Реконструкција на дојките низ историјата: Од радикални операции до силикони и микрохирургија

Реконструкцијата на дојки е една од најзначајните интервенции во пластичната и реконструктивната хирургија, особено за жените кои се соочиле со губење на дојка поради рак. Денес таа претставува високоспецијализирана и технолошки напредна процедура, но патот до денешните методи бил долг, исполнет со медицински предизвици, иновации и храброст – како од лекарите, така и од пациентките.

63


Некогаш жените кои ја губеле дојката поради рак или траума се соочувале не само со физичка болка туку и со длабока емотивна празнина, отсуство на чувство за женственост и самопочит. Денес, реконструкцијата на дојките претставува не само медицинска интервенција, туку и чин на враќање на достоинството, телесниот интегритет и самодовербата. Но патот дотука бил долг, тежок и болен.
Сосема на почетокот – жените кои ја губеле дојката поради рак или траума едноставно останувале без дојки. Не само што немало хируршка можност за обнова, туку отстранувањето на дојката често било радикално и грубо. Најпознатиот тип на операција во тоа време бил радикалната мастектомија по Халстед (од крајот на 1800-тите), која ги отстранувала не само дојката, туку и дел од градниот мускул и лимфните јазли – оставајќи рана што се лекувала со месеци, а за реконструкција не се ни размислувало.
Во 19 и почетокот на 20 век, медицинскиот фокус бил исклучиво на преживувањето, а не на квалитетот на животот. Жените кои преживувале рак на дојка биле благодарни што се живи, но останувале со тешки телесни деформации, лузни, асиметрија – и, најчесто, со емоционални и психолошки последици. Не постоеле импланти, не се користело ткиво за пополнување, често се носела облека што го прикрива телото, а жените ги криеле своите лузни дури и од партнерите. Протезите за вметнување во градник се појавиле дури во средината на 20 век.

Почетоците: храброст и примитивна хирургија

Историјата на реконструкцијата на дојките датира уште од 19 век, кога хирурзите првпат се обиделе да ја „обноват“ формата на градите кај жени кои претрпеле мастектомија – тогаш исклучиво поради канцер. Најраните методи вклучувале пресадување кожа од други делови на телото, често со висока стапка на компликации и болни резултати.
Во 1895 година, германскиот хирург Винценц Черни се смета за пионер во реконструктивната хирургија на дојка, еден од првите што направил примитивна реконструкција на дојка, користејќи масно ткиво од пациентката. Но, технологијата и медицинското знаење тогаш биле премногу ограничени.
Тој е признат како првиот што извршил реконструкција на дојка со автологен трансфер на ткиво (липома) од пациентката, по мастектомија, за да ги коригира асиметријата и обликот на градите.
Черни опишал случај на 41 годишна пациентка со хроничен мастит и фиброаденом, кај која преземал липом од лумбалниот регион (област на грбот) и го трансплантирал во градниот дел.
Тоа всушност претставува прва документирана успешна автотрансплантна реконструкција на дојка во медицинската историја. Следните децении донеле други методи, но Черни го поставил темелот.

Методот на Иџинио Танзини

Во 1906 година, италијанскиот хирург Иџинио Танзини ја предложил и извршил една од првите техники на реконструкција на дојка по мастектомија, користејќи мускул и кожа од грбот – дел од т.н. латисимус дорси мускул – за да се реконструира дојката.
Притоа, мускулот се задржува на дел од својата васкуларна врска (крвните садови), што овозможува ткивото да преживее на новата локација.
Танзини го користел овој метод првично за затворање на големи рани по радикална мастектомија, бидејќи тогаш се отстранувале големи делови од кожа и мускул. Но со текот на времето, техниката се прилагодила за естетска и функционална реконструкција на дојка.
Методот на Танзини бил иновативен за своето време, бидејќи првпат систематски се користело ротационо ткиво од друга анатомска регија.
Ова се користи и денес, со или без имплант, особено кога кожата на градите е оштетена или има постојни лузни.
Латисимус дорси клапот е особено корисен кај пациентки што не се кандидати за автологна реконструкција од стомакот (на пример, ако нема доволно масно ткиво на абдоменот).
Техниката на Танзини останува важен историски чекор, но и резервна стратегија во современата реконструктивна хирургија. Тој покажал дека телото може да се обнови со сопствени ресурси – идеја што е суштина на модерната реконструкција на дојки.

Втората половина на 20 век: силиконска револуција

Вистинскиот пресврт се случува во 1960-тите, кога започнува употребата на силиконски импланти. Првата успешна реконструкција со силикон се случила во САД во 1962 година, кога пластичните хирурзи Томас Кронин и Френк Жерар ја имплантирале првата силиконска дојка. Ова предизвикало бум – и во реконструктивната и во естетската хирургија.
Во следните децении, техниките се унапредувале – со подобрување на материјалите, методите на вградување, како и со воведување на т.н. експандери, кои постепено го растегаат ткивото за да се подготви кожата за финалниот имплант.
Промената доаѓа во 1970-тите, кога шведскиот хирург Ханс Холмстром ги објавува првите успешни резултати од техника за реконструкција на дојка со сопствено ткиво – поточно, со ткиво од долниот дел на стомакот, кое се префрла во пределот на градите.

Идејата за оваа метода, која е една од најважните методи за реконструкција на дојка – со ткиво од стомакот – всушност потекнува од пациентка, која, по операција на стомакот, прашала дали вишокот ткиво може да се искористи за обнова на града. Ова го инспирирало шведскиот хирург кој на крајот на 1970-тите прв ја применил оваа техника, префрлајќи ткиво од стомакот во пределот на градите. Методот подоцна станал основа за модерните микрохируршки реконструкции.

Почетоците на микрохирургијата
Микрохируршките техники овозможиле прецизно пресадување на кожа, масно ткиво и крвни садови од еден дел на телото во друг, со помош на микроскопски алати и опрема. Тоа значително ја зголемило успешноста и естетиката на реконструкцијата.
Еден од пионерите на овие методи во Европа е проф. д-р Миломир Нинковиќ. Во 1990-тите тој, заедно со свои колеги, развива и усовршува техника при која се користат микроваскуларни парчиња од сопствено ткиво на пациентката, поточно, од долниот дел на стомакот (DIEP flap), кои се преместуваат на нова локација, со сочувани крвни садови со што се овозможува реконструкција без да се жртвуваат мускулите на стомачниот ѕид. Ова значително ја намалува траумата кај пациентките и го скратува времето на опоравување.
Клучен момент: анатомска прецизност
Во 1995 година, анатомска студија спроведена во Инсбрук под водство на д-р Нинковиќ дала одговор на едно од клучните прашања: на кои крвни садови најбезбедно да се поврзе ткивото од стомакот? Оваа студија ги потврдила можностите за приклучување на деловите од сопственото ткиво на интерналните торакални садови (зад градната коска), кои инаку се користат во кардиохирургијата. Тоа бил клучен момент кој овозможил оваа метода да стане сигурна и широко прифатена во целиот свет.
Современата реконструкција на дојки е високо индивидуализиран процес. Жените денес имаат избор: од поставување на имплант во „џеб“ од зачувана кожа, до микрохируршки трансфер на ткиво, или пак комбинација од двете. Постојат и напредни методи како 3D тетовирање на брадавицата, кои придонесуваат за природен изглед.
Покрај физичката реконструкција, големо внимание се посветува на психолошката поддршка – бидејќи оваа интервенција не е само медицински зафат, туку и длабоко лична трансформација.

Повеќе