Во Јапонија расте побарувачката за работоспособни постари лица – минатата година 6,39 милиони работници на возраст над 65 години работеле во земјата на изгрејсонцето, додека дури 39 отсто од јапонските компании имале вработени кои влегле во осмата деценија на животот.
Според податоците на јапонското Министерство за здравство, труд и социјална политика, минатата година дури 39 отсто од јапонските компании вработувале работници постари од 70 години, пренесува Никеи, домашен весник посветен на економските прашања. Тој процент е на нагорна патека цели десет години.
Јапонската влада законски им даде можност на компаниите доколку сакаат да ја укинат старосната граница за пензионирање – опција која некои од нив ја избрале, такашто има и такви кои вработуваат и работници со над 80 години. Ова особено се однесува на продавниците и угостителските објекти.
Според податоците на Министерството за земјиште, инфраструктура, транспорт и врски, 6,39 милиони луѓе на возраст од 65 и повеќе години работеле во Јапонија во 2022 година, што е 10,6 отсто од вкупната работна сила на островската земја. За споредба, тој сооднос во САД е седум, а во Германија само четири проценти.
Причини за вработување постари лица
Главната причина за високиот процент на постари лица кои работат во Јапонија денес е стареењето на населението поради неколкудецениската ниска стапка на наталитет и намалувањето на работоспособното население (возрасната популација традиционално се смета за работоспособна: од 15 до 64). Имено, во земјата на изгрејсонцето, близу 30 отсто од населението има над 65 години – демографски репер што јапонската популација ја прави најстара во светот.
Треба да се каже и дека Јапонците со децении уживаат во долг просечен животен век и според тој стандард традиционално заземаат едно од првите три места во светот. Сегашниот просечен животен век на мажите во таа Далечна Источна империја е 81 година, а на жените 87.
Најчеста опција која ја избираат најголемиот број компании во Јапонија е пензионирањето на работниците на возраст од 65 години, но владата и медиумите во таа островска земја, имајќи го предвид постојаното подобрување на здравствената состојба на старите лица и фактот дека животниот век се зголемува, сѐ повеќе зборуваат за тоа дека човечкиот век наскоро ќе биде 100 години и дека доколку старосната граница за пензионирање не се зголеми од сегашните 65, жителите ќе поминат повеќе (непродуктивни) децении во пензија, што е голем предизвик за пензискиот и здравствениот систем на државата.
Решавање на проблемот со недостаток на работна сила
Јапонската влада, освен што ги охрабрува компаниите да ја подигнат старосната граница за пензионирање или повторно да вработуваат здрави пензионери, се обидува да го реши и проблемот со намалувањето и недостатокот на работна сила со зголемена автоматизација и роботизација на производството и услугите, поголема вклученост на жените во пазарот на труд и послободен увоз на странска работна сила.
Меѓутоа, во последните неколку години, според јапонските експерти, плафонот е достигнат кога станува збор за ангажирање домашна женска работна сила, додека големиот пад на јенот во однос на доларот и еврото го отежнува вработувањето странци – по правило, тие сакаат да прават бизнис во Јапонија и да испраќаат пари за своите семејства во нивните земји, но сè повеќе ги доживуваат платите во земјата на изгрејсонцето како непривлечни.
Оттука, расте потребата да се користат постарите лица како работници, што го објаснува фактот дека минатата година бројот на јапонски компании кои вработуваат луѓе во осмата деценија од животот достигна рекордно ниво од 39 проценти.