Tатко и син со аутизам водат ресторан во Босилово

Коста Тимов е кошаркар, бил долгогодишен менаџер во угостителскиот бизнис, изработува мебел, а неодамна го отвори и етноресторанот „Кај Виктор“, кој е всушност само дел од еден цел проект кој го осмислил за да можат да функционираат заедно со неговиот 19-годишен син Виктор кој има аутизам, но и за да си ја обезбедат егзистенцијата.

9.863

Нашиот соговорник Коста Тимов бил професионален кошаркар и играл во првата македонска лига, а денес е дел од ветеранската кошаркарска лига. Повеќе од една деценија бил во менаџерскиот тим на хотелот и казиното „Принцес“ во Гевгелија, а патем учел и запишувал рецепти од готвачите кои работеле таму.

Иако има само 48 години, Коста е сестран како за неколку животи и живее и работи „300 на саат“. Сè што треба за неговиот син единец, сега веќе 19-годишниот Виктор кој е дете со аутизам.

Неодамна тој го отвори и етноресторанот „Кај Виктор“, кој е всушност само дел од еден цел проект кој Коста го осмислил за да можат да функционираат заедно со синот, но и за да си ја обезбедат егзистенцијата.

Посветеноста на овој татко е нешто што не се опишува во само еден текст, но ќе се обидеме да го направиме тоа, бидејќи Коста заслужува внимание како човек кој има уште многу планови и планира во својот систем да вклучи и да им помогне и на други родители кои имаат деца со посебни потреби да си го најдат својот пат.

Виктор син се родил како здраво дете, но на околу 15-месечна возраст, по примената вакцина, состојбата се променила.

„Најтежок и најболен момент за родителите на децата со потешки дијагнози, е да се прифати вистината за нивното дете, во случајот на Виктор, дијагнозата на аутизам. Не е лесно да го прифатиш тоа дека твоето дете има проблем. Кога осетив, а потоа и ја дознав дијагнозата на Виктор, многу брзо ја прифатив вистината која за мене и за сопругата беше целосна непознаница. За разлика од тогаш, сега, иако не сум медицинско лице, но со искуствата кои сум ги собирал низ годините од многу добри доктори, но и самостојно едуцирајќи се за оваа дијагноза, сум сигурен во себе и во она што треба да го правам за иднината на Виктор.

Тука морам да ја споменам д-р Силвана Филипова, според мене, најдобар логопед во Македонија која ја даде основата за напредокот кај Виктор и ми ги отвори очите за тоа дека не смеам да им ја препуштам целата работа на докторите, логопедите и дефектолозите, туку треба да работам и самиот со него за да има сето тоа континуитет. Така, додека цели четири години го носев Виктор на логопед, Филипова работеше 20 минути со него, а 10 минути ме обучуваше мене за вежбите кои треба да ги правиме и дома. И ги правевме. Таа беше тогаш логопед во Неготино, па јас 4 години го носев таму, потоа и на базен во Гевгелија и целиот тој период одев само ноќни смени на работа и максимално се вложив во тоа да му ја подобриме состојбата“, ја почна својата приказна Коста.

Тој вели дека многу важна работа за која им зборува и на другите родители на деца со посебни потреби е со заеднички сили да се работи упорно и на тоа системот да ги прифати нивните деца во образовниот систем.

„Замислете каква беше ситуацијата пред 15 години кога по препорака на лекарите тргнавме да го запишеме Виктор во градинка очекувајќи таму да се случат првите знаци за напредок. Нè одбија и директорката ни кажа дека, едноставно, тие не примаат „такви“ деца.

Ние моравме да се поставиме над системот кој не примаше „такви“ деца и да бидеме упорни, бидејќи таму ја гледавме надежта за напредок на Виктор па со многу борби успеавме да го запишеме.

Секој ден ти плаче душата, но упорен си да го примат. На крај, го оставив Виктор во градинката, оставив мој број и си заминав. Така го примија, па потоа се изборивме и донесоа и логопед и дефектолог во градинката.

Истата работа се случуваше и кога дојде време за на училиште. А тоа беше две години подоцна од вообичаената возраст за на училиште затоа што кај Виктор до 8-9 години немаше говор, носеше пелени и не беше самостоен за многу работи.

Кога го примија во училиштето, јас и мајка му, му бевме асистенти и седевме во клупа со него до четврто одделение. Тогаш и немаше асистенти, а не можете да очекувате наставничката да му се посвети нему и за сметка на тоа да ги запостави другите деца. Потоа самите плаќавме асистентка, а во училиштето со мои средства, но и со помош од пријатели, направив и сензорна соба и наместо да биде 45 минути во клупа, Виктор седеше 15 минути на час, а другото време го поминуваше во сензорна соба со дефектологот.

Ако не оди во школо како ќе добие социјализација, како ќе стекне другари? На сите родители со кои зборувам им кажувам дека треба да ја прифатат и сами борбата. Што ќе се случеше ако јас и мајка му не одевме со него, што ќе се случеше ако одеше сам, кој ќе му посветеше внимание? Ние им помагавме и на другите деца, а на одморите им објаснувавме зошто е Виктор поразличен, па со време самите деца му станаа асистенти и му беа придружба и до ден денес сме блиски со нивните родители. Затоа велам дека за сè мора да се направи некоја жртва, наместо времето да го поминуваш во кафеана и во обложувалница, ќе си бидеш со своето дете, не можеш само да им го оставиш на логопеди и дефектолози и да ги обвиниш нив ако нема напредок, мора да станеш дел од тимот. Сите се бориме нашите деца да добијат персонални асистенти, за да имаме време да работиме и да создадеме егзистенција, да ја покриеме терапијата за нашите деца, но мора и самите максимално да се вложиме.

Многу родители кога ќе го видат Виктор, кој денес самостојно функционира дома, сам се облекува, јаде, се тушира, има свои обврски и задолженија, сакаат за пет минути да го постигнат тоа со своите деца.

А има многу работа, треба да се посветат на многу нешта, од соодветна исхрана и професионални испитувања, до логопедски и дефектолошки редовни третмани и пак ќе речам, треба и сами да работат со децата. Тоа е исто како да очекувате успех на натпревар од спортист кој тренирал само 1 ден. Во тој контекст, родителот треба да биде и строг, да не попушта, бидејќи децата со аутизам, иако се сите различни, сепак имаат некои заеднички карактеристики, како оние дека се стереотипни во однос на исхраната, имаат одбивност кон работа и сето тоа бара многу упорност од родителите“, објаснува Коста.

За жалење и муабети зошто воопшто дошло до оваа состојба, нашиот соговорник вели дека не сака да си го троши времето.

„Еден многу добар доктор кој работеше со Виктор 9 години и кој и самиот е родител на дете со аутизам, ми велеше, не се заморувај со дијагнозата аутизам, кои се причините и зошто дошло до неа, доволно е да прифатиш дека имате проблем и да се сконцентрираш на тоа како да му помогнеш.

Ние правевме многу испитувања, ја проверувавме крвта во лабораторија во Холандија, правевме прецизни испитувања и врз база на резултати, Виктор добиваше терапија, беше во хипербарни комори со кислород, а терапијата за која сè уште плаќам кредити ме чинеше многу. Затоа, дете кое до 8-9 годишна возраст немаше ниту говор ниту моторика, носеше пелени, сега учи вонредно во средно училиште и е втора година на компјутерски техники, има петки математика и англиски, распознава 36 светски јазици, има четворки по македонски и физика, а за испитите јас го спремам дома и го носам на полагање.

Денес работите се менуваат на подобро и има повеќе разбирање кон нашите деца, па сакам да изразам благодарност и до ОУ „Владо Кантарџиев“ и до средното „Никола Карев“ во Струмица во кое учи Виктор.

Поентата е да има напредок без оглед на тоа колку труд сме вложиле.

Затоа го направив и ресторанот и осмислив цел систем за тоа како едно семејство кое има дете со посебни потреби, поточно аутизам, да си обезбеди егзистенција, а истовремено родителот да може целосно да му се посвети, да му даде насока, да се социјализира, но и да придонесе за општеството. Со овој концепт детето добива работни навики и самостојност.

Ние имаме цел систем како да функционираме со син ми преку цел ден, од будење, преку активности во мини зоолошката градина која ја направив во дворот од целиот комплекс, каде што ги храниме животните, потоа одиме во набавка на свежи продукти за ресторанот, одиме на појадок во Струмица, каде што Виктор се социјализира, а потоа ми помага да ја истовариме робата и добива задолженија во кујната, ги мие зеленчукот и овошјето, раскрева и поставува, а ја постигаме и социјализацијата со гостите“, објаснува Коста.

Инаку, целиот комплекс го замислил и го наменил, не само за Виктор, туку и за сите семејства со деца со посебни потреби заради личното лошо искуство кое го имал кога одел во други ресторани со Виктор и каде што луѓето, на пример, ако се задржеле подолго во тоалетот затоа што на Виктор му била потребна асистенција од татко му, му префрлале зошто воопшто дошол тука со „такво“ дете и зошто не си седат дома.

Сега во нивниот ресторан со широк зелен двор сите деца, а особено оние со посебни потреби, се чувствуваат добредојдени.

Уште два интересни податоци за овој посветен родител се и оние дека е тој самиот е и главен готвач во ресторанот. Имено, за време на карантинот ангажирал професионален готвач од Гевгелија кој го обучувал, а и самиот веќе имал претходно искуство, затоа што, како што вели, со години подготвувал храна и готвел специјално за својот син, па сега нема проблем да се справи ниту кога станува збор за големи групи гости, за свадби и крштевки, а прави дури и кетеринг за погреби.

Тука се состануваат и со родителите на деца со посебни потреби на кои им ги пренесува своите искуства, а има идеја и како да ги ангажира за да можат и да соработуваат со него и да си ја обезбедат сопствената егзистенција. Практично, целиот негов проект е замислен во духот на социјалното претприемништво.

„До самиот ресторан мојот брат има фарма и сопствено производство на млеко, во моментов сме во инвестиција за правење сирење, имаме домашни јајца …, па имам идеја со нашите домашни производи, некои од овие родители и нивните деца кои ќе се нафатат на таков ангажман да прават на пример, за нас ајвар или јуфки или нешто трето, па така сите да имаме корист“, вели тој.

Вториот интересен податок, освен тој дека Коста е и татко и спортист и готвач, е и тоа дека е и мајстор, па целиот инвентар во нивниот етно-комплекс, го изработил самиот, со свои раце, во својата работилница за столарија, со оглед на тоа што завршил средно училиште за дизајн на мебел.

И конечно, и да не е сето тоа и сите тие ангажмани на Коста, доволен за восхит ќе беше и само неговиот реален план за тоа како да функционираат понатаму тој, неговиот син и аутизмот.

„Тоа што го промовирам е дека сите сме исти и сите заслужуваме радост, но наместо да чекаме некој друг да ни ја обезбеди, мораме самите да преземеме нешто. Треба да знаеме како родители кои се точно нашите потреби, но и самите да оставиме пример како треба да се решаваат проблемите. Виктор расте, нема голема помош од државата, а јас стареам. Тоа е најболна тема на секој родител, што после нас? А кога ќе видиме напредок и самостојност кај своето дете, тоа ни дава надеж. Ако немаме персонални асистенти, зарем треба да ги затвориме и да ги изолираме нашите деца дома?

Не, мора да ги најдеме своите скриени сили и афинитети, да создадеме услови за тие да можат да функционираат и после нас и без нас“, порачува овој татко со многу енергија, идеи и ентузијазам, за себе, за својот син и за сите деца со посебни потреби.

Повеќе