Што ако бебето ја испушти првата столица додека е уште во матката?
Самиот мекониум (првата столица на бебето), не е опасен и доколку бебето го голтне, нема да му го загрози здравјето. Постои опасност од вдишување на мекониумот, бидејќи лепливите честички на оваа супстанца влегуваат во белите дробови на бебето (синдром на аспирација на мекониум – САМ). Сепак, овој синдром е исклучително редок.
Во текот на последните неколку месеци од бременоста, вашето бебе заедно со плодовата вода, голтало и разни нешта како што се клетките на кожата, слузта, жолч, но и нежни влакна кои го покриваат телото на бебето. Од овие материи, како и од жолчта и секретите од жлездите, почнала да се формира специфична материја и да се таложи на ѕидовите на цревата на бебето, која ќе ја сочинува содржината на првата столица на бебето – мекониумот.
Со сечење на папочната врвца при раѓањето, кај бебе кое дотогаш се хранело исклучиво преку плацентата, дигестивниот тракт наеднаш почнува да се активира, а мускулите на цревата почнуваат да се контрахираат, што доведува до ослободување на првата столица. Во повеќето случаи, тоа се случува во првите 24 часа по раѓањето.
Мекониумот изгледа како темно зелено-црна, леплива и лигава супстанција слична на катран. Со оглед на тоа дека бебето во желудникот било заштитено од бактерии и други микроорганизми, мекониумот се смета за речиси стерилна супстанца (бактериите кои се присутни се дел од природната физиолошка флора) и е без мирис.
Што ако бебето не се искака навреме?
За повеќето здрави бебиња важи дека ќе се искакаат во првите 24 часа по раѓањето. Се случува бебето да ја има првата столица веднаш по раѓањето, но кај многу бебиња првото празнење се случува дури кога ќе почнат да цицаат, поради лаксативното дејство на првото мајчино млеко – колострумот.
Ако поминале 48 часа од раѓањето, а бебето сè уште ја немало првата столица, лекарите ќе проверат да не дошло до опструкција на дебелото црево. Доколку бебето не кака во овој период, се зголемува ризикот од жолтица. Иако повеќето бебиња развиваат жолтица како минлива појава, некои бебиња може да развијат потешка форма на жолтица која бара третман.
Како да му помогнете на вашето бебе да ја исфрли првата столица?
За да му помогнете на бебето што побрзо да ја исфрли првата столица, обидете се да постигнете што е можно поголем контакт кожа со кожа и да го доите бебето што е можно поскоро по раѓањето. Колку повеќе бебето цица, толку побрзо ќе го исфрли мекониумот.
Имајте на ум дека на предвремено родените бебиња им треба подолго време за да ја исфрлат првата столица и тоа е очекувано.
Што ќе се случи ако бебето се искака додека е во утробата?
Иако бебето обично ја има првата столица дури по раѓањето, понекогаш може да се случи да се искака порано, пред или за време на породувањето. Ако бебето го исфрли мекониумот пред да влезе во породилниот канал, тоа ќе биде опкружено со плодова вода со мекониумски честички.
Иако не се знае секогаш точната причина зошто здравите бебиња ослободуваат мекониум пред раѓањето, една од причините е пренесената бременост, односно зрелоста на бебето. Причината може да биде и притисокот врз главата во породилниот канал кој може да предизвика вагална реакција или контракции кои вршат притисок врз папочната врвца, која повремено го остава бебето без доволно кислород и предизвикува стрес. Под стрес, ректумот се опушта, а цревата се празнат.
Конзистентноста и бојата на мекониумот, кои се одредуваат при истекување на плодовата вода, го дава првиот увид во можната причина за испуштање на столицата. Ако плодовата вода е посветла, тоа веројатно значи дека причината не е стресот, туку само зрелоста на бебето (најчесто кај пренесените бремености, т.е. после 40-та недела). Ако е темна и леплива, ова може да биде поголема опасност.
Самиот мекониум не е опасен, а доколку бебето го голтне, нема да му го загрози здравјето. Постои опасност од вдишување на мекониум, бидејќи лепливите честички на оваа супстанца влегуваат во белите дробови на бебето (синдром на аспирација на мекониум – САМ). Сепак, овој синдром е исклучително редок.
Ако забележите истекување на плодовата вода, важно е да внимавате на нејзината боја. Зеленекастата боја на плодовата вода може да биде знак дека бебето е под физички стрес, па затоа е важно веднаш да отидете во породилиште.
Најдобар начин да ја проверите бојата на плодовата вода е да ставите влошка и да ја погледнете бојата на течноста што останува на неа.
Дали бебето ќе вдише мекониум?
Доколку се утврди присуство на мекониум во плодовата вода, состојбата на бебето веднаш се следи со ЦТГ апарат кој го следи срцевиот ритам на бебето и дава податоци за неговата состојба.
Бебињата обично се справуваат со кратки прекини во снабдувањето со кислород поради контракции, а во случај да не се воспостави нормален срцев ритам (знак дека бебето е под поголем стрес поради недостаток на кислород), лекарите веднаш ќе реагираат и ќе го извршат породувањето, обично дури и пред бебето да ja вдише амнионската течност (и потенцијално честички на мекониум со неа).
Лекарот може да одлучи да изврши амниоинфузија, со која солен раствор се внесува во матката преку катетер со цел да се раствори мекониумот што е можно повеќе. Оваа постапка може да ја зголеми и толеранцијата на бебето за породување.
Доколку бебето сè уште покажува знаци на стрес и не го поднесува добро породувањето, можно е лекарот да преземе друга техника на породување или царски рез.
Бебето потоа се аспирира веднаш штом ќе му излезе главата, дури и пред да излезе целото тело, за да се намали ризикот од аспирација на мекониум.
Што ако бебето вдише мекониум?
Вдишувањето на мекониум е ретка појава. Бебето би требало да биде под поголем стрес поради недостаток на кислород за да вдише. Дотогаш, лекарите обично веќе би утврдиле постоење на стрес и ќе реагирале пред бебето да ја вдиши плодовата вода.
Покрај тоа, амнионската течност во матката делува како природен растворувач за мекониум. А кога бебето ќе влезе во породилниот канал, градите му се под притисок, па секако не може да вдише.
Истражувањата покажаа дека најголемиот број бебиња кои доживеале ваков синдром, вдишувале мекониум додека се уште биле во утробата.
Иако директно не го загрозува животот на бебето, вдишувањето на мекониум може да предизвика потешкотии со дишењето и воспалителни процеси во белите дробови кои може да бараат престој во одделот за неонатална интензивна нега неколку дена или недели, во зависност од тежината на состојбата на бебето.
Како да се спречи вдишување на мекониум?
Ако мекониум се најде во плодовата вода, можете да го намалите ризикот бебето да го вдише мекониумот со тоа што ќе го направите следново:
Дозволете породувањето да продолжи спонтано, избегнувајте индукција или забрзување на породувањето, освен ако не е поинаку препорачано, особено при преносена бременост.
За време на втората фаза од породувањето, избегнувајте наведено туркање на бебето, бидејќи тоа може да го попречи протокот на кислород до бебето. Ако срцевиот ритам на бебето е во ред, почекајте да се појават природните нагони. Кога ќе дојде време, ќе почувствувате природен импулс да се напнете.
Обидете се да се смирите. Смиреноста најмногу ќе помогне за нормално породување, без компликации.
Избегнувајте амниотомија – вештачко пробивање на плодовата вода. Амнионската течност ќе го раствори мекониумот и ќе делува како амортизер против притисокот на папочната врвца за време на контракции.
Разговарајте со вашиот лекар за ситуацијата, изгледот на мекониумот, зрелоста на бебето и знаците на стрес за да можете да донесете информирана одлука што да правите за време на породувањето.
Оставете ја главата на бебето полека и мирно да излезе надвор, а вие останете во исправена положба, за да дозволите што е можно повеќе течност да биде исфрлена од белите дробови и дишните патишта на бебето.
Кога ќе се роди бебето, контактирајте кожа со кожа и не ја сечете папочната врвца додека целосно не престане да пулсира (одложено сечење на папочната врвца), бидејќи бебето преку неа прима крв богата со кислород.