Загуба и тага: Како можат блиските да продолжат понатаму?

Обземени од чувствата на неверување, лутина, беспомошност и вина, луѓето кои ги изгубија најблиските во трагедијата во Кочани, не стасуваат да тагуваат. Тагата допрва ги чека.

36

Иако сега за траумите, загубата и тагувањето се зборува и дискутира повеќе од кога било досега, никој од нас не знае како точно да реагира пред оваа загуба по трагедијата во Кочани. Се прашувам што и како да напишам, за луѓето што доживеале трагедија да не се чувствуваат уште полошо поради напишаното за она што е тешко да се искаже со зборови.

Нормално е сега родителите на децата, како и семејствата на оние повозрасните кои загинаа во големата трагедија во Кочани, да се лути и во шок поради неправедната смрт на своите најблиски и насилно променетите околности на нивните животи. Лутината е придружена со неизмерен страв, кој повремено може да премине во паника во различни животни ситуации кои потсетуваат на отсуството на саканите, како што е празната куќа, тишината, ноќта и понатаму, секој нов ден.

Во нивната болка луѓето се чувствуваат сами и беспомошни бидејќи никој не може да ја замени таа емотивна врска, изгубеното не може да се врати. Ова е губење на контролата врз нивните животи, а тука е веројатно и чувството на вина затоа што можеби можеле некако да ја спречат несреќата или да ги заштитат своите деца.

Обземени од чувствата на неверување, лутина, осаменост, беспомошност и вина, луѓето кои ги изгубија најблиските во трагедијата во Кочани, не стасуваат да тагуваат. Тагата допрва ги чека.

А кога тагата ќе провали во „системот“, таа не избира место, време или форма на манифестација, потребна е само една слика, едно сеќавање, за да ве преплави целосно. Токму затоа некои луѓе се плашат од својата тага, најчесто оние во чии семејства било поприфатливо да се биде лут отколку тажен, бидејќи гневот ја истакнува „силата“ на личноста, а тагата ја истакнува „слабоста“.

Смртта на саканата личност е секако еден од најстресните настани што може да ни се случат. Степенот до кој смртта ќе влијае на членовите на семејството и блиските пријатели зависи од неколку фактори – возраста на починатиот, природата на смртта, околностите…

На пример, не се реагира исто кога ќе умре дете, млад човек или стар човек. Реакцијата на најблиските не е иста ако смртта настапила по тешко и долго боледување (кога се очекувала смртта), кога станува збор за ненадејна смрт (како оваа на загинатите во несреќата во Кочани или пак во сообраќајна несреќа или кога се работи за самоубиство).

Како да се справите со загубата на саканата личност?

Тагата е примарното искуство на губење на саканата личност преку смрт. На загуба реагираме со тага – интензивна физичка и психолошка непријатност. Кога велиме дека некој е погоден од тага, мислиме дека целото негово битие е погодено.

Бидејќи тагата може да биде огромна, културите развија начини да им помогнат на своите членови да продолжат понатаму и да се справат со животните промени што ги носи смртта на некој близок. Обичаите како што се собирање на семејството и пријателите, облекувањето во црно, присуството на погреби и почитувањето на пропишаниот период на жалост со посебни ритуали во голема мера се разликуваат во различни општества и етнички групи. Но, заедничката цел на сите е да им помогне на луѓето да ја пребродат својата тага и да научат да живеат во свет во кој нивната сакана личност повеќе ја нема.

4 фази на преболување

Џон Боулби, основачот на теоријата на афективно врзување, училишниот пример на фазите на преболување, го дели на четири фази:

Фаза I е фаза на затапеност (вкочанетост) и оваа фаза обично трае од неколку часа до една недела.

Следува фаза II – фаза на копнеж и трагање по изгубената личност, која трае неколку месеци, а понекогаш и години. Интензитетот на душевната болка што се јавува е исклучително висок и се случува некои луѓе да останат заглавени во оваа фаза со години и, неможејќи да се соочат со загубата и болката што ја носи, да развијат различни одбранбени механизми за справување со загубата (некој, на пример, секој ден разговара со починатиот на гробишта или има чувство дека таа личност ја следи насекаде).

Фаза III е фаза на дезорганизација и очај (безнадежност). Колку и да е болна оваа фаза, ние сме подготвени да прифатиме дека починатиот никогаш нема да се врати и дека смртта е конечна. Овде, исто така, се доаѓа до сознание дека покојникот повеќе не страда, а тоа му носи олеснување на ожалостеното лице.

Фаза IV е фаза на реорганизација во која прифаќаме дека можеме да ги организираме нашите животи на поинаков начин. Ова не значи дека тагата целосно исчезнала, туку дека можеме да се менуваме и покрај загубата што ја доживеавме.

По смртта на најблиските, многу луѓе го „вртат филмот“ одново и одново

За жал, по смртта на некој близок, многу луѓе постојано „вртат“ филмови (спомени) во кои го гледаат починатиот во болка или замислуваат како настрадал.

Но маѓепсаниот круг на таквите наметливи, несакани спомени и филмови, мора да се прекине.

Здраво тагување е кога се соочуваме со реалноста за она што се случило, кога нема негирање на она што се случило. Тоа е процес во кој можеме да разбереме како се чувствуваме и да си дозволиме да ги изразиме тие чувства, но тоа не значи дека дозволуваме тие чувства целосно да го блокираат и парализираат секој дел од нашиот живот. Значи, личноста успева да воспостави функционален начин на живот и покрај тоа што го чувствува. Ако човек не може функционално да го продолжи животот и по една година тагување, ако го прекинал контактот со други луѓе, ако не може да продолжи да работи, ако е постојано во депресивно расположение, тогаш можеме да зборуваме дека е „заглавен“ во тага.

Смртта на саканата личност е неизбежен дел од постоењето во текот на целиот животен век. Секој во одреден момент ќе доживее загуба на сакана личност, но треба да знаеме дека не сме сами во тоа и дека е сосема нормално да нè обзема чувство на тешка и долготрајна тага. Она што секако може да биде утешно е дека со текот на времето работите ќе се стабилизираат, а некои рани ќе зараснат.

Повеќе