Нови финти за ескивирање на часови: Меѓу учениците се шири опасен тренд чии последици можат да бидат доживотни

Вирални видеа ги учат тинејџерите како да симулираат болест со помош на сјај за усни. Стручњаците предупредуваат дека лажниот осип многу брзо може да се претвори во вистинска алергиска реакција.

18

Старите трикови што учениците ги користеа за да избегнат контролни задачи, како загревање на термометарот на радијатор или глумење стомачни грчеви, се минато. Во дигиталната ера, методите за избегнување на училиштето се преселија во областа на козметичката хемија. Трендот брзо се шири на социјалните мрежи, особено на Тик-Ток, каде што адолесцентите користат производи за зголемување на волуменот на усните за вештачки да предизвикаат привид на заболување на кожата.

Стручњаците предупредуваат дека ваквото однесување не е безопасна училишна шега, бидејќи може да доведе до сериозни оштетувања на кожата.

Механизмот што го применуваат учениците се заснова на хемиска реакција. Сјаевите за усни наменети за зголемување на нивниот волумен обично содржат надразнувачки состојки како капсаицин (екстракт од чили), ментол и масло од цимет. Овие супстанции предизвикуваат благо отекување и црвенило на усните поради зголемениот проток на крв.

Но, кога овие производи се нанесуваат на потенка и почувствителна кожа на лицето, вратот или деколтето – како што советуваат бројни вирални видеа, од кои едно веќе има повеќе од 12 милиони прегледи – реакцијата е драстична.

Воспалена кожа

Кожата станува ишарана, интензивно црвена и изгледа воспалено. За неискусното око на наставникот или родителот, резултатот неверојатно потсетува на тежок алергиски осип, уртикарија (копривница), па дури и на почетни фази на заразна болест како варичела.

Дерматологот д-р Сабине Курцидем од клиниката „Скинмед“ во Цирих неодамна за швајцарските медиуми објаснила колку е опасна оваа практика. Иако производите се тестирани за употреба на усните, тие не се наменети за нанесување на поголеми површини од кожата.

– Овие производи дејствуваат токму така што ја надразнуваат кожата и ја поттикнуваат циркулацијата на крвта. Повремената употреба на здрава кожа може да помине без последици – објаснува д-р Курцидем.

Сепак, таа предупредува на големиот ризик за адолесцентите со чувствителна или сува кожа.

– Тоа може да ја наруши природната заштитна бариера на кожата. Ова доведува до влошување на нејзината состојба, што се манифестира со долготрајно чувство на печење, сувост и сериозна иритација.

Иронијата е во тоа што обидот за симулирање болест често предизвикува вистински здравствен проблем. Во коментарите под видеата, корисниците пишуваат дека само сакале да го избегнат часот по математика, но потоа развиле сериозна алергиска реакција за која била потребна лекарска помош. Осипот, кој требало да биде видлив само неколку часа, може да се претвори во воспаление што трае неколку дена.

Онлајн разговорите меѓу тинејџерите откриваат дека методот не е секогаш успешен. Некои успеваат да ја убедат околината да ги испрати дома, додека други сведочат за силни реакции.

– Кога добив осип, само ми ставија ладна облога и ме вратија на час – пишува една корисничка.

Друга додава дека ризикот е преголем, бидејќи ако нејзината мајка ја видела во таква состојба, веднаш ќе ја однела на лекар, каде што измамата брзо ќе била откриена.

Повеќе