Кога зборуваме за безбедноста на децата, честопати помислуваме на заштитни мерки за бебињата и малите деца, како што се поставување заштитни огради и покривање на приклучници.
Сепак, подеднакво е важно да се осигура дека детските соби остануваат безбедни додека децата растат.
„Често размислуваме за безбедноста на децата до три години, но клучно е да се запамети дека многу повреди всушност се случуваат кога децата стануваат поподвижни и понезависни“, истакнала др. Анита Пател, специјалистка за критична нега во болницата Children’s National, изјавила таа за Huffpost.
За жал, домот е едно од најчестите места каде децата добиваат повреди поради кои завршуваат на итна помош. Сепак, многу од овие повреди може да се спречат, додал др. Бред Соболевски, лекар за итна медицина во детската болница во Синсинати.
„Безбедноста дома е од клучно значење бидејќи несреќите се случуваат брзо и домот е местото каде децата го поминуваат поголемиот дел од своето време. Едноставните прилагодувања можат значително да го намалат ризикот од одење во итната медицинска помош“, нагласил Соболевски.
Експертите предупредија на неколку неочекувани предмети кои никогаш не треба да ги има во детската соба, објаснија зошто се опасни и понудија побезбедни алтернативи.
Небезбедни плакари, полици и огледала
„Една од најстрашните и најфатални повреди се случува кога врз детето ќе паднат плакари или полици кои не се фиксирани“, вели др. Пател.
Според Комисијата за безбедност на производите на САД (CPSC), секоја година има приближно 6.400 повреди на деца предизвикани од паѓање на мебел.
„Плакарите, полиците и другите парчиња мебел на кои децата можат да се качуваат секогаш треба да бидат цврсто прицврстени за ѕидот, идеално за столбовите на зградите или со помош на сидра на гипс картон“, додал др. Соболевски.
Опасни се и стоечките огледала бидејќи лесно можат да се превртат. Пател препорачува дека тешкиот мебел секогаш треба да биде монтиран ако децата живеат во домаќинството.
За полесни предмети, како што се огледалата, клучно е да се процени: Дали падот би предизвикал повреда? Дали детето може да се извлече од под предметот?
Кутии за играчки со тешки капаци
„Кутиите за играчки со тешки капаци може неочекувано да се затворат, да му ги повредат прстите или главата на детето, а постои и ризик од задушување ако детето се заглави внатре“, објаснил Соболевски.
Наместо тоа, CPSC препорачува користење кутии со лизгачки врати, лесни капаци или целосно отворени садови. Ако веќе имате кутија со тежок капак, отстранете ја или поставете потпирач за капакот.
Долги и лабави кабли
„Несреќна и за жал честа повреда се случува поради задушување предизвикано од врвки од ролетни“, предупредила Пател. Секоја година поради тоа умираат многу деца, дури и оние до осум години.
Соболевски исто така советува да избегнувате долги електрични кабли поради потенцијалот за заплеткување.
Кревети на спрат
Иако креветите на спрат се практични и забавни, тие се одговорни за многу повреди предизвикани од падови.
„Дури и со огради, можни се падови, а качувањето по скали може да биде опасно“, објаснил Соболевски. Американската академија за педијатрија (ААП) советува дека децата под шест години не треба да спијат на горниот кревет.
Ако користите кревет на спрат, поставете го во аголот на собата така што од две страни ќе биде опкружен со ѕидови, обезбедете заштитни шини и поставете ноќна светилка во близина на скалата.
Електрични греалки
„Електричните греалки можат да бидат примамливи за време на постудените месеци, но претставуваат ризик од пожар, особено во детската соба“, вели Соболевски.
Децата може ненамерно да постават запаливи предмети, како што се ќебиња, во близина на грејачот, што може да предизвика изгореници или пожар. Наместо греалки, се препорачува да користите дополнителни ќебиња или вреќи за спиење.
Подни светилки
Подните светилки лесно може да се превртат, особено ако децата си играат или се качуваат на мебелот.
„Покрај паѓањето, изложените светилки може да се загреат многу и да предизвикаат изгореници“, предупредува Соболевски. Побезбедни алтернативи се надземни светла, ѕидни светилки или столни ламби кои се цврсто фиксирани.
Тешки ќебиња
Тешките ќебиња станаа популарни за подобрување на спиењето, но тие можат да претставуваат ризик од задушување за помалите деца.
„Тешките ќебиња можат да го ограничат движењето на децата под пет години и да ги спречат безбедно да го прилагодат ќебето за време на спиењето“, вели Соболевски.
ААП силно предупредува да не се користат тешки ќебиња, особено за бебињата, бидејќи тие го зголемуваат ризикот од синдром на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS).
Како што растат децата, така и опасностите се менуваат. Експертите ги советуваат родителите редовно да ги проверуваат безбедносните мерки и да ги вклучуваат децата во дискусиите за безбедност.
„Проактивно размислување за безбедноста и предвидување на потенцијалните опасности може во голема мера да го намали ризикот од вообичаените несреќи во домаќинството“, заклучил Соболевски.