Не удирај прв, ама ако некој те удри… Дали децата треба да возвратат кога ќе ги удрат?
Дали децата треба да возвратат удар ако некој врсник прв ги удри? Ова вечно прашање повторно разгоре жестока дебата на социјалните медиуми откако Британи Норис, мајка на две деца од Луизијана, го сподели својот контроверзен став на Tик-Ток.
Што мислите вие за ова?
„Ако некој го удри моето дете, не го воспитувам да оди да му каже на наставникот – не го воспитувам тужибаба“, вели Британи Норис, мајка на две деца од Луизијана во видео на Тик-Ток. „Тој сам се справува со тоа, возвраќа, се брани и ако тоа не е доволно, јас ќе се вмешам. Ако е контроверзно, не ми е гајле… Удри посилно“, вели таа во видеото кое повторно разгоре жестока дебата на социјалните мрежи.
Додека некои родители го поздравија нејзиниот совет, други изразија длабока загриженост. „Секогаш ме учеа да не го задавам првиот удар, но да бидам сигурен дека последниот ќе биде мој“, напиша еден корисник. Но, многумина не се согласуваат.
„Ова ги учи децата да користат насилство за да решаваат проблеми наместо да бараат помош. Ја поткопува довербата во наставниците и го отежнува одржувањето на редот во училиштата“, вели еден корисникр. Еден наставник се согласил, додавајќи дека овој став на родителите довел до тоа насилството во училиштата да излезе од контрола.
Зошто оваа тема е толку поларизирачка?
Експертите за однесување велат дека дебатата за возвраќањето удар е сложена бидејќи допира до два клучни родителски инстинкти: желбата да ги заштитиме нашите деца и желбата да одгледаме добри, добро прилагодени луѓе. Психологот д-р Емили Гуарнота разбира зошто родителите инстинктивно ги советуваат своите деца да возвраќаат удар – имаат чувство како да е задоволена правдата. Но, таа и другите експерти не го препорачуваат тој пристап.
„Голем дел од тоа доаѓа од генерациските верувања за цврстината и преживувањето“, објаснува психијатарот д-р Зишан Кан. Тој се сеќава како на многумина од нас како деца ни било кажано: „Ако некој ве удри, вратете, инаку ќе мисли дека сте слаби“. Но, д-р Кан нагласува дека времињата се промениле.
„Сега знаеме многу повеќе за емоционалната регулација, решавањето на конфликтите и социјалните последици од физичката одмазда, особено во структурирани услови како училиштата“, вели тој.
Па, дали треба да го научите вашето дете да возвраќа удар?
Експертите генерално се согласуваат: Одговорот е не. Овој пристап, иако доаѓа од заштитнички намери, ги учи децата дека насилството е прифатлива алатка за решавање проблеми.
„Враќањето на ударот често ја ескалира ситуацијата и ја зголемува веројатноста некој да биде сериозно повреден“, предупредува д-р Гуарнота. Исто така, се пропушта можноста децата да научат поконструктивни животни вештини.
Невозвраќањето на ударот не значи пасивно прифаќање на насилството. „Децата треба да се научат да се залагаат за себе, а удирањето не е единствениот начин. Всушност станува збор за учење на децата за моќ, граници и самопочит“, вели терапевтот Лаура Финк.
Сепак, постои еден исклучок. Во ретки ситуации кога детето е во вистинска опасност, како што е нападот од странец, самоодбраната е клучна. „Целта во таква ситуација не е да се добие борбата, туку да се создаде доволно простор за бекство и барање помош“, вели невропсихологот д-р Санам Хафез.
Што да се прави наместо да се возвраќа ударот?
Ако физичката одмазда не е одговорот, како можете да му помогнете на вашето дете? Експертите нудат неколку стратегии.
Разликувајте тужење и барање помош
Објаснете му на вашето дете дека тужењето се користи за да се доведе некого во неволја, додека барањето помош е насочено кон вашата сопствена безбедност. Изјава како „Ако некој ве турне или удри, барањето помош од возрасен е храбар и паметен избор“ може да биде моќна.
Научете го на моќта на паузата
Удирањето често е импулсивна реакција. Вежбајте длабоко дишење или броење до десет со вашето дете за да го научите како да застане пред да реагира. Таа кратка пауза може да спречи реакција за која подоцна ќе зажали.
Именувајте го чувството
Децата често не знаат како да го изразат она што го чувствуваат, па конфликтите можат брзо да ескалираат. Помогнете им да ги означат своите емоции со фрази како „Звучи како да се налути кога ти ја зеде играчката“. Ова им помага да ги обработуваат своите чувства и да реагираат поефикасно.
Користете силни, јасни зборови
Една од најважните алатки што можеме да им ги дадеме на нашите деца е да го користат сопствениот глас. Вежбајте дома изјави како „Стоп!“ и „Не ме допирај!“. Ова им помага да постават јасни граници без да користат сила.
Заминете
Напуштањето на ситуацијата не е знак на слабост, туку на сила и зрелост. Кажете му на вашето дете дека е во ред да си замине ако се чувствува небезбедно. Пофалете го кога ќе реши конфликт со тоа што ќе си замине, бидејќи тоа ќе му помогне да се чувствува силно со текот на времето без да мора да прибегнува кон физичка конфронтација.