Психоделичните печурки понекогаш се нарекуваат „магични“ поради нивните халуциногени ефекти, а нивните поддржувачи веруваат дека им помагаат на луѓето да размислуваат појасно и да гледаат работи што поинаку не би ги забележале, но експертите ја припишуваат нивната магија на нешто друго: нивната способност да го забават процесот на стареење.
Според студија објавена во Nature Partnering Journal Aging, истражувањето на овие широко достапни печурки сугерира дека тие навистина можат да бидат магични поради нивните ефекти против стареење.
Медицинскиот колеџ Бејлор (Baylor) и Универзитетот Емори (Emory) веруваат дека активната состојка во овие печурки, позната како псилоцибин, може да „го продолжи животниот век и на клетките и на организмите“.
За ова пишува и сајтот Medical News Today.
Тимот експерти вели дека псилоцибинот „ги намалува повеќекратните знаци на стареење во клетките“ и, во зависност од дозата, „го продолжува животниот век на клетките до 57 проценти“. Експериментите врз глувци покажале подобрувања во преживувањето на постарите глодари.
Овие печурки, а особено псилоцибинот, исто така, покажале дека им помагаат на пациентите со депресија, како и со когнитивно оштетување, вклучително и деменција.
Минатиот месец, Американското здружение за рак ги објавило резултатите од втората фаза од тестирањето кое покажало „значително“ намалување на депресијата кај повеќе од половина од учесниците две години по земањето доза од 25 милиграми псилоцибин.
„Нашите резултати сугерираат дека псилоцибинот има моќни ефекти врз целото тело, вклучително и против стареење“, вели Луиз Хекер, кардиоваскуларен лекар во Бејлор.
Првиот што го изолирал и идентификувал псилоцибинот, главната состојка во магичните печурки, кон крајот на 1950-тите бил Алберт Хофман, хемичар, а тогаш вработен во фармацевтската корпорација Сандоз.
Во 1938 година, Хофман исто така синтетизирал ЛСД, моќно психоактивно хемиско соединение чиј ефект се гледа во засилување на делувањето на мисловниот и емоционалниот процес и на сензорната перцепција.