Сликата на вашето дете може да заврши во сексуализиран материјал: Експерт предупредува за опасностите на интернет
Само 20 фотографии или 30 секунди видео се доволни за алатките на вештачката интелигенција да изработат реалистична реплика на вашето дете. Сликите од деца објавени онлајн можат да бидат искористени и за изработка на сексуализирани дипфејк материјали, лажни, но уверливи фотографии, аудио снимки или видеа, предупредува британски експерт за сајбер безбедност
Водечкиот британски експерт за сајбер безбедност, професор Карстен Мејпл од Универзитетот во Ворвик, ги предупредил родителите за огромната закана што демне од нивните сопствени објави на социјалните мрежи.
„Потребни се само неколку лични детали што невнимателно ги споделувате онлајн за некој да ги искористи. Без разлика дали станува збор за фотографии од роденден, прв ден од училиште или дневни рутини, лесно е да се создаде дигитален отпечаток на вашето дете“, изјавил тој за HuffPost UK.
Според анкета спроведена на 2.000 родители во Велика Британија за швајцарската безбедносна фирма Proton, просечниот родител објавува 63 фотографии месечно, од кои 59 проценти се семејни фотографии. Еден од пет родители споделува слики од своите деца повеќе пати неделно.
Професорот Мејпл предупредува дека само 20 фотографии или 30 секунди видео се доволни за алатките на вештачката интелигенција да изработат реалистична реплика на вашето дете, што може да доведе до кражба на идентитет или дури и поопасни форми на злоупотреба.
Родителите несвесно ги ставаат своите деца во опасност
За жал, сликите од деца објавени онлајн можат да бидат искористени и за изработка на сексуализирани дипфејк материјали, лажни, но уверливи фотографии, аудио снимки или видеа.
Покрај фотографиите и видеата, обичните објави на социјалните мрежи можат да откријат и чувствителни информации – како што се локација или важни настани – што овозможува создавање на интернетски профили на децата уште пред тие и да сфатат што е дигитален свет.
„Родителите несвесно ги ставаат своите деца во опасност. Последиците можат да бидат сериозни, од психолошки последици и нарушена репутација до содржина што е речиси невозможно да се избрише“, предупредува Мејпл.
Што можат да направат родителите?
Професорката Мејпл им советува на родителите да размислат двапати пред да објават и да избегнуваат користење платформи што собираат податоци.
Наместо тоа, таа препорачува складирање на приватните моменти на безбедни уреди и користење услуги што нудат енкрипција и не споделуваат податоци со трети страни.