Закана со затвор ако родителите не сакаат да ја финансираат промената на полот на своето дете или ако инсистирате дека човек не може да биде мачка

Предлог-законот за забрана на таканаречената конверзивна терапија, наменета за ЛГБТ-лицата, предизвика жестоки реакции во Велика Британија. Нов извештај предупредува дека формулациите се толку широко поставени што би можеле да опфатат и случаи во кои некој ќе се обиде да убеди лице кое се идентификува како „мачка“ дека всушност е човек.

57

Предлог-законот на британската Лабуристичка партија за забрана на конверзивните практики, би можел да доведе до апсурдни правни последици, предупредува нов извештај на британскиот тинк-тенк „Полиси ексчејнџ“. Според авторите, формулациите во предлогот се премногу широко поставени и би можеле да ја криминализираат дури и ситуацијата во која некој ќе се обиде да му објасни на човек кој се идентификува како мачка дека е човечко суштество, пишува Дејли Мејл.

Предлог-законот е наменет за забрана на практиките со кои се врши притисок врз геј и трансродовите лица да ја променат или потиснат својата сексуална ориентација или родов идентитет. Но, извештајот, во чија изработка учествувала и поранешната претседателка на британската Комисија за еднаквост и човекови права, бароницата Хариет Фокнер, предупредува дека неговиот опфат може да биде многу поширок од намерата на владата.

Според авторите, проблематична е дефиницијата за трансродов идентитет, која ги вклучува и лицата што се идентификуваат ниту како мажи ниту како жени, или не се идентификуваат исклучиво со еден од двата пола.

Тие тврдат дека ваквата формулација би можела да опфати стотици различни ознаки за родов идентитет, меѓу кои и таканаречениот „кетџендер“ (catgender). Станува збор за термин што го користат лица кои чувствуваат силна поврзаност со мачките или се идентификуваат со нив.

– Не е претерување да се каже дека според предлог-законот, некое лице би можело да се соочи со затворска казна затоа што се обидело да убеди друго лице дека всушност не е мачка – се предупредува во извештајот.

Предупредуваат и за родителите и децата

Извештајот отвора и прашања за последиците врз семејствата. Авторите тврдат дека родителите би можеле да се соочат со затворска казна до пет години доколку одбијат да финансираат медицински интервенции за промена на полот на своето дете или се обидат да го одвратат од таква одлука.

Според нивното толкување, проблем би можеле да имаат и родителите кои одбиваат да го користат јазикот што детето го бара за себе, како и оние кои со добра намера се обидуваат да го спречат да преземе чекори за кои сметаат дека можат сериозно да му наштетат на здравјето.

Авторите предупредуваат дека, бидејќи во предлог-законот не е утврдена минимална возраст за кривично гонење, дури и основци би можеле да бидат изложени на судски постапки поради коментари или прашања упатени кон соученици кои сакаат да го променат полот.

Бароницата Фокнер оценила дека предлогот во сегашната форма не ги зема предвид основните човекови права и може да ја загрози слободата на говорот, вероисповедта и семејниот живот, како и правото на правично судење.

Извештајот на „Полиси ексчејнџ“ го опишува предлог-законот како идеолошки, авторитарен и неприменлив во демократско и плуралистичко општество.

Владата ги отфрла обвинувањата

Од британската влада ги отфрлиле ваквите тврдења, оценувајќи дека извештајот е погрешен и се заснова на низа неточни толкувања.

– Овој предлог-закон се однесува на конкретен вид злоупотреба и не се меша во вообичаеното родителство – изјавил владин портпарол.

Од владата нагласуваат дека ЛГБТ-лицата не треба да бидат изложени на присила или злоупотреба со цел да го променат тоа што се. Според нив, целта на законската регулатива е да ги пополни празнините во постојното кривично законодавство, а не да ги казнува родителите поради секојдневните воспитни одлуки.

Важно е да се нагласи дека станува збор за предлог-закон за Англија и Велс, а не за веќе усвоен закон. Владата тврди дека наводите за забрана да му се каже на некого дека е човек ако се идентификува како мачка се бесмислени и дека предлогот не воведува нови родови категории во законодавството.

Повеќе