Премногу активности и играчки оставаат последици врз децата
Многу деца доживуваат сензорно преоптоварување бидејќи се опкружени со премногу ситници, избори и информации, а со едноставен пристап родителите можат значително да го намалат секојдневниот стрес на детето, што на крајот води до посреќни и поуспешни деца.
Секој родител го сака само најдоброто за своето дете. Затоа родителите често ги запишуваат своите деца на безброј различни активности, од спорт и свирење на инструмент до балет и многу други кои, барем родителите мислат дека ќе им бидат забавни и корисни. Прашањето е колку е тоа всушност добро за децата?
Иако времето на децата е внимателно испланирано, календарот им е преполн, а слободно време едвај имаат.
Покрај тоа, нивниот животен простор е преполн со книги, играчки и други содржини кои според експертите можат да им нанесат повеќе штета отколку корист.
„Голем дел од денешните проблеми во однесувањето доаѓаат од фактот што децата имаат премногу работи и живеат пребрзо“, објаснува педагогот Ким Џон Пејн и додава дека современиот начин на воспитување на децата доведува до потенцијални психолошки проблеми, од кои најраспространети нарушувања се хиперактивноста и дефицитот на внимание или АДХД.
Тој вели дека многу деца доживуваат сензорно преоптоварување бидејќи се опкружени со премногу ситници, избори и информации, а со едноставен пристап родителите можат значително да го намалат секојдневниот стрес на детето, што на крајот води до посреќни и поуспешни деца.
„На децата им треба време да станат тоа што се, преку игра и социјална интеракција. Ако го преплавите детето со работи пред да биде подготвено, само ќе сака уште повеќе“, додава педагогот, кој смета дека најлесниот начин да му го поедноставите животот на вашето дете е да внесете промени во домашната средина.
Тој понатаму објаснува дека „како што ја намалувате количината на играчки и нередот во домот, го зголемувате вниманието на детето, како и неговата способност за подобра, подлабока игра“.
„Премногу работи доведуваат до премалку време и премала длабочина во начинот на кој децата ги гледаат и истражуваат своите светови, што, меѓу другото, негативно влијае на нивната психичка состојба“, заклучува педагогот.