Колку килограми е препорачливо да се добијат во бременоста?

Колку килограми и со кое темпо би требало да добие здрава бремена жена и на што точно се однесуваат тие

0
217

Денес, повеќето бремени жени веќе знаат дека не треба да јадат за двајца за време на бременоста и дека добиените килограми се корисни за мајката и бебето. Но, некои жени го дочекуваат породувањето со повеќе килограми отколку што мислеле дека ќе имаат, додека некои се загрижени дека не добиле доволно.

Која е препорачаната тежина за време на бременоста?

Според гинеколозите, за време на бременоста, многу е важно да се има здрава и балансирана исхрана, со која бебето се развива правилно и ги добива сите важни хранливи материи. Во бременоста, не треба да се јаде за двајца, туку во просек само 200 до 300 калории на ден повеќе отколку пред бременоста.

Правило е дека жените со просечна телесна тежина (БМИ 18,5 до 25) треба да добијат 8 до 15 килограми, послабите жени (БМИ под 18,5) можат да добијат 13 до 18 килограми, додека жените со прекумерна тежина (БМИ над 25) треба да добијат од 5 до максимум 10 килограми.

Нормално добивање на килограми е од 1 до 2 во текот на првите три месеци од бременоста, а потоа и до половина килограм неделно. Во случај мајката да очекува близнаци, зголемувањето на телесната тежина треба да биде малку поголемо, во просек од 15 до 20 килограми во текот на бременоста.

На што точно се однесуваат добиените килограми?

Една третина од вкупната тежина се однесува на новороденчето, постелката и плодовата вода. При раѓањето, новороденчето тежи околу 3,3 килограми, постелката од 0,7 до 1,2 килограм и плодовата вода од 0,8 до 1,2 килограм.

Другите две третини од тежината се поврзани со промените во телото на бремената жена кои ја подготвуваат за породување и доење. Матката, која драстично се зголемува за време на бременоста, тежи околу 0,9 килограми, зголемен волумен на крвта и други течности што се акумулираат во организмот – околу 2,5, и зголемени гради – 0,4 килограми, а складираната маст што служи како резервоар за енергија за доење е околу 4 килограми.

Стекнувањето тежина над препорачаните вредности за време на бременоста, и секако повеќе од 20 килограми можат негативно да влијаат на здравјето на бремената жена и да предизвикаат дијабетес, висок крвен притисок и голем број други проблеми што можат негативно да влијаат и на бебето и на исходот од бременоста.

Фото: Pexels

loading...