Петте главни фактори на ризик за кардиоваскуларни заболувања – висок крвен притисок, висок холестерол, дебелина, дијабетес и пушење – од педесетата година можат да го намалат животниот век за повеќе од десет години.
Ова е заклучокот од меѓународна студија предводена од германски истражувачи и презентирана на неодамнешниот собир на Американскиот кардиолошки колеџ.
„Нашето главно прашање беше колку дополнителни години живот би можеле да се добијат ако овие фактори се спречат или намалат во средните години“, рекла Кристина Магнусен, доктор по медицина, заменик-директор на Одделот за кардиологија при Универзитетскиот медицински центар Хамбург-Епендорф, во текот на својата презентација во Чикаго.
Крвен притисок и пушење
Наодите, објавени и во „England Journal of Medicine“, покажуваат дека промените во животниот стил и управувањето со ризикот во средните години можат да направат значајна разлика. Намалувањето на крвниот притисок и престанокот со пушење имале најзначајни ефекти. Намалувањето на високиот крвен притисок на возраст помеѓу 55 и 60 години ги одложува кардиоваскуларните настани во просек за 2,4 години кај жените и 1,2 години кај мажите, додека престанокот со пушење на оваа возраст додава 2,1 година кај жените и 2,4 години кај мажите.