Кога станува збор за доењето, секоја ситуација е специфична на свој начин. Честопати, на прекинот на доењето влијаат многу фактори кои се надвор од наша контрола.
Процесот на развој на лактација природно трае 6 недели или првите 40 дена по породувањето.
Кај некои мајки кои имаат тешко породување, породување со царски рез, хронично заболување на тироидната жлезда, дијабетес мелитус, прекумерна телесна тежина, полицистични јајници, развојот на лактацијата може да трае и до 8 недели.
Но, и после тој период има можност за релактација (повторно воспоставување на лактацијата) според одреден протокол.
Доколку сте престанале да доите поради која било причина и сега веќе немате доволно млеко во градите, но сте се предомислиле и сакате да започнете повторно, можно е.
Дури и по прекинот на доењето и производството на млеко во градите. Тоа се нарекува релактација.
Иако понекогаш тоа е малку понапорен процес, целта е многу остварлива.
Како да се врати млекото кај доилките?
Постојат неколку методи, па во консултација со консултант за лактација или лекар, обидете се со оној што мислите дека може да даде најдобри резултати. Многу често, само еден метод не е доволен, па бидете подготвени да пробате или комбинирате неколку од нив.
Пред се, дојте колку што е можно почесто. Ставете го вашето бебе на градите секогаш кога ќе имате можност. Експертите препорачуваат да го правите ова 8-12 пати на ден. Задолжително правете го ова навечер, бидејќи ефектот врз производството на млеко во тоа време е уште поголем поради дејството на хормоните.
Советниците за доење препорачуваат на самиот почеток на доењето, кога бебето е многу гладно, да се дои со помош на стимулација на градите. Ова е веќе дел од техниките за доење, па затоа ве советуваме да контактирате со експерти од оваа област. Оставете го вашето бебе да цица и стимулирајте ги вашите гради цело време, односно нежно масирајте ги, притискајќи ги со прстите по целата површина, за да добие што поголем проток на млеко.
Ако има малку млеко, префрлете се на другата дојка и направете го истото. Во зависност од ситуацијата, во некои случаи е препорачливо и да се даде формула за да се задоволи гладта на бебето. Но, после формулата, го враќате бебето на едната, а потоа на другата града и така завршувате со хранењето. Сето ова има смисла, бидејќи бебето е сито, а градите ја добиваат потребната порака и го зголемуваат производството на млеко.
Правете компресија на градите додека доите. Направете го тоа така што градите на едната страна ќе ги потпрете со палецот, а од другата – со другите прсти.
Заклучокот е да го ставите бебето на градите и ако активно цица млеко, тогаш не правете ништо. Штом ќе престане да цица, започнете со компресија или масажа за да надојде повеќе млеко. Повторувајте ја оваа постапка во текот на целата сесија на доење, иако препорачливо е да ја ротирате раката и да го смените местото на дојката каде што вршите компресија. Престанувате да доите кога ќе видите дека бебето повеќе не сака да цица и покрај вашите компресии и млекото што излегува. Тоа е знак дека е сито.
Експериментирајте со позициите за доење. Не е секое бебе исто и не секое бебе ќе се залепи за градите правилно. Ако тоа е проблемот, тогаш цицањето не е ефикасно и бебето не добива доволно млеко. За да му помогнете на вашето малечко добро да се зацврсти, можете да му помогнете со тоа што ќе пробате различни пози и ќе видите кои од нив се најефективни во вашиот случај. Важно е устата на бебето да ја покрие доволно добро брадавицата за да може ефикасно да цица и да им сигнализира на градите да произведуваат млеко.
Контактот кожа на кожа, носењето и гушкањето со вашето бебе е од непроценливо значење. Освен што му давате емоционална сигурност на вашето бебе, вие ја поттикнувате и лактацијата. Веројатно досега сте слушнале нешто за контакт кожа на кожа. Ова се применува од раѓање во многу породилишта и дава одлични резултати кога е во прашање доењето. Причината е хормонот окситоцин кој во тоа време се ослободува и позитивно влијае на истекувањето на млекото од градите. Кога повторно ќе посакате да доите, оставете ги настрана домашните работи и едноставно бидете блиску до вашето бебе, оставете го да помине што повеќе време на вашата кожа и резултатите ќе дојдат.
Методи со пумпа за молзење
Во овие ситуации, често ќе биде неопходно да се користи пумпа како помош. За многу жени, ова не е атрактивна опција, но навистина има смисла и може да помогне доколку методите без пумпа не даваат добри резултати. Пробајте, навистина немате што да изгубите, напротив, резултатот може да ве воодушеви.
Откако бебето ќе заврши со хранење, можете да продолжите да пумпате уште десет минути. На овој начин целосно ќе ги испразните градите и ќе им дадете сигнал за зголемување на производството на млеко, кое ќе се зголемува со секое наредно хранење.
Можете исто така да користите пумпа за испуштање мајчино млеко во текот на денот помеѓу доењето. Ќе го постигнете истиот ефект. Редовно ќе ги празните градите, што за нив е знак дека им треба повеќе млеко. Ова е особено препорачливо кога бебето има скокови на раст и одеднаш има потреба од поголеми количини млеко.
Дополнително хранење – дали треба да се дава на бебето за време на релактација и колку долго?
Дали ќе му дадете на вашето бебе адаптирана формула за време на воспоставувањето на релактација зависи од многу фактори. Пред сè, тоа зависи од возраста на бебето и потребите за млеко. Ако бебето е постаро и има потреба од поголеми количества млеко што вашите гради сè уште не можат да го произведат, во овие ситуации потребно е да му дадете формула за да го одржите бебето сито.
За помладите бебиња кои не цицаат големи количини млеко, можеби ќе можете почесто да ги нудите градите за да ги задоволите нивните потреби.
Се зависи од вашата индивидуална ситуација и би било добро да се консултирате со експерт за доење или со вашиот педијатар за комбинираниот метод, бидејќи тие точно знаат колку млеко му треба на вашето бебе.
Она што логично следува како заклучок е дека не треба да претеруваме со дополнителното хранење. Користете го додека не воспоставите лактација, односно додека вашите гради не произведат доволно количество млеко. Штом тоа се случи, мајчиното млеко може да ја преземе главната улога, што е и најдобро за бебето не само во моментот, туку како основа за неговата идна здравствена слика.
Всушност, додека нешто битно и системски не се промени, на мајките им преостанува, наместо слепо да ги слушаат советите, па макар тие биле и докторски, да ја употребат својата интелигенција и самите да се информираат за се во врска со доењето.