Загрижувачки наоди во производи за бебиња: Во пелената на вашето бебе може да има токсични материи

Бебињата носат пелени секојдневно во првите години од животот, а научни истражувања откриваат траги од хемиски соединенија во овие производи. Калифорнија веќе донесе закон со кој производителите ќе мора да ги објавуваат додадените состојки, а построги правила воведуваат и други американски сојузни држави.

55

Пелените се меѓу производите што родителите ги користат секојдневно, често со часови без прекин. Токму затоа, нивниот состав предизвикува сè поголем интерес кај научниците и организациите што се занимаваат со здравјето на децата. Прашањето е дали родителите имаат доволно информации за хемикалиите што можат да се најдат во производите што доаѓаат во непосреден контакт со бебешката кожа.

Истражување објавено во 2023 година во научното списание „Environmental Science & Technology“ анализирало 31 производ за еднократна употреба на американскиот пазар, меѓу кои пелени за бебиња, влажни марамчиња и пелени за возрасни. Научниците испитувале 98 испарливи органски соединенија и откриле различни супстанции во тестираните производи, вклучително и соединенија за кои постојат здравствени сомнежи.

Меѓу хемикалиите што предизвикуваат загриженост се бензенот и 1,4-диоксанот, кои се поврзуваат со канцероген ризик. Сепак, присуството на траги од одредена супстанција не значи автоматски дека производот ќе предизвика заболување. Ризикот зависи од концентрацијата, начинот и времетраењето на изложеноста, а истражувачите нагласуваат дека се потребни дополнителни испитувања и поголема транспарентност од производителите.

Внимание привлекуваат и фталатите, хемикалии што се користат за зголемување на флексибилноста на пластиката. Студија објавена во март 2025 година во списанието „Toxics“ испитувала пелени и примероци од урина кај 66 бебиња во кинескиот град Гуангџоу. Истражувачите откриле фталати во испитуваните пелени и забележале поврзаност меѓу некои метаболити на овие соединенија и биомаркер за оксидативно оштетување на ДНК. Наодите укажуваат на можност за изложување преку кожата, но не докажуваат дека пелените предизвикале оштетување на ДНК или конкретно заболување кај децата.

Најважниот нов чекор е направен во Калифорнија. На 28 септември 2026 година, гувернерот Гевин Њусом го потпиша законот АБ 1901. Тој предвидува производителите на детски пелени да ги објавуваат намерно додадените состојки, нивните хемиски имиња, идентификациските броеви и нивната функција во производот. Информациите треба да бидат достапни на посебна интернет-страница најдоцна до 1 јануари 2029 година, а амбалажата ќе мора да упатува до овие податоци.

Слични мерки се преземаат и во други американски сојузни држави. Њујорк веќе има законски правила за објавување на состојките во пелените, додека во Илиноис е предвидено производителите да наведуваат информации за составот на пакувањата, со почеток на примената од 2027 година. Овие иницијативи се дел од пошироките напори потрошувачите да добијат повеќе информации за производите што ги користат секојдневно, пишува KSL.com.

За родителите, практичен чекор е да избираат пелени без додадени мириси и непотребни бои, особено ако детето има чувствителна кожа или често добива осип. Сепак, ознаките „природно“, „органско“ или „за чувствителна кожа“ сами по себе не гарантираат дека производот не содржи потенцијално штетни соединенија. Важно е да се следат реакциите на кожата и да се побара совет од педијатар ако иритацијата е упорна или се влошува.

Целта на новите законски мерки не е да ги исплашат родителите, туку да им овозможат да носат информирани одлуки. Научниците прават разлика меѓу откривањето хемикалија во производот и докажувањето дека таа предизвикува штета при вообичаена употреба. Но, со оглед на тоа што пелените се користат илјадници пати во првите години од животот, поголемата транспарентност и независното испитување на нивниот состав остануваат важни за заштитата на најмалите.

Совети како да изберете побезбедни пелени

Бидејќи декларациите на пелените традиционално содржат нејасни ознаки, како „лепило“, „боја“, „мирис“ и „благ мирис“, дури ни научниците не се сигурни колку различни хемикалии се користат во пелените за еднократна употреба.

Сепак, постојат неколку работи што родителите можат да ги направат за да изберат побезбедни пелени, советуваат од EWG, организација што има и база на податоци за пелени со информации за безбедноста и транспарентноста на состојките.

Како прво, се препорачува да се избегнуваат пелени со шарени дезени и индикатори за влажност. Боите и печатарските мастила можат да придонесат за појава на осип од пелени, а понекогаш може да бидат контаминирани и со тешки метали, предупредува Сидни Свансон, виш научен аналитичар во EWG.

– Избирајте едноставни, необоени пелени, без индикатор за влажност. Обидете се да ги избегнувате и оние што содржат мириси. Ниту еден од овие додатоци не е неопходен за пелената, па станува збор за дополнителни состојки и хемикалии што се користат во производот – вели Свансон.

Актерката Хилари Свонк која наскоро ќе го добие своето трето дете, советува да се избираат марки на пелени чии производители веќе јавно ги објавуваат состојките. Како зафатена мајка што работи, таа се потпира и на независни интернет-страници што ги проверуваат производите, како EWG.

Таа ги следи и препораките во онлајн-групата „Obnoxiously Crunchy Mommas“, една од нејзините омилени заедници во која мајките разменуваат совети за побезбедни пелени и други производи за деца. Меѓу темите за кои дискутираат се и поодржливите производи за готвење и чистење, детските играчки со поприроден состав и облеката што содржи помалку пластика и тешки метали.

– Се обидувам да направам сè како што треба, а потоа, облечена во наметка, дознавам дека е од полиестер. Во тој момент не знаев дека полиестерот е всушност пластика. Во суштина, носев пластика. И секојпат кога ќе ми станеше топло, таа беше во допир со мојата кожа, а кога им беше топло и на моите бебиња, и нивната кожа беше во контакт со неа – раскажува Свонк.

Минатата година таа тесно соработувала со EWG и други активисти во Калифорнија за да помогне во усвојувањето на првиот закон од ваков вид во САД, со кој се бара производителите на пренатални витамини да користат сертифицирана лабораторија за испитување на присуството на тешки метали. Калифорнискиот сенатски закон 646 предвидува на интернет-страниците на производителите јавно да се објавуваат измерените нивоа на арсен, кадмиум, олово и жива, а на пакувањата и во рекламите јасно да биде наведено како се врши тестирањето. Рокот за исполнување на обврските е 1 јануари 2027 година.

– Се налутив и затоа навистина сакав да направам нешто во врска со тоа – изјавила Свонк за Си-Ен-Ен.

– Принципот е едноставен: ако нешто влегува во човечкото тело, а особено во телото на бремена жена, луѓето заслужуваат да знаат точно што содржи.

Свонк вели дека е лесно човек да се почувствува преплавен од информации и да се исплаши од сите токсични материи на кои можат да бидат изложени возрасните и децата. Затоа, на мајките им советува да почнат со мали чекори.

– Не мора да направите сè одеднаш. Фокусирајте се на основните работи што ги внесувате во телото – храната што ја јадете за време на бременоста и нејзиното потекло. Размислете и за производите што секојдневно се во постојан контакт со вашето бебе – пелените, влажните марамчиња и кремовите. Тоа се најважните места од кои можете да почнете – вели таа и додава: Бидете поблаги кон себе. Не се обидувате да бидете совршени, туку да бидете информирани, а тоа веќе е голем чекор. И јас сè уште учам, а моите деца имаат три години. Има работи што можев да ги направам поинаку, но не можам да бидам престрога кон себе, затоа што знам дека го давам најдоброто од себе.

Повеќе