Жените го доживуваат царскиот рез како спас од акушерското насилство
Иако официјалниот став на лекарската фела е дека царскиот рез не е нешто што се прави по барање на пациентот и без медицинска индикација, во приватните клиники во Македонија, тој е често достапен на барање. Многу жени инсистираат на царски рез поради распространетото акушерско насилство и трауматичните искуства, без оглед дали се сопствени или на оние за кои слушале од други жени
Поради распространетото акушерско насилство и трауматичните искуства, без оглед дали се сопствени или на оние за кои слушале од други жени, многу бремени жени инсистираат на породување со царски рез.
Меѓутоа, многу жени не се доволно информирани за самите ризици, но и за она што претходи за воопшто да дојде до него. Желбата на трудницата да се породи на тој начин не е доволна. Главната причина е тоа што царски рез се прави само кога тоа го бара состојбата на жената и детето, а конечната одлука ја носи конзилиум на лекари.
Мелиса пред две години се породила во едно државно породилиште во Босна и Херцеговина. Бременоста ја следела приватно кај докторка која работела и во породилиштето каде што се породила. Поради претходна повреда на колкот, мислела дека ќе има право на царски рез. Поради лошата здравствена состојба, од шестиот месец на бременоста морала да мирува.
„Кога бев примена во болница, имав ненормални болки. Ѝ пишав на мојата докторка, која ме посети само еднаш и потоа не ми се јави. Ме посетуваа на секои шест-седум часа. Бев исцрпена, без апетит и молев да ме породат со царски рез за моите маки да завршат. Верувајте, бев подготвена на сѐ бидејќи немав сила за породување. Родив здраво бебе, откако неколку пати форсираа природно породување“, вели таа.
Докторката била информирана за повредата на колкот, а Мелиса претпоставила дека ќе ѝ бидат понудени две опции. Таа мислела дека тоа се природно и породување со царски рез.
„Мојот свршеник беше сведок на моите болки и плачеше со мене бидејќи не можеше да ми помогне. Кога почнаа контракциите, еден од техничарите ми рече: Тука пишува дека ве подготвувале за царски рез“, а јас му реков дека ми е кажано дека ќе ми ја понудат таа опција, но докторката не ми одговараше на пораките. На крајот мораше да бидам породена природно, а креветите беа толку неудобни што болката на колкот беше речиси неподнослива. Не ми е јасно зошто бев подготвувана за царски рез поради проблемот со колкот, за кој беа однапред информирани. Зошто ми беше дадена провокација за породување за да се предизвикаат контракции кои се многу поболни од природните? Тоа беа трауми што ми останаа во сеќавањето“, се сеќава таа.
Иако родила здраво бебе, тука не завршува болното искуство на Мелиса. Се трудела да го дои бебето, но болките продолжиле. Бебето било исцрпено по породувањето, а подоцна имало и сериозни грчеви. За жал, по два месеца, бебето починало од синдром на ненадејна смрт. И таа и нејзиниот свршеник се чувствувале виновни, сметајќи дека направиле нешто погрешно.
„Не се чувствував како добра мајка бидејќи не можев да ја дојам поради болките. Чувствував дека не можам да се зближам со неа. Немав самоубиствени мисли, но бев постојано уморна и исцрпена од болките. По смртта на бебето, бев скршена. Побарав помош од психијатар и ми беа пропишани антидепресиви. Кога дознав за втората бременост, ми беше пропишан само еден лек. Ми беше препорачано да направам НИПТ-тест за да се открие на време дали лековите му наштетиле на плодот. Тоа повторно ме скрши, не знаев дали ќе го задржам бебето поради психичката и физичката состојба. Меѓутоа, резултатот беше добар и решив дека ќе го родам“, вели таа.
Се споменува и дека нејзината сестра била подготвена да плати за царски рез, откако Мелиса три дена поминала во болницата со силни болки.
Претседателката на здружението „Бејби степс“, Амилa Татаревиќ, посочува дека многу жени инсистираат на царски рез токму поради акушерското насилство и трауматичните искуства, што отвора врата за корупција. Жените често бараат врски или даваат пари за да добијат царски рез без медицинска индикација, а таквата практика го нарушува интегритетот на здравствениот систем бидејќи се изведуваат непотребни операции кои носат поголеми ризици за здравјето на жените.
„Голем проблем е недоволната информираност на бремените жени за ризиците на царскиот рез. Иако многу мислат дека тоа е најлесниот и најсигурен начин на породување, царскиот рез е голема операција која носи многу поголеми ризици отколку природното породување, вклучувајќи инфекции, компликации и долготрајно закрепнување“, објаснува Татаревиќ.
Таа, исто така, укажува на сведочења на жени кои се соочиле со сериозни проблеми поради ненавременото изведување на царски рез. За време на планираните операции и поради корупција, операционите сали или докторите не биле достапни за итни случаи, што довело до загрозување на здравјето на трудниците и дури смртни исходи.
„Иако жената има право да изрази желба за царски рез, одлуката за оваа операција мора да биде базирана на јасни медицински индикации, кои се клучни за здравјето на мајката и бебето“, додава Татаревиќ.
Царскиот рез не е нешто што се добива поради личен избор или заради удобност, туку сериозна хируршка интервенција која се прави исклучиво кога постои медицинска потреба.
Очигледно, во согласност со ова, практиката во БиХ е слична како и кај нас. Имено, во приватните клиники во Македонија, царскиот рез е често достапен на барање, без потреба од медицинска индикација, додека во државните болници тоа не е случај.
Но, и таму повремено се случува жените да добијат царски рез преку врски или со давање пари, што создава простор за корупција. Сепак, официјалниот став на лекарската фела е дека царскиот рез не е нешто што се прави по барање на пациентот без медицинска индикација, туку е сериозна хируршка интервенција која се прави само кога има медицинска потреба.
Породувањето треба да биде чин исполнет со сигурност, поддршка и достоинство, но за многу жени тоа станува извор на неизвесност, вознемиреност, па дури и физичко и емоционално страдање. Токму во тој контекст треба да се гледаат приказните за царските резови како „спас“, но и за поткупот, кој често претставува последен обид на жените да обезбедат минимум безбедност за себе и за своето дете.
„Стравот што го чувствуваат не е ирационален, туку е обликуван или од нивното претходно искуство или од приказните на други жени кои поминале низ искуства на раѓање обележани со нехуман третман, грубо однесување на медицинскиот персонал, игнорирање на болката и најчесто вербално понижување. Овие искуства на акушерско насилство станаа толку широко распространети што се вовлекоа во колективната свест на жените. Во таков амбиент, царскиот рез често се доживува како единствен излез, бидејќи тоа е најлесниот начин да се договара породувањето – датумот може да се прецизира и да се „обезбеди“ во соработка со одредени лекари, а се доживува и како полесен пат во споредба со природното породување. Ова, сепак, често води до ситуација кога жените, во обид да организираат царски рез по барање, прибегнуваат кон барање врски, познанства, па дури и давање мито“, смета Татаревиќ.