Кога се роди син ми и кога после неколку дена во болница си дојдовме дома, продолживме да го викаме „бебето“.
Имавме некои стресни настани во семејството токму последните два месеци од бременоста, кога е крајниот период да се смисли име, па некако во тој момент тоа не ни беше приоритет.
Но потоа бебето се роди, си дојдовме дома и уште немавме смислено име.
И тогаш не спасија нашите другари, кумот и кумата.
Не беше тоа онака како што ни раскажувале постарите, демек, кумот дава лист со неколку предлози па ние мора да се одлучиме помеѓу нив.
Секако дека не.
Едноставно, седнавме, подразмисливме сите заедно и бидна.
Многу родители, сакајќи нивното дете да има што е можно пооригинално име, во тоа време, почнаа да им даваат на децата сѐ почудни имиња. Имаше разни егзибиции со имиња, ама се чини дека како што оди времето, тие стануваат сѐ поневообичаени.
И конечно, ете се случило и ова: Оние најнеодлучните сега имаат и трета опција, освен самите меѓусебе и со кумот, сега тие се консултираат и бараат помош и од експерти.
Да, да, се појавиле експерти и за тоа.
Две жени што заработуваат на овој начин ги откриваат деталите на овој тренд.
Колин Слаген од Бостон вели дека отсекогаш била фасцинирана од имињата на бебињата, но никогаш не помислила дека некогаш сериозно ќе се занимава со нив.
„Мислам дека многу луѓе главно знаат што сакаат, но сепак сакаат да го слушнат мислењето на трето лице. Сакаат некој да потврди дека нивниот избор е добар или дополнително да го провери значењето на името“, вели таа за Њујорк Пост.
Својот бизнис најпрво го рекламирала на групите на Фејсбук, а потоа во 2023 година почнала да објавува видеа на Тик-Ток.
Дотогаш работела како медицинска сестра, но одлучила да ја напушти работата и почнала да им помага на родителите да изберат име за нивните бебиња.
Таа има околу 15 клиенти месечно и им наплаќа по 350 долари, со што заработува околу 63.000 долари годишно. Она што звучи како лесна работа може да биде предизвик. Едно од барањата што ги добила е името да било користено само 25 пати минатата година.
Морган Тим пак навела дека има околу 25 клиенти месечно. Таа им наплаќа по 125 долари, со што заработува околу 37.500 долари годишно.
„Има голем интерес. Многу луѓе бараат уникатно име, но не сакаат да биде чудно“, вели таа.
Морган им дава формулари во кои бара да ги наведат имињата за кои веќе размислувале и имињата што во никој случај не сакаат да му ги дадат на детето.
Исто така, таа ги прашува колку слогови сакаат да содржи името на нивното дете и други детали поврзани со имињата. На крајот им испраќа документ со предлози за името.