Иако многумина сметаат дека оваа навика е безопасна, грицкањето нокти всушност може да има сериозни здравствени последици. Освен што не е естетски убаво, ова несвесно дејство може да доведе до инфекции, оштетување на забите и долготрајни проблеми со ноктите.
Но, што се случува кога една едноставна навика ќе се претвори во сериозен медицински проблем? Една тиктокерка неодамна го сподели своето непријатно искуство за да ги предупреди другите – и нејзината приказна дефинитивно ќе ги замисли сите кои го имаат овој проблем.
Американската тиктокерка позната по корисничкото име breezzyy, неодамна објави видео од болнички кревет, со раката завиткана во завои. Во описот на видеото, таа напиша едноставна, но моќна порака: „Ова е знак да престанете да ги грицкате ноктите“.
Во своето објаснување таа открива дека се започнало со мала исеченица на прстот што ја добила од гризењето на кутикулата. За жал низ таа рана влегле бактерии, што довело до сериозна инфекција и отекување на прстот.
Лекарите морале да ја оперираат
Лекарите морале да интервенираат хируршки за да го решат проблемот. Иако нејзината рака изгледа доста сериозно повредена на видеото, таа подоцна ги уверува своите следбеници објаснувајќи дека „сите прсти и натаму се тука“. Сепак, додала дека ова непријатно искуство ја принудило конечно да се откаже од оваа лоша навика.
Грицкањето нокти е познато под медицинското име онихофагија, а истражувањата покажале дека често се поврзува со стрес, нервоза и одредени психолошки нарушувања како што се опсесивно-компулсивно нарушување (OCD), АДХД и сепарациска анксиозност.
Кои се здравствените ризици?
Инфекции – Ноктите се легло на бактерии, а нивното гризење им овозможува на микроорганизмите полесно да навлезат во телото, што може да доведе до сериозни инфекции.
Оштетување на ноктите – Постојаното гризење може да ја ослабне плочката на ноктите, да предизвика деформации и да го забави растот на ноктите.
Проблеми со забите – забите не се создадени за постојано гризење на тврдите површини на ноктите. Долгорочно, оваа навика може да доведе до оштетување на забната глеѓ, неправилен загриз, па дури и микропукнатини на забите.
Зголемен стрес – Иако многу луѓе несвесно ги грицкаат ноктите како начин да се смират, оваа навика на долг рок може да го зголеми стресот наместо да го намали.
Значи, ако имате навика да грицкате нокти, можеби е време сериозно да размислите за откажување – пред да доживеете некое слично непријатно искуство што ќе ве натера да го сторите тоа.