Од миење лавови до шпагети на дрво! Како настанал Први април и кои се најголемите првоаприлски лаги што влегоа во историјата

Од безопасни шеги до приказни што измамиле милиони луѓе, 1-ви април низ историјата не бил само ден за смеа, туку и вистински расадник за некои од најгенијалните измами досега. Од „бањање лавови“ до шпагети на дрво – кои се најголемите првоаприлски лаги што влегоа во историјата?

76

Иако шегобијци постоеле отсекогаш, токму на 1 април многумина го „пуштаат на слобода“ својот внатрешен шегаџија. Потеклото на овој необичен празник и денес е обвиено со мистерија, но едно е сигурно – тоа е ден кога сите треба да бидеме на штрек.

Кога и како започнал Први април?

Не постои прецизен одговор кога точно започнала традицијата на Први април. Една од најприфатените теории го поврзува со 1582 година, кога Франција преминала од јулијански на грегоријански календар.

Според стариот календар, Новата година се славела околу пролетната рамноденица, односно на крајот на март и на 1 април. Со новиот календар, таа се префрлила на 1 јануари.

Оние што не ја прифатиле веднаш промената или не биле информирани, продолжиле да слават во „стар термин“ – и токму тие станале мета на шеги, нарекувани „априлски будали“.

Измами што го прелажаа светот

Низ годините, Први април донел низа легендарни шеги кои останале запаметени:

„Миење лавови“ во Лондон (1698)
Најраната забележана измама за 1-ви април е од 1698 година, кога на луѓето во Лондон им било кажано да одат да ја видат годишната церемонија на миење лавови во Лондонската кула – настан што никогаш не постоел.

Кражба на цело американско сребро и злато (1905)
Германски весници објавиле дека крадци прокопале тунел под американското Министерство за финансии и го украле целото злато и сребро.

Рекордна берба на шпагети (1957)
Британскиот јавен сервис Би-Би-Си во 1957 година, објавил дека швајцарските земјоделци имале рекордна жетва на шпагети, а ова се смета за една од најголемите медиумски измами на сите времиња.
Брза топка!

Во 1985 година, новинарот на списанието „Sports Illustrated“, Џорџ Плимптон, измисли приказна за почетник фрлач по име Сид Финч, кој можел да фрла топка со брзина поголема од 168 милји на час. Внимателните читатели забележале дека почетните букви од зборовите во поднасловот на приказната всушност ја пишувале пораката „Среќен 1 април“.

Никсон повторно се кандидира?

Националното јавно радио емитувало прилог дека поранешниот претседател Ричард Никсон повторно се кандидира за претседател во 1992 година. Тоа не беше вистинско, а говорникот не беше Никсон, но многу луѓе веруваа во тоа.

Шеги на Гугл

Гугл (Google) секоја година организира првоаприлска шега, која вклучува сè, од „телепатско пребарување“ до можноста за играње Pac-Man на Google Maps.

Голи животни?

National Geographic се придружи на забавата во 2016 година кога објави дека повеќе нема да објавува фотографии од голи животни. Читателите кои кликнаа на приказната беа пречекани со порака за 1-ви април и галерија од преслатко облечени кученца и мачиња.

Ден кога вистината е под знак прашалник

Први април денес е глобален феномен што ги надминува границите на културите. Тој не е само повод за смеа, туку и потсетник колку лесно може да се манипулира со информации – особено кога се сервираат убедливо.

Затоа, ако денес слушнете нешто неверојатно – проверете двапати. Можеби токму вие сте следната „априлска будала“.

Повеќе