Трпам булинг од врсниците 9 години: На меѓународниот ден за побезбеден интернет младите си ги отворија душите
Девет години сум предмет на булинг од страна на моите врсници и иако побарав помош, никој од возрасните во училиштето не го сфати тоа сериозно, проговори едно од девојчињата присутни на средбата на која се разговараше за заедничката иницијатива на УНИЦЕФ и фондацијата Телеком, за интернет без омраза и врсничко насилство.
По повод Меѓународниот ден за побезбеден интернет (11 февруари), денеска се одржа неформална средба на која се разговараше за иницијативата „Заедно за интернет без омраза и без врсничко насилство“ на УНИЦЕФ и Фондација Телеком за Македонија.
Иако оваа заедничка иницијатива која ќе се одвива со поддршка на младите кои, како што велат иницијаторите, подобро ќе допрат до нивните врсници отколку возрасните, опфаќа голем дел од проблемот и предвидува цела низа активности на оваа тема, приказните кои ги споделија дел од младите присутни на настанот, за булингот што го трпат од нивните врсници, ја открија сета комплексност на овој актуелен проблем.
„Девет години сум предмет на булинг од страна на моите врсници и иако побарав помош и од наставниците, од педагогот и од психологот во моето училиште, никој од нив не го сфати сериозно мојот проблем и не ми помогна. Барав да ме преместат во друго училиште или барем во друго одделение, а тие ми одговорија дека не може да се преместувам во последната година од школувањето во училиштето. Сега веќе деветта година по ред го трпам булингот, а бидејќи предолго чекав за да се пожалам, но и немајќи друг избор, некако успеав самата да изградам одбранбен систем и да ја издржам тортурата на моите врсници. Мислам дека немав друг излез бидејќи откако ќе се пожалите некому, а на насилниците нема да им се случи ништо, освен, евентуално, да бидат опоменати, вие станувате уште поголема жртва на булинг од претходно со самото тоа што сте ги пријавиле кај надлежните“, се отвори еднa деветоодделенка присутна на настанот.
Раскажувајќи за своите искуства кои од најубавиот дел од нивниот живот направиле неиздржлив период кој едвај чекаат да се заврши и тие да почнат отпочеток во сосема нова средина, овие млади луѓе отворија уште низа прашања кои треба да се опфатат за оваа иницијатива да ги даде посакуваните резултати, односно, интернет без булинг и без врсничко насилство и во реалниот и во онлајн светот.
Приказните на младите жртви на врсничко насилство го отворија и проблемот со одговорноста на родителите на децата-насилници, кои веројатно, како што рече едно сега веќе 24-годишно момче, некогашна жртва на булинг, на овој начин бараат внимание кое очигледно не го добиваат во својот дом.
Дел од оваа приказна, всушност едни од оние кои најмногу можат да придонесат да се подобрат работите, се и младите извидници преводени од Снежана Јанковиќ, водач на неколку генерации извидници, кои ќе имаат низа активности ширум државата со кои ќе придонесат за иницијативата на УНИЦЕФ и на Фондацијата Телеком за Македонија.
На средбата беа раскажани и други приказни, дел и од родители на деца кои биле жртви на врсничко насилство или биле сведоци на истото во одделенијата на нивните деца и тие отворија многу нови прашања во врска со потребата да се трансформираат ставовите на целото општетство во кое, очигледно, се уште, наместо насилниците, на столбот на срамот се ставаат жртвите на врсничкото насилство кои секогаш се оние кои за да се спасат од истото, мораат да побегнат од средината во која го доживуваат булингот.
На средбата на која беше претставена оваа навистина значајна и потребна иницијатива, се обратија и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Лесли Милер и претседателот на Фондацијата Телеком за Македонија, Никола Љушев.