Сѐ потешко ни е да држиме пенкало во рака!

Наместо да играат со коцки, да цртаат и да бојат, децата сè повеќе пасивно гледаат видеа или допираат екрани. Дали се екраните виновни затоа што на децата им е сѐ потешко да си ги врзат чевлите и да држат пенкало во рака? А кој им е виновен на возрасните за истото?

54

Пред извесно време, се најдов во ситуација да треба да напишам рачно повеќе пораки за различни луѓе. Се зачудив од тоа колку лошо изгледаше тоа. Не само што ракописот ми беше ужасен, туку во неколку наврати и ги мешав кириличните и латиничните букви.

А јас дефинитивно не сум од генерацијата која се родила во време на интернетот. Напротив, додека растев немаше ниту мобилни, ниту компјутери, ниту интернет.

Имаше фиксни телефони, а писма и честитки се пишуваа рачно и се испраќаа по пошта. Имавме телевизори, видео-рекордери и изнајмувавме филмови од видеотеки, имавме музички системи и слушавме цедеа и плочи, ама за сето тоа да функционира, моравме да прочитаме, да одбереме, да го фатиме со рака. Пишувавме исто така, главно, на рака или, подоцна, за време на студиите, со машини за чукање, ама тоа само за семинарски.

Но јас сум и во генерацијата која толку многу се навлече на мобилните телефони, на интернетот и на компјутерите, што сега моите средовечни пријатели не можат да направат нешто или да отидат некаде, без да го објават тоа на социјалните мрежи. Не можат, а и не сакаат да напишат ништо без помош на вештачка интелигенција и се добива впечаток како претходно да немале дијаметрално спротивен живот од сегашниов, на социјалните мрежи.

И потоа се чудиме и постојано размислуваме за тоа зошто се младите зависни од екраните?!

А какви да бидат покрај нас вакви?!

И воопшто не ме чуди тоа дека на децата им станува сè потешко да си ги врзат чевлите и да држат молив, кога и јас едвај го држам пенкалото во рака во ретките пригоди кога морам да го користам макар и за да се потпишам негде.

Каде отиде оној мој краснопис за кој добивав петки од прво до четврто, каде отиде мојата способност да пишувам раскази, песни и домашни состави на разни теми и секој да може да ги прочита без да се мачи со дешифрирање на букви?!

Зошто ми е сега проблем и самата да си разберам што сум напишала?!

Според неодамнешниот извештај на National Geographic, експертите се сѐ повеќе загрижени за падот на фината моторика кај децата – децата сѐ повеќе имаат проблеми со држење молив, врзување на чевлите и користење ножици.

Повикувајќи се на анкетата на Education Week, се наведува дека проблемот се влошил во последниве години поради зголемената употреба на екраните, намаленото време на отворено и нарушувањата во рутината предизвикани од пандемијата.

Според истражувањето на наставниците од предучилишна возраст и во раните одделенија на основните училишта, дури 77% од анкетираните изјавиле дека вештините како држење молив, користење ножици и пишување станале попредизвикувачки за децата, додека 69% веруваат дека врзувањето чевли е потешко денес отколку пред пет години.

Искушението на екраните е реална. Има помалку читање, помалку играње надвор, а резултатот е пад на фината моторика. Некогаш, децата со часови пишувале, цртале, врзувале врвки за чевли, се качувале по дрвја и правеле работи со рацете. А сега? Сè се сведува на поминување со прстот преку екранот. Сè се промени толку брзо што ретко се прашуваме: какви последици има ова врз децата?

Зошто опаѓа фината моторика?

Експертите наведуваат неколку главни причини:

Времето поминато пред екраните ги заменува практичните активности. Наместо редење коцки или боење, децата сè повеќе пасивно гледаат видеа или допираат екрани.
Читањето од задоволство е во опаѓање. Според Pew Research, бројот на деца на возраст меѓу 9 и 13 години кои читаат од задоволство постојано се намалува во последните десет години.

Иако истражувањето се однесува на постарите деца, експертите предупредуваат дека помалку „ракување“ со книги, вртење страници, држење боички и вежбање пишување на рана возраст може да придонесе за доцнење во финиот моторен развој.
Престојот на отворено е драстично намалено. Некогаш, децата се качуваа на дрвја, собираа желади и копаа во земјата – активности кои природно ја градат силата и координацијата на рацете. Денес, таа спонтана игра често се заменува со екрани или структурирани активности кои не вклучуваат толку многу физичка активност.
Промените во секојдневните рутини исто така играат улога. Сè повеќе алишта имаат еластични појаси наместо копчиња и патенти, а претходно спакуваните оброци ја намалуваат потребата за лупење, истурање или отворање, што значи помалку можности за развој на умешност.

Иако прекумерното време пред екранот е една од причините, експертите нагласуваат дека пад на фината моторика е забележан уште пред пандемијата. Но, пандемијата дополнително ја влоши ситуацијата со ограничување на искуствата од раното детство, како што се практично учење, играње со врсниците и редовната настава во училница.

Како да им помогнете на децата да развијат фини моторни вештини?

Добри вести? Трендот може да се смени, но бара свесни одлуки.

Испробајте го предизвикот „1.000 часа на отворено“. Целта е едноставна: поминете 1.000 часа на отворено во текот на годината. Тоа е природен начин да се развијат моторните вештини преку качување, играње и истражување.
Направете го учењето на фини моторни вештини забавно. Наместо да ги терате на вежби за пишување, оставете ги да си играат со пластелин, да сечат со ножици и да прават сложувалки…
Одредете време без екрани (и за родителите). Ако сакаме нашите деца да читаат повеќе, да играат повеќе и да развиваат вештини, треба да бидеме пример за нив. Обидете се да воведете вечер без технологија или правило „без екрани после училиште“.
Поттикнете ја креативноста преку уметност и занаети. Поставете маса со материјали и оставете ги децата слободно да создаваат – без правила, само фантазија и креативност. Бонус? Ќе бидат заинтересирани и без екрани.
Вклучете ги во мали задачи. Дозволете им да помогнат во завиткување подароци, пишување честитки или изработка на ракотворби. Овие активности се и забавни и корисни за развивање на фини моторни вештини.

Повеќе