Најмладото преживеано недоносено дете во светот е родено во 19-тата а кај нас, во 23-тата гестациска недела

Кожа на кожа е мотото на годинешното одбележување на Светскиот ден на недоносените деца. За ова, како и за резултатите од клиничката студија за колекцијата на Бекутан сензитив се зборуваше на заедничкото одбележување на овој ден на Здружението на неонаталози на Македонија и компанијата Алкалоид.

324

Здружението на Неонатолози и Алкалоид АД Скопје, по повод светскиот ден на предвремено родените деца, организираа стручен собир, а соопштија и за резултатите од клиничкото истражување за линијата Becutan Sensitive, спроведено во нашата земја.

За ова зборуваше прим. д-р Марина Поп Лазарова, која го соопшти годинешното мото на светскиот ден на недоносените, кој се организира низ целиот свет по 15. јубилеен пат, а тоа е обезбедување „контакт кожа со кожа за секое новородено бебе”.

Докторката зборуваше за тоа дека кожата како најголем орган на човековиот организам, кај новороденото дете има повеќе функции, заштитна, па одржување на соодветен баланс на течности и електролити, одржување на температурна стабилност, исто така и сензорен орган во кој се сите рецептори за болка, притисок и за допир, па затоа треба многу да ја заштитуваме и негуваме. Во тој контекст Поп-Лазарова ги соопшти резултатите од шестмесечната клиничка студија во која биле опфатени 300 новородени деца, од кои 85 проценти биле доносени, а 15 проценти, недоносени.

„Со користење на препаратите од колекцијата Бекутан сензитив на Алкалоид во оваа студија се покажа дека препаратите од истата се одличен соработник за чување, нега и заштита на новороденечката кожа, вклучително и вулнерабилната кожа кај предвремено родените деца. Претходно оваа колекција е тестирана во релевантна лабораторија во ЕУ, а ние само продолживме со ова клиничко испитување тие шест месеци и сумираните резултати и нашите клинички искуства кои ги имавме во тие пет институции кадешто се спроведуваше, покажаа дека Бекутан сензитив е безбедно и корисно средство за заштита на кожата кај новородените, вклучително и кај предвремено родените“, рече д-р Поп-Лазарова.

Претходно, претседателката на здружението на неонаталози Силвана Наунова-Тимовска зборуваше за тоа дека благодарение на големиот технолошки напредок и соработката на гинеколозите, акушерките и педијатрите-неонатолози, процентот на преживеани предвремено родени бебиња значително се зголемила во последниве години.

„Америка и Австралија предничат во преживување на предвремено родените деца па така таму најмалото преживеано дете кое е родено во 2021. година и си живее нормално без некои поголеми последици, е родено во 19-тата гестациска недела. Ние пак можеме да се пофалиме со тоа дека кај нас, првото најмало преживеано недоносено бебе е родено во 23-тата гестациска недела“, рече Наунова-Тимовска.

Според неа, денес дури и екстремно предвремено родените бебиња, имаат зголемени шанси за да преживеат благодарение на напредокот на медицината и технологијата и методите.

Таа нагласи дека секаде во светот постои тренд на зголемување на бројот на предвремено родени, а за ова има повеќе причини.

„Секаде во светот постои тренд на зголемен број на предвремено родени деца, но истовремено постои и тренд на намалување на самиот наталитет. За зголемениот број на недоносени деца има повеќе причини. Од една страна е поместувањето на самата возрастна граница на раѓање, односно, тоа што мајките сѐ подоцна стануваат мајки, а од друга страна тука е и раната, адолесцентна бременост, потоа и самиот стил на живот, стресот, разните навики, вештачкото оплодување, многубројни се причините заради кои се зголемува бројот на недоносени деца, но можеме да се пофалиме и дека се зголемува и процентот на нивното преживување. Денес има многу можности и технологии и методи за преживување, но не само за преживување, туку и за преживување без или со минимални последици“, рече д-р Силвана Наунова-Тимовска

Повеќе