Вештачката интелигенција во детските играчки не е добра идеја: Човечкиот допир е неопходен за малите деца
Историски, многу внимание се посветува на физичката безбедност затоа што не сакаме играчки на кои можат да им се извадат очите и да се проголтаат. Сега треба да почнеме да размислуваме за психолошката безбедност – изјавила за Би-Би-Си Џени Гибсон, професорка по невродиверзитет и развојна психологија на Универзитетот во Кембриџ
Научниците бараат построга регулација на детските играчки со вештачка интелигенција наменети за мали деца, откако спроведоа едно од првите испитувања во светот за да истражат како децата под пет години комуницираат со технологијата. Студијата испитувала како мал примерок од деца на возраст меѓу три и пет години комуницирале со кадифена играчка наречена Габо.
Вештачката интелигенција за деца од предучилишна возраст не изгледа како добра идеја
На пазарот веќе се наоѓаат низа играчки со вештачка интелигенција за тригодишни деца, но во моментов има многу малку истражувања за влијанието на технологијата врз децата од предучилишна возраст. Тимот на Универзитетот во Кембриџ пронајде само седум релевантни студии низ целиот свет, од кои ниту една не се фокусира исклучиво на малите деца.
Габо е играчка што содржи гласовно активиран OpenAI четбот. Таа е дизајнирана да ги охрабри децата од предучилишна возраст да разговараат со неа и да се вклучат во имагинативна игра. Родителите во студијата биле заинтересирани за потенцијалот на играчката за подучување јазик и комуникациски вештини. Меѓутоа, нивните деца честопати имале проблеми со разговорот. Габо не ги слушал нивните прекини, ги надгласувал, не можел да прави разлика помеѓу гласот на детето и гласот на возрасните и реагирал неспретно на изјавите на луѓето.
Момче: „Тажен сум“, играчката: „Јас сум среќен“
Кога петгодишно девојче ѝ рекло на играчката „Те сакам“, таа одговорила: „Како пријателски потсетник, те молам осигурај се дека интеракциите ги следат упатствата. Кажи ми како сакаш да продолжиме.“ Истражувачите велат дека е загрижувачки што во развојна фаза каде што децата учат за социјална интеракција и знаци, генеративното производство на вештачката интелигенција може да биде толку збунувачко.
– Играчките како Габо можат погрешно да ги протолкуваат емоциите и да реагираат несоодветно – рекла коавторката на студијата, д-р Емили Гудакр, изразувајќи загриженост дека децата би можеле да останат без утеха од играчката и без поддршка од возрасните.
Кога тригодишно дете му рекло на Габо: „Тажен сум“, тој одговорил: „Не грижи се! Јас сум среќен мал робот. Ајде да продолжиме да се забавуваме. За што ќе зборуваме следно?“
Научниците велат дека ваквите интеракции би можеле да сигнализираат дека тагата на детето не е важна.
Размислете за „психолошката безбедност“
– Историски гледано, многу внимание се посветува на физичката безбедност затоа што не сакаме играчки на кои можат да им се извадат очите и да се проголтаат. Сега треба да почнеме да размислуваме за психолошката безбедност – изјавила за Би-Би-Си Џени Гибсон, професорка по невродиверзитет и развојна психологија на Универзитетот во Кембриџ и коавторка на студијата.
По едногодишна опсервациска студија, авторите велат дека регулаторите треба да дејствуваат сега за да се осигураат дека производите наменети за деца под пет години нудат „психолошка безбедност“.
Габо е произведен од Curio, компанија која соработувала со пејачката Грајмс, поранешна партнерка на Илон Маск.
– Употребата на вештачка интелигенција во детските производи доаѓа со поголема одговорност, поради што нашите играчки се изградени околу родителска дозвола, транспарентност и контрола. Истражувањето на тоа како децата комуницираат со играчките напојувани со вештачка интелигенција е врвен приоритет за Curio оваа година и во иднина – рекле од компанијата.
Повикот за регулирање на вештачката интелигенција во образованието и грижата за децата во раното детство го повтори и комесарката за деца, Дама Рејчел де Соуза.
– Постојат многу добри примери за вештачка интелигенција, но без соодветна регулатива, многу алатки и модели што се користат како асистенти во училница или помагала за учење не подлежат на ригорозните заштитни проверки што давателите на услуги за грижа за деца би ги барале од кој било друг надворешен ресурс што го користат со мали деца – вели де Соуза.
Загриженост поради игра без надзор
Извештајот им советува на родителите да чуваат играчки напојувани со вештачка интелигенција во заеднички простори каде што родителите можат да ги следат нивните интеракции и внимателно да ги читаат политиките за приватност. Вработените во градинките се исто така поделени околу потенцијалот на вештачката интелигенција во нивната околина.
Џун О’Саливан, која води синџир од 43 градинки на Лондонската фондација за рано учење, рекла дека сè уште не видела докази за придобивките од вештачката интелигенција на рана возраст. Според неа, децата треба да развијат сеопфатен сет на вештини и дека ова е поефикасно со луѓе отколку со алатки управувани од вештачка интелигенција.
– Не можев да најдам ништо што би ме навело на чувството дека внесувањето на ова во нашите градинки и ставањето на располагање на нашите деца ќе го подобри нивното учење – рекла О’Саливан.
Актерката и активистка за правата на децата Софи Винклман, исто така, се залага против употребата на вештачката интелигенција во образованието и претшколското воспитување.
– Штетите би можеле далеку да ги надминат придобивките, а развивањето вештини за вештачка интелигенција треба да се остави за подоцна. Човечкиот допир е од суштинско значење за малите деца и нешто што навистина треба да се заштити и за кое треба да се бориме – вели Винклман.