Назад на дрво! Времето поминато во близина на дрвја, дури и во град, може да го подобри менталното здравје на тинејџерите

Дури и ако живеете во град, сеедно, доближете се до зеленилото, одете во најблискиот парк или шума и намалете ја анксиозноста, открива ново истражување.

69

Тинејџерите во голема мера продолжуваат да се борат со менталното здравје по пандемијата, но постои нов начин на кој родителите ќе можат да помогнат.

Да се биде надвор меѓу дрвјата додека дишеме длабоко и ја доживуваме смиреноста што доаѓа со тоа – познато е дека ни го подига расположението. Сепак, придобивките не се толку достапни ако живеете во урбана средина.

Според новото истражување, адолесцентите имале намалена анксиозност кога поминувале време во природа. Со други зборови, упатете се до парковите ако живеете во град бидејќи тие се добри за менталното здравје на вашето дете.

„Иако наодите можеби не се изненадувачки за повеќето луѓе, она што е значајно е дека за првпат, можеме конкретно да кажеме дека се намалува анксиозноста кога децата се во парк, наспроти нивната состојба кога се во градот“, вели Леја Минакер, вонредена професорка по планирање и директор на Иницијативата за идни градови на Универзитетот Ватерло во Онтарио, Канада.

Истражувањето е прво од ваков вид што ги проценило податоците од анкетата на адолесцентите во реално време за нивните емоционални одговори на различни урбани средини. Тимот снимил што имале да кажат децата за престојот во транзитни центри, улици, патеки, паркови и во близина на вода.

Природните урбани простори биле постојано поврзани со значително повисоки нивоа во позитивните резултати за тинејџерите. Всушност, кога гледале во езеро во урбана област две до три минути, нивните резултати на скалата на анксиозност паднале за 9 отсто. Резултатите се зголемиле за 13 отсто кога тинејџерите стоеле во центарот на градот во истиот временски период.

Истражувачите ги приспособиле податоците за да земат предвид други фактори, како што се пол, возраст, етничка припадност, социјален статус и дали поединецот имал или немал дијагностицирано нарушување на менталното здравје.

Авторите се надеваат дека градските планери и градителите ќе ги користат нивните податоци за да се залагаат за природните карактеристики на урбаниот дизајн, дури и кога проектот не се однесува на дизајнирање или редизајнирање на парк. Планерите исто така можат да ги прашаат тинејџерите што би сакале да видат во дизајните, велат авторите.

„Тинејџерите често се исклучени од каква било одлука за градовите во кои живеат“, вели д-р Минакер.

„Важно е да се добијат нивните мислења и да се квантифицираат нивните искуства бидејќи искуствата од детството влијаат на многу долгорочни здравствени исходи и болести“.
Истражувачите не завршиле со разгледување на менталното здравје кај тинејџерите, бидејќи тоа е поврзано со нивната околина. Тие сакаат да ги следат тинејџерите за да ги истражуваат долгорочните економски и социјални влијанија и планираат да го проценат менталното и физичкото здравје на децата кои живеат во високи станбени згради.

Охрабрете го вашиот тинејџер да најде зелен простор или амбиент инспириран од природата во кој може да оди во близина на домот. (И не само во лето)

Поминувањето време таму можеби е токму она што му треба на вашиот тинејџер за да му помогне да се соочи со каков било предизвик за менталното здравје. Уште подобро ако успеете да го поминете тоа квалитетно време со нив.

Повеќе