Што се случува со децата кога родителите се караат?

„Кога родителите одат зад затворени врати и излегуваат како да е се во ред, децата можат да забележат. Тие ќе видат дека се преправате, а преправањето е на некој начин и полошо“, вели Е. Марк Камингс, психолог од Универзитетот Нотр Дам.

405

„Децата се како емотивни Гајгерови бројачи“, вели Е. Марк Камингс, психолог од Универзитетот Нотр Дам, кој со колегите има објавено стотици трудови на оваа тема во текот на дваесет години. Децата внимателно ги следат емоциите на нивните родители барајќи информации за тоа колку се безбедни во семејството, вели Камингс. Кога родителите се деструктивни, колатералната штета за децата може да трае цел живот.

Што е деструктивен конфликт?
Камингс и колегата Патрик Дејвис од Универзитетот во Рочестер ги идентификуваа видовите на деструктивни тактики што родителите ги користат меѓусебно, а што им штетат на децата:

Вербална агресија како што се навреди и закани за напуштање;
Физичка агресија како што се удирање и туркање;
Тивки тактики како што се избегнување, напуштање или повлекување;
Капитулација – попуштање кое можеби изгледа како решение, но не е.

Кога родителите постојано користат непријателски стратегии еден кон друг, нивните деца може да се чувствуваат вознемирени, загрижени и безнадежни. Понекогаш може да реагираат со лутина, да станат агресивни и да развијат проблеми во однесувањето дома и на училиште. Децата може да развијат нарушувања на спиењето и здравствени проблеми како што се главоболки и стомачни болки.

Стресот може да влијае на нивната способност да се концентрираат, што создава проблеми со учењето и академски проблеми во училиштето. Повеќето деца израснати во средини на деструктивни конфликти имаат проблем да воспостават здрави, избалансирани односи со своите врсници. Дури и односите меѓу браќата и сестрите се нарушени.

Некои студии покажуваат дека децата на возраст од шест месеци регистрираат лошо расположение и лоши односи меѓу нивните родители
Студиите кои ги следат децата во подолг временски период покажуваат дека децата од градинка кои се чувствувале несигурни поради родителски конфликт почесто имале проблеми со приспособувањето во седмо одделение.

Во 20-годишна студија за родителскиот конфликт и детскиот стрес, антрополозите Марк Флин и Бери Ингланд анализирале примероци од хормонот на стрес – кортизол земени од деца во едно село на источниот брег на карипскиот остров Доминика.

Децата кои живееле со родители кои постојано се расправале имале повисоки просечни нивоа на кортизол од децата кои живееле во помирни семејства. Поради тоа, тие често биле уморни и болни, помалку играле и лошо спиеле. Овие деца никогаш не се навикнале на семејниот стрес. Спротивно на тоа, кога децата доживеале особено мирен или нежен контакт, нивниот кортизол се намалувал.

Неодамнешните студии покажуваат дека додека кортизолот кај некои деца се зголемува, кортизолот кај други деца останува ненормално низок и пригушен, а овие различни модели на нивоа на кортизол се чини дека се поврзани со различни видови проблеми во однесувањето во средното детство. Може да се оштетат и други физиолошки регулаторни системи, како што се симпатичките и парасимпатичните гранки на автономниот нервен систем – кои ни помагаат да одговориме на согледаната закана, но се и „кочници“ кои нè враќаат во рамнотежа и не смируваат.

Избегнувањето конфликт не е решение
Некои родители, знаејќи колку може да биде деструктивен конфликтот, можеби мислат дека можат да избегнат лошо влијание врз нивните деца со тоа што ќе попуштат или ќе капитулираат за да ја прекинат кавгата. Но, ова не е ефикасна тактика. „Направивме студија за тоа“, вели Камингс. Според евиденцијата на родителите за нивните расправии дома и реакциите на нивните деца, емоционалните одговори на децата на капитулацијата не се покажале позитивни. Невербалниот гнев и одбивањето да комуницираат или да соработуваат се особено проблематични.

„Нашите студии покажаа дека долгорочните ефекти од родителското повлекување всушност повеќе го нарушуваат мирот и приспособувањето на децата отколку отворениот конфликт“, вели Камингс. Зошто? „Децата го разбираат непријателскиот став и атмосферата“, објаснува тој. „Тие препознаваат што се случува и живеат со тоа. Но, кога родителите се повлекуваат и стануваат емоционално недостапни, децата не знаат што се случува. Тие само знаат дека работите не се во ред. Со текот на времето, гледаме дека повлекувањето на родителите е всушност полошо траекторија за децата. А потешко е и за меѓусебниот однос на брачните партнери“.

Децата се софистицирани аналитичари на конфликти, степенот до кој тие откриваат емоции е многу поголем отколку што може да претпостават родителите
„Кога родителите одат зад затворени врати и излегуваат како да е се во ред, децата можат да забележат“, вели Камингс. „Тие ќе видат дека се преправате. А преправањето е всушност полошо на некој начин.

„Кога родителите одат зад затворени врати и се враќаат навистина смирени и согласни, децата заклучуваат дека проблемот е решен. Тие можат да ја видат разликата помеѓу присилната одлука и онаа што се решава со позитивни емоции и тоа е важно“, смета Камингс.

Повеќе