Од Џими Хендрикс и Индекси, до селската чешма во Лесново: Таа е архитектка на звуци, мост помеѓу културите и чувар на традицијата

„Пораснав во времето на СФРЈ и кај нас дома се слушаа Џими Хендрикс, Битлси, Индекси, а традиционалната музика се слушаше кога ќе ја пуштеа на радио“, раскажува нашата соговорничка Елена Христова алијас – Елена Баклава. Таа ни раскажа за својот музички пат, за татко ѝ, за инспирацијата што ја нашла кога првпат ги слушнала бабите како пеат на селската чешма во Лесново, за својот втор дом-Турција, за Јуруците кои се инспирација за нејзиниот прв соло албум „Јоруклук“ и за уште многу нешта

222

Eлена Христова е пејачка, композиторка и основачка на бендот „Баклава“, кој досега снимил и објавил 5 албуми, од кои последниот – „Од Скопје со љубов“, беше објавен во 2023 година за CPL Music. Во 2022 година, „Баклава“ беше избрана да биде дел од проектот MOST Music.
Покрај работата со „Баклава“, Елена Христова неколку години беше пејачка на турскиот бенд „Баба Зула“, а имаше и многу други соработки, меѓу кои, работата со „The Backyard Jazz Orchestra“ и со Горан Трајковски од бендот „Анастасија“ во нивниот проект „Биоскопија“.

Со својот стил, Елена е синоним за светска музика, а тоа што го создава е секогаш поинакво и ново. Таков е и секој од петте албуми на Баклава. Пет албуми, секој различен од претходниот и постојано излегување од конфор-зоната.
„Баклава сум јас”, вели Елена, инсистирајќи на нови изрази и оригиналност, иако е свесна дека тоа понекогаш ги збунува луѓето.
Сепак, веќе добро знае кои се оние песни кои на концертите на „Баклава“ едноставно, мора да се отпеат. Така беше и на неодамнешниот концерт со кој овој бенд одбележа две децении од своето постоење.
Но, овојпат, повод за нашиот разговор беше нејзиниот прв соло албум „Јоруклук“, инспириран од животот и традицијата на Турците-Јуруци кои таа ги истражувала цели 15 години и не само што ги истражувала туку, како што вели, се соживеала со нив, едноставно, ги почувствувала како дел од себе. Песните од овој албум кој се најде и на винил и на ЦД, се комплетно авторски на Елена и отпеани на автентичен турски, јазикот на кој зборуваат Турците-Јуруци.

„За мене фамилија се сите тие луѓе со кои сум делела музика и живот“, вели Елена која пред нас ја откри својата длабока емотивност со која се објаснува и нејзината музика која не е само звук – туку е градење, експресија, духовно патување. Како кога ќе ставите некој таен зачин во обична манџа – и таа ќе стане нешто посебно.
„Начинот на кој компонирам е архитектонски, математичар сум, па тоа и емоцијата се моите силни моменти. Ја користам архитектурата во начинот на кој размислувам, на кој творам, ставам темели, градам столбови, тоа е начинот на кој ја позиционирам секоја нота, сликам и конструирам, создавам, но со звуци. Тоа не значи дека компонирам по шема, напротив, тоа се мелодии шепнати од Бога, јас само наоѓам начин како да ги замесам. Како тесто. Иако вистинското месење тесто баш и не ми лежи“, се смее таа.

Растена со музика и со звуците на гитарата на татко ѝ

Инаку, ако ја прашате Елена како таа започнала професионално да се занимава со музика и од каде е тој нејзин раскошен талент, вели дека ништо од тоа не било ниту планирано ниту сонувано. Едноставно, таа уште од бебе живеела со музиката.
„Мојот татко, иако градежен инженер, беше постојано со гитарата во раце и во центарот на вниманието на сите дружби и собири.
Ме носеше на сите можни концерти и претстави, но никогаш немаше никаков притисок кон мене за да се влијае на моите животни избори“, вели Елена потсетувајќи се со носталгија на нејзиниот татко кој починал во 2016-тата година, но и на семејните летувања кои често ги поминувале во Хрватска, со скара, вино и далматинска музика кои продолжуваат да ја придружуваат како непроцесирани емоции и инспирација.
Иако не планирала професионална музичка кариера, музиката отсекогаш ѝ била начин на живеење.
„Како е што нормално да се јаде и да се пие, така беше со мене и со музиката која е постојано присутна во мојот живот, како воздухот што го дишеме. Единственото кон што ме насочија моите беше посетувањето на нижо музичко училиште, но целосно без притисок или некоја посебна возбуда околу моите избори. А пеев буквално секогаш и буквално насекаде, не само во хоровите, туку и по амфитеатрите на факултетот додека студирав архитектура, по влезовите и секаде кадешто имаше добра акустика“, се потсетува Елена.
Филмот, театарот и архитектурата биле она со што мислела дека ќе се занимава, а нејзиниот музички пат се обликувал природно и спонтано.

Од Џими Хендрикс до бабите што пејат на селската чешма во Лесново

„Имам растено во Југославија, кај нас дома се слушаа Џими Хендрикс, Битлси, Индекси, а традиционалната музика не се слушаше во изолирана форма, туку кога ќе ја пуштеа на радио. Во тоа време растевме и со MTV, со различни бендови, со се и сешто растевме“, објаснува таа.
Оној клучен момент кога таа ја открила традиционалната музика, го лоцира во 90-тите години, за време на посетата на село Лесново кадешто одела со своите пријатели преку лето, кадешто свадбите траеле со денови, а бабите седеле на селската чешма, пиеле ракија и со часови пееле традиционални песни.
„Кога ги слушнав, ми се наежи кожата“, се присетува Елена на она што било иницијалната каписла за нејзиното нурнување во традиционалната музика.
Така некако почнало и нејзиното музичко патување.
Потоа се навраќала многу пати во селото, а песните на старите баби кои пееле на селската чешма се повеќе ја обземале.
„Во тоа време се приклучив во оркестарот на Пеце Атанасовски. Тука почна многу интересна комуникација меѓу нас, разменувавме традиционална музика, а самата таа дружба по слави и по манастири ми дојде како позитивна шлаканица и веднаш се пронајдов и почнав да битисувам во тоа, почнав да истражувам, да нуркам, тука бев своја“, вели Елена.

Во истот период пеела и во хорот на Операта и во Танец. Работела и како новинар во културна рубрика во телевизија, во радио, правела работилници со деца, а од 2004 година, по првото летување во Турција, оваа земја комплетно ја освоила, ѝ станала дом – инспирација, културен шок и енергетска револуција.

Турција: Втор дом, нов свет

„Турција ја открив некаде во 2004 година кога првпат отидов таму на одмор со една пријателка. Отидовме во Долината на пеперутките и веднаш се вљубив во земјата и посакав да останам. Се сеќавам, бевме среде море кога викнав некоја кучковска песна и почнавме да пееме. Веднаш допливаа луѓе и почнаа да не прашуваат дали сакаме да имаме концерт тука.
Оттогаш, Турција, комплетно ме освои, ме фасцинираше културата, богатството на јазици и култури, музиката, луѓето, начинот на живот, а особено нивното заедничарење, грижата еден за друг, нешто што кај нас веќе почнуваше да исчезнува. Ако ти треба помош, не мора да ја бараш, веднаш забележуваат дека ти треба и ти помагаат. Ме фасцинираше она кога во градски превоз една банкнота оди од рака на рака до шоферот и и на истиот начин се враќа кусурот назад, потоа, кога некој работи, а тие му велат – „со лесно работа“, кога ќе седнеш некаде и чувствуваш дека не е само бизнис во прашање, туку дека навистина сакаат да те угостат. Таму се уште се дружат по дома, иако ако ги прашате и тие ќе ви кажат дека повеќе не е како порано, но мене ми е таму како враќање во некој минат живот.
На почетокот, кога почнав да одам во Турција, не постоеше културен мост меѓу нашиве земји и тука ми се чудеа зошто учам турски, ме прашуваа нели ми е страв да одам таму, имаа идеја дека е опасно.
Но, сега е поинаку, мислам дека со турските серии, пред се, со Шехерезада, Турците конечно не освоија. Дури потоа почнаа да отвараат трговски центри, училишта итн“, анализира Елена која Истанбул го доживува како личност, како место на топлина, заедничарење и културна грижа.
Почнала да слуша турска музика, да купува инструменти и да го учи јазикот.
„Се преселив таму и енергетски и телесно, почнав да соработувам со повеќе музичари, со режисери, и најважно, од фан на турската група „Баба Зула“, јас станав нивна пејачка, пеев на турски, одев со нив на филмски фестивали, на џез фестивали, во тој период запознав многу музичари на кои им се восхитував во тој период и се уште им се восхитувам“, раскажува нашата соговорничка.
Токму како пејачка на „Баба Зула“, додека настапувале на промоција на книга на бразилскиот текстописец и писател Пауло Коелјо, не само што се запознала и со него, туку имала можност да ја сподели сцената и со Коелјо и со гитаристот и фронтмен на германската рок група Скорпионс – Рудолф Шенкер, со кои заедно го испеале класикот Still loving you.
Го запознала и Фатих Акин, режисер на филмот „Звуците на Истанбул“, Илхами Емин, писател и поет кој пишува поезија посветена на Јуруците бидејќи и самиот е припадник на овој номадски народ кој толку ја фасцинирал Елена што ете, после 15 години истражување, му го посветува и својот албум „Јоруклук“.

Приказната за Јуруците

„Незнаев каде ќе ме одведе приказната и истражувањето на Јуруците, но сега дојдов до некој продукт кој може да се восприема со сите сетила. Давам своја димензија, модерен звук, модерна продукција, експериментирам со различни звуци, правам нешто оригинално, нешто пионирски, создавам и пресоздавам и сето тоа е и возбудливо, но и тешко бидејќи имам огромна одговорност. Имено, одеднаш имаш многу генерации кои минуваат низ тебе, па некогаш чувствуваш многу возбудливи моменти, но некогаш и некоја многу длабока состојба на битисување“, објаснува Елена.
Нејзиниот следен потфат, вели, е презентација на албумот, концерти и проширување на аудиовизуелниот речник.
Елена Христова не е само глас – таа е архитектка на звуци, мост помеѓу културите и чувар на традицијата, со слобода да гради нешто што досега не постоело.
Дека е тоа навистина така, зборуваат реакциите на луѓето кои беа на промоцијата на „Јоруклук“ во Бифе Тафталиџе.

„На промоцијата имаше многу луѓе и вистинска бура од емоции. Луѓето беа љубопитни, со ширум отворени очи и спремни да пробаат некое ново специјалитетче“, вели Елена која и овојпат го понуди токму тоа.

Повеќе