Мемињата со броеви неочекувано станаа еден од најизразените интернет трендови меѓу младите. Откако „6-7“ и „4-1“ доминираа на Тик-Ток и во тинејџерските разговори со месеци, брзо се шири вирално нов израз – „6-1“.
Иако навидум бесмислени, овие броеви станаа дел од секојдневниот сленг, поттикнати од комбинација на музика, спорт и интернет култура, пишува Oregon Live.
Трендот започна со „6-7“, кој беше донесен во центарот на вниманието кон крајот на 2024 година од раперот Скрил со песната „Doot Doot (6-7).“
Песната брзо стана популарна основа за кратки видеа, особено спортски видеа, а во многу од нив се појавува кошаркарот на Шарлот Хорнетс, Ламело Бол – кој е висок 6 стапки и 7 инчи, или 201 см. Трендот доби дополнително признание кога средношколeцот Тејлен Кини воведе карактеристичен гест на раката што симболично прикажува балансирање или споредување на две опции.
Популарноста на мемот го достигна својот врв откако видеото од Маверик Тревилијан стана вирално: камера го фати како го изведува истиот гест и вели „6-7!“ за време на натпревар, што му даде на трендот ново ниво на видливост и ширење.
Иако често се користи во секојдневниот говор, изразот „6-7“ всушност нема скриено значење. Тоа е едноставна интернет шега што функционира како препознатлив сигнал кај младите луѓе.
– Тоа е само бројка што стана вирална со гест на раката – и не значи ништо – објаснува наставникот и инфлуенсер Филип Линдзи. Но, тоа не е баш така.
Постои објаснување за вистинското значење на терминот, но во меѓувреме е искривено од разни употреби. Многу тинејџери не го знаат неговото оригинално значење.
Но, по „6-7“, се појави и варијанта „4-1“. Овој мем првично беше инспириран од песна од 2021 година на раперот Блици Бои, во која тој го повторува бројот 4-1. Тиктокери, предводени од Hoopify, го популаризираа повторно во текот на летото, а трендот е поврзан со гест на раката со дланките свртени надолу и малку поместување настрана – наменет како спротивност на гестот поврзан со терминот „6-7“. Најновото во серијата е „6-1“, кое го започна минатата недела Тиктокерот Spartan Swot.
Во видеото, кое брзо стана вирално, тој изведува верзија на движењето „6-7“ додека постојано повторува „6-1“. Дали ќе ја достигне популарноста на своите претходници е сè уште тешко да се процени, но бројките покажуваат значителен потенцијал.
Видеото брзо собра милион прегледи, а сигурно знаеме дека Генерацијата Алфа е веќе многу запознаена со овој израз и неговиот нов потенцијален хит. Сè укажува на тоа дека мемите со броеви во 2025 година имаат значително влијание. Иако не пренесуваат сложени пораки, тие ги одразуваат фундаменталните карактеристики на модерната интернет култура – динамичност, глобална поврзаност и едноставност на симболите што младите луѓе брзо ги усвојуваат и ги трансформираат во свој комуникациски код.