Микропластика e за првпат откриена во фоликуларната течност на јајниците, предизвикувајќи загриженост за можното влијание на овие сеприсутни и потенцијално штетни материи врз женската плодност.
Една нова рецензирана студија, објавена во списанието Ecotoxicology and Environmental Safety, го анализирала присуството на микропластика во фоликуларната течност на 18 жени кои биле подложени на процедури за асистирана репродукција во клиника за плодност во италијанскиот град Салерно. Микропластика е откриена во примероци од 14 жени.
Фоликуларната течност обезбедува основни хранливи материи и биохемиски сигнали за развој на јајце клетката. Контаминацијата на овој процес со микропластични честички веројатно ќе има импликации за плодноста, хормоналната рамнотежа и целокупното репродуктивно здравје, пишуваат авторите.
Ова откритие претставува важен чекор кон разбирање како и зошто микропластиката влијае на женскиот репродуктивен систем. Но, резултатите се исто така причина за сериозна загриженост, вели Луиџи Монтано, главен автор на студијата и истражувач на Универзитетот во Рим.
„Ова откритие треба да ни послужи како сериозно предупредување за тоа колку овие нови загадувачи веќе навлегле во женскиот репродуктивен систем“, се наведува во студијата.
Микропластика и уште помали нанопластики се пронајдени буквално насекаде – од врвот на Монт Еверест до најдлабоката точка на океанот во Маријанската бразда. Се претпоставува дека храната е еден од главните извори на изложеност – неодамнешното истражување покажа присуство на овие честички во сите тестирани видови месо, овошје и зеленчук.
Микропластиката е особено опасна бидејќи може да содржи која било од 16.000 различни хемикалии што се користат во производството на пластика. Меѓу нив се и некои исклучително штетни материи како што се PFAS, бисфенолите и фталатите – соединенија кои се поврзани со развој на рак, невролошки оштетувања, хормонални нарушувања и развојни проблеми кај децата, пишува The Guardian.
Научниците досега открија микропластика во речиси секој дел од човечкото тело – дури и на места кои треба да бидат особено заштитени поради постоечките бариери, како што се мозокот и плацентата.
Оваа најнова студија е дел од поголем истражувачки проект предводен од Луиџи Монтано. Како дел од овој проект, Монтано претходно откри присуство на микропластика во човечката урина и сперма и детално истражува како овие честички влијаат на плодноста. Според него, тој се сомнева дека микропластиката и слични хемикалии се меѓу главните причини за се почестиот пад на бројот и квалитетот на спермата кај мажите.
„Го докажавме овој пад, особено во областите каде што загадувањето е поизразено“, вели Монтано.
Иако мажите се почувствителни на токсичните ефекти на микропластиката, тој додава дека не се поштедени ниту жените. Експериментите со животни покажале дека микропластиката може да биде поврзана со дисфункција на јајниците и разни здравствени проблеми – од лошо созревање на јајце клетката, до намалена плодност, до промени во самото ткиво на јајниците.
Студијата наведува дека постои можна врска помеѓу количината на микропластика пронајдена во фоликуларната течност и репродуктивното здравје на жените кои учествувале во студијата.
Монтано понатаму предупредува дека микропластиката е всушност еден вид „тројански коњ“ – преку нив во телото, вклучително и јајниците влегуваат исклучително штетни хемикалии како бисфеноли, фталати и PFAS. Станува збор за супстанции за кои веќе има многу докази дека ја нарушуваат хормоналната рамнотежа и негативно влијаат на плодноста на жените.
Откривањето на присуството на микропластика во фоликуларната течност, според Ксиаожонг Ју, експерт за микропластика од Универзитетот во Ново Мексико, е исклучително важно откритие. Сепак, тој додава дека за поконкретни заклучоци потребни се дополнителни истражувања за точното ниво на изложеност од кое почнуваат негативните ефекти.
„Тоа е следниот чекор – треба прецизно да ги измериме дозите и ефектите“, вели Ју.
Неговиот тим моментално спроведува поголеми епидемиолошки студии токму за да одговори на овие прашања. Тимот на Монтан спроведува паралелно истражување за да открие како префрлањето на органска исхрана и намалувањето на употребата на пластика во кујната може да го намали нивото на микропластика во телото.
Иако овие честички се речиси насекаде околу нас и тешко е целосно да ги избегнеме, експертите веруваат дека изложеноста може значително да се намали ако ја ограничиме употребата на пластика – особено кога станува збор за пакување, садови и прибор што доаѓаат во контакт со храната. Дополнително, пестицидите може да содржат микропластика, а во некои случаи и самите се форма на микропластика, па затоа може да помогне и преминувањето на органска храна.
Една од најважните препораки е избегнување на загревање на храната во пластика, како и ставање топла храна или течности во пластични садови.
На пример, хартиените шолји за кафе за еднократна употреба можат да ослободат трилиони микроскопски пластични честички кога во нив ќе се истури топла течност. Слично на тоа, кесичките со чај можат да ослободат милијарди пластични честички за време на подготовката на чајот. Пластичните садови наменети за употреба во микробранови печки исто така претставуваат проблем, бидејќи тие можат да испуштаат штетни хемикалии под влијание на топлина.
Дури и пластичниот кујнски прибор што само накратко доаѓа во контакт со врелите садови, како тави или тенџериња, може да испушта хемикалии. Затоа, експертите препорачуваат користење на дрвен или нерѓосувачки прибор како побезбедна алтернатива.