Вежбањето за време на бременоста може да го намали ризикот од астма кај детето

Секако, не мора да трчате маратон со вашето бебе, но доколку успеете да се движите и да вежбате малку повеќе во текот на бременоста, тоа би можело да се исплати кога е во прашање здравјето на вашето бебе.

15

Се разбира дека многу работи што ги правиме за време на бременоста многу влијаат на детето кое е во нашето тело. Некои треба да ги избегнуваме, а други да се обидеме да ги практикуваме.

Вежбајте за време на бременоста

Има цела низа причини зошто треба да се практикува вежбањето.

Бремената жена се чувствува подобро, останува поактивна, телото е подобро подготвено за породување и наједноставно кажано – вежбањето е здраво.

Но, од друга страна, некои трудници не можат ни да замислат да вежбаат за време на бременоста. На некои, пак, лекарот може да им забрани прекумерно вежбање за време на бременоста.

Се зависи секако од жената и нејзиното здравје, како и од самата бременост.

Меѓутоа, ако сте меѓу трудниците на кои им е дозволено да вежбаат, но никако да започнат, можеби оваа студија е токму она што ви треба.

Имено, една студија спроведена во Финска покажала дека мајките кои во текот на бременоста вежбале најмалку три пати неделно за половина го намалуваат ризикот од развој на астма кај своето дете.

Студијата, која следела речиси 1.000 парови мајка-дете од бременоста до седумгодишна возраст, покажала дека оваа врска е значајна дури и кога се земени предвид другите варијабли како што се тежината на мајката, нивото на стрес, исхраната и влијанијата од околината.

„Нашите наоди силно сугерираат дека вежбањето на мајката за време на бременоста има независно позитивно влијание врз фетусот и последователното здравје на детето.

Сè уште не знаеме зошто вежбањето на мајката се манифестира како намален ризик од астма кај детето, но една можност е дека го поддржува созревањето на белите дробови на фетусот“, се вели во соопштението за печат потпишано, меѓу другите, од Ема-Рита Мусака, лекар и научник на Универзитетот во Источна Финска.

Зошто е ова важно?
Астмата е водечка хронична болест кај децата во светот. Досега, избегнувањето на чадот од цигарите беше еден од ретките докажани начини за намалување на ризикот за детето, истакнала д-р Пирка Кирјаваинен, раководител на студијата.

Ова истражување, сепак, сугерира дека умереното вежбање – како што се брзи прошетки, пренатална јога или пливање – може еднакво да го штитат бебето.

Добро е да се знае, нели?

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува околу 2,5 часа умерено вежбање неделно за бремени жени. Интересно е што студијата не покажала никакви дополнителни придобивки од вежбање повеќе од три пати неделно. Така што нема потреба од претерување, што за многумина е големо олеснување.

Секако, не мора да трчате маратон со вашето бебе, но доколку успеете да се движите и да вежбате малку повеќе во текот на бременоста, тоа би можело да се исплати кога е во прашање здравјето на вашето бебе.

Повеќе