Сите пеат, само Чола лекува! Како една учителка од Скопје стана најверната обожавателка и пријателка на балканската ѕвезда
„Тој не е само ѕвезда – тој е дел од мојот живот“, вели скопјанката Јованка Грозданоска, најверната обожавателка на најголемата балканска ѕвезда, чија љубов кон идолот прераснала во пријателство што трае со децении.
Јованка Грозданоска сум ја среќавала на повеќе настани, обично поврзани со музика или со храна, но првпат имав можност да поминам со неа подолго време кога делевме превоз од Скопје до Охрид. Поточно, јас и мојот поранешен колега Дуле Мичиќ, инаку, невозачи и Јованка со нејзиниот автомобил. А токму тој автомобил беше првиот шок. Ми кажаа дека ќе ме чекаат на најблиската бензинска станица со Мерцедес со постер на Здравко Чолиќ.
Не ми беше ништо јасно, но патем ја слушнав нејзината приказна за пријателството со Здравко Чолиќ, иако, и после сѐ, сепак не бев целосно подготвена на она што го видов додека таа ладнокрвно ја распакуваше својата торба и ја менуваше постелнината во хотелската соба со својата перница со ликот на Здравко, а потоа вадеше едно по едно, чадор со ликот на Здравко, маица, маска за телефон….


Од детска љубов до животна пасија
„Првпат го слушнав Здравко кога имав само 5 години. Мајка ми пушташе плочи дома и еден ден, меѓу тие песни, се појави глас што веднаш ми влезе во срце иако незнаев кој е и како изгледа – тоа беше Чола. Така почна сѐ. Имав точно 5 години и од тогаш наваму, тој глас ме води низ животот. Од детска љубов, премина во животна пасија. Тоа не беше вообичаена обожавателска фаза – туку нешто подлабоко, како животна нишка“, ја почна Јованка својата необична приказна.
Денес, повеќе од 40 години подоцна, таа не само што не пропушта ниту еден негов концерт, туку може да се пофали со нешто многу повеќе – искрено пријателство со балканската суперѕвезда.



Сите собирале салфетки, таа – слики од Чола
На само седум години, Јованка го гледа првпат на концерт – и од тогаш нема враќање назад. Песните ги знае напамет, ги собира плочите, ги чита интервјуата и додека нејзините другарки собирале салфетки, таа правела тетратка со исечоци од списанија во кои се појавува Чолиќ.
„Си велев – ако има дури и само едно мало сликиче, ќе го исечам и ќе го залепам“, вели Јованка. Тетратката ја чува и ден денес, а Здравко лично ѝ ја потпишал.
„Му реков – земи ја, ја направив за тебе. А тој ми рече: ‘Не, ти ќе ја чуваш подобро од мене’“, ни раскажува таа.


Првата средба лице во лице
На 20 години, конечно доаѓа и до нејзината прва средба со Здравко, лице во лице. Чолиќ настапувал во Скопје, а таа дознала каде е сместен.
„Отидов и го чекав. Кога дојде, срцето ми чукаше како лудо. Му се фрлив во прегратка и му реков: ‘Јас сум твоја најголема обожавателка’. Тој ми се насмевна и ми рече: ‘Па те чекав’“, се смее Јованка потсетувајќи се на првиот личен контакт со својот идол.
Од тогаш, не пропуштила ниту една негова посета на Македонија – а и надвор од неа.



„Од тогаш почна нашата блискост, а со секој нареден концерт таа само се продлабочуваше. Верувам дека со тек на време и тој сфати дека сум постојано тука – со поддршка, почит и голема љубов“, вели Јованка, а потоа ни ја раскажува и најлудата работа што ја направила во врска со него.
„Најлудото што сум го направила? Отидов на шест негови концерти во Белград, па веднаш планирав да одам и на неговиот настап во Будва за Нова година. Само што… не можев да го најдам пасошот. Сепак тргнав, но ме вратија од граница. Се вратив дома и го најдов – бил во скенерот! Но бидејќи беше 31 декември, беше Нова година, не можев да најдам никакво превозно средство, но не се откажав. Платив такси до Будва и стигнав на време. Бев во првиот ред.“
Над 200 концерти, но и ВИП третман
Јованка не ги брои концертите на Здравко на кои била, но вели, сигурно се над 200. Редовно е во првите редови, често добива ВИП третман, влегува зад сцена, пие кафе со Чолиќ, пее со него на сцена. И не, таа не го бара тоа, туку се случува, како што вели Јованка, затоа што тој ја третира како пријател.


Понекогаш си пишуваат пораки, особено кога има концерт или по настап, кога ќе му излезе нова песна или цел албум.
„Кога ќе му излезе нова песна, тој сака да го слушне мислењето од обожавателите и јас секогаш му пишувам што мислам, си праќаме пораки за роденден, за празници, слави итн. Тој секогаш е културен, топол и искрен во комуникацијата. Тоа многу ми значи – не само како обожавател, туку како пријател“, вели нашата соговорничка.


Јованка се запознала и со неговото семејство – сопругата и децата и тоа во Скопје, на враќање од одмор во Грција. Вели дека се сите прекрасни, топли, скромни, пријатни луѓе. Таа го знае и братот на Здравко, Драган кој има ресторани во Белград, а Јованка и таму е добредојдена.
Вели дека нивниот однос не е едностран, туку со текот на времето се изградиле доверба и почит. „Имаме срдачен однос и тоа ми значи многу – зашто тогаш знаеш дека си навистина прифатен, а не само уште едно познато лице од публика“, вели таа.

Од торти до постелнина – сѐ е со ликот на Чолиќ
Не е само музиката. Јованка има постелнина со ликот на Чола (поклон од колешките), термо чаша, чадор, маички, маска за телефон, па дури и постер залепен на колата.
„Еднаш мојата пријателка Ирена ми ја побара колата за нешто и после половина час се врати – со огромен постер на Здравко залепен на хаубата. Кога дојде Здравко во Скопје, сакаше да ја види во живо!“



Другпат, на концерт во Штип, Чола ѝ го фрлил сакото. По концертот сакала да му го врати.
„Пишуваше дека е Армани, па после концертот сакав да му го вратам и му кажав дека е сигурно многу скапо, ама тој ми рече: „Не е поскапо од тебе.“
Наставничка за мерак
Јованка е одделенски наставник со 30 години искуство. Учениците знаат дека е голема обожавателка и пријателка со Здравко Чолиќ.
„Како одделенски наставник со 30 години искуство, не можам да не ја пренесам љубовта кон музиката и уметноста. Учениците знаат кој е Здравко. Некои велат: „Наставничке, го слуша мајка ми, ама има добри песни!“ Честопати пуштаме по некоја негова балада на час по музичко и зборуваме за пораката што ја носат тие песни.
Сакам да им покажам дека вредноста не се мери по трендот, туку по тоа како некој те тера да се чувствуваш“, објаснува Јованка.


Каков е Чола?
За Чола неговата обожавателка и верна пријателка вели дека е многу приземен човек иако е балканска суперѕвезда.



„Секогаш е со насмевка, скромен, ведар, со почит и внимание љубезен и достапен за обожавателите. Не глуми ѕвезда, туку зрачи со човечност, зрачи со мир, одмереност и топлина во секоја средба. Никогаш не се однесува како „ѕвезда“, туку како пријател. Чолиќ зрачи со позитивна енергија и секогаш ја пренесува таа верба и на публиката. Тој е човек што инспирира и како уметник и како личност. Неговиот глас е еден од најубавите на балканската сцена. Гласот му е истовремено моќен и нежен, преполн со чувства што допираат до срцето, зрачи со позитивна енергија и секогаш ја пренесува таа верба и на публиката. Тој е човек што инспирира и како уметник и како личност. Со години остана верен на себе, без скандали, без наметнување. Пее со иста страст и денес, како и пред 30-40 години. Ретки се уметниците кои се слушаат од баба до внук. Чолиќ е токму таков феномен – универзален, секогаш актуелен. Од него извира топлина. Колку е постар – толку е подобар. Често си велам: Сите пеат, ама само Чола лекува“, ја завршува својата приказна за ова ретко пријателство помеѓу една голема ѕвезда и една голема обожавателка.


