Цртан филм како црта кокаин: Родителите тврдат дека еден цртан филм делува како дрога
Експертите се прашуваат дали е правилно видеата да бидат наменети за толку мали деца. Мислам дека порано сите имаа чувство дека толку мали деца не треба да бидат пред екраните, вели авторката на сценаријата за Томас и пријателите (Thomas & Friends) и за Артур.
Повеќе од една деценија, КоКомелон е бејбиситер на стотици милиони деца ширум светот. Симпатичен детски цртан филм со заразни песнички и пластични ликови во бои на виножитото го креирал Џеј Џеон за да ги научи своите деца на абецедата.
Денес, CoComelon е феномен.
Некои од видеата се гледаат милијарда пати годишно на Јутјуб, а публиката се претежно бебиња и деца од предучилишна возраст.
Но, и покрај тоа што цртаниот филм е сосема обичен и базиран на добро познати детски песнички, многу родители рекле дека нивните деца покажувале симптоми на зависност и апстиненција кога би го исклучиле.
Затоа почнале да го нарекуваат Кокаинмелон.
„Кокомелон изгледа како стимулативен цртан соодветен за деца, но штетното влијание врз однесувањето на нашиот син нè натера да го забраниме целосно.
Тој стана фиксиран и исклучен додека го гледаше. Проблемот беше полош кога престана да го гледаме. Агресијата и недостатокот на емоционална контрола беа застрашувачки
Никогаш не сме виделе таква реакција на ниту едно друго детско шоу“, изјавила една мајка за Дејли Мејл.
„Ако нешто предизвикува стрес кај детето, родителите треба да размислат како да го користат“
Доколку му се исклучи цртаниот филм на синот, тоа би предизвикало невиден гнев кај тригодишното дете.
„Тој се фрлаше на подот и удираше со тупаници. Дури и кога таа сцена ќе завршеше, тој остануваше намуртен и кавгаџиски расположен”, додала таа.
Сали Хог од Универзитетот во Кембриџ објаснува дека реакцијата е нормален дел од развојот на децата.
„Децата често се чувствуваат фрустрирани кога возрасните прекинуваат нешто што им се допаѓа или бараат од нив да направат нешто што не сакаат да го прават.
Но, ако нешто редовно предизвикува стрес кај детето или тешкотии во односите родител-дете, тоа сугерира дека родителите треба внимателно да размислат како да се користи тоа, вклучително и да размислуваат за тоа како да управуваат со очекувањата на своето дете и разбирањето на границите“, објасни таа.
Авторот на цртаниот филм заработил 460 милиони долари
На Нетфликс, цртаниот филм има 33,27 милијарди минути гледаност, исто колку и анимираните филмови на Дизни, Лука, Моана, Раја, The Last Dragon и Frozen 2 заедно.
Ваквиот успех на авторот му донел профит од 460 милиони долари.
Тој вели дека сите епизоди се направени во соработка со експерти за децата да се чувствуваат безбедно и да им помогнат да научат и да поттикнат добро однесување.
Основачот на CoComelon според неговите поддржувачи е креативен гениј посветен на образованието во раното детство.
Роден е во Јужна Кореја, а откако се преселил во Калифорнија, почнал да работи во маркетинг и да режира нискобуџетни ТВ реклами.
Кога неговите два сина тргнале во градинка, тој и неговата сопруга им пееле рими и решиле да направат основни 2Д анимации кои би ги следеле, фокусирајќи се на азбуката.
Нивните деца уживале во нив, па во 2007 година почнале да објавуваат цртани филмови на YouTube, нарекувајќи го нивниот канал ABC Kid TV.
Седумнаесет години подоцна, нивниот канал има околу 170 милиони претплатници.
Најпопуларното видео е песната за капење, долго две минути и педесет и две секунди, што е четврто најгледано видео на YouTube со речиси седум милијарди прегледи за шест години.
Други хитови со повеќе од милијарда прегледи вклучуваат Baa Baa Black Sheep и верзија на Baby Shark.
„Најголемиот пробив дојде кога се префрливме од 2D на 3D анимација во 2017 година.
Во 2020 година го продадовме цртаниот филм на Moonbug кој го прошири тимот што работи на него“, откриваат креаторите.
„Со ваква содржина децата стануваат зависни од екраните“
Прегледите се зголемиле за време на пандемијата, кога беа популарни видеата за миење раце и посета на лекар.
Меѓутоа, и покрај ова, експертите се прашуваат дали е правилно видеата да бидат наменети за толку мали деца.
Сузан Ким, која ги напишала сценаријата за Томас и пријателите (Thomas & Friends) и за Артур, изјавила за Њујоркер: „Порано не смееше да се каже дека е нешто наменето за едногодишни и двегодишни деца.
Мислам дека сите имаа чувство дека толку мали деца не треба да бидат пред екраните“.
Сузан Лин, авторка на книгата Consuming Kids, изјавила за Тајм: „Не е дека CoComelon е заразен.
Речиси сè е дизајнирано да биде заразно.
Меѓутоа, кога ги изложувате децата на таква содржина, ги поттикнувате да станат зависни од екраните за стимулација и смирување.
Она што навистина го сакаме е децата да можат да се забавуваат и да се смируваат сами со себе“.