопшто немал трема сѐ до оваа година на снимањето на неговата прва песна кога гласот за првпат му затреперил, а го згрешил и текстот на почетокот.

„Се израдував затоа што забележав трема, бидејќи тоа значи дека е свесен за моментот и за одговорноста за истиот. Минатата година бевме во комуникација со одговорниот на детскиот фестивал Си-до, кој веднаш прифати да дојде на аудиција бидејќи му испративме видеа како пее, но не успеавме да се искоординираме со термините. Лука е зафатен со логопетски и дефектолошки третмани, но искрено, по малку и се плашевме со сопругот да бидат на истиот фестивал со неговата помала сестричка Јована, од причина што Лука е сѐ уште сензитивен на детски говор, а особено го вознемирува нејзиниот глас кој сѐ уште знае да му биде тригер пред тантрум“, раскажува Ирена.

Но кога нешто сака да се случи, ќе се случи. Таткото на Лука, Лазе Ристановски и директорот на „Тра ла ла“ се договориле да го слушнат и Лука, а потоа директорот на фестивалот испратил неколку видео-снимки на кои Лука пее, до Кристијан Габровски кој е автор на текстот и музиката на песната „Како сите други“.

„Тој веднаш даде зелено светло. Лука ја учеше песната околу две недели што е прилично краток период бидејќи некои зборови е тешко да ги научи и правилно да ги изговори, односно да ги отпее, но затоа пак интонациски е непогрешлив. Дома сите го поттикнувавме да потпевнува со нас, онака спонтано, без притисок. Ги замолив и неговиот образовен асистент и наставничката, на воннаставните активности да побараат од него да им ја пее, па така еден ден кога отидов да го земам од училиште, слушам многубројни детски гласови пеат: „Ние сме тука, исти сме ко вас, некогаш сме тивки, а некогаш викаме на глааас“. Влегов и го видов Лука исправен пред табла ја пее песната, наставничката и асистентот до него со насмевки и поддршка, а децата од класот пеат со него. Плачев од среќа“, вели мајката на Лука која е среќна поради подршката што ја има Лука во училиштето, но и тие како родители, од нивните семејства.

Таа не знае дали Лука ја разбира целосно содржината на песната.

„Иако сум негова мајка и иако умешноста да се допре душата ми е дел од професијата, не знам дали ја разбира суштински, но од емоцијата и од тоа како ја пее, мислам дека делумно ја разбира“, вели таа.

И Ирена и нејзиниот сопруг сакаат само тој да е среќен во својата кожа.

„Сѐ што сакам како негова мајка е тој да се чувствува спокојно додека го прави она за што е создаден и надарен, а најмногу од сѐ сакам оваа песна да допре до срцата на сите кои ќе ја чујат. Не сакам да разбуди емоции на сожалување, туку напротив, свесност за едно искрено прифаќање на сите под ова небо. Сакам да ги поттикне сите да им овозможат на лицата со попреченост да ги уживаат своите права“, вели Ирена.

Како сите други

Ние сме тука исти сме ко вас

Некогаш сме тивки, а некогаш викаме на глас

Ние не сме аут, само знаеме

понекогаш во себе да се скриеме

Ко сите други ние сме исти

полни со радост и души чисти

За солзи и смеа знаеме и ние

и во нас исто срце бие

Се смееме на глас и се радуваме

кога сме тажни, како сите си тагуваме

Ние не сме аут, само знаеме

понекогаш во себе да се скриеме

Ко сите други ние сме исти

полни со радост и души чисти

За солзи и смеа знаеме и ние

и во нас исто срце бие.

Повеќе