Кога се породуваме, добиваме одредени препораки за грижа за новороденчето. За бебиња родени во зима, кога нема многу сонце, но и на есен, педијатрите веднаш ќе препорачаат редовна доза на витамин Д. Значи, родителите им даваат на бебињата витамин Д во форма на капки во текот на првите неколку месеци, со цел да ја надополнат количината на овој важен витамин во нивното тело.
И се чини дека дефинитивно не треба да пропуштите да му го дадете на вашето бебе! Имено, истражување спроведено на повеќе од 71.000 луѓе го поврза недостатокот на витамин Д кај новороденчињата со зголемен ризик од неколку невролошки развојни состојби. Бебињата со ниски нивоа на витамин Д имале поголеми шанси да развијат АДХД, шизофренија и аутизам.
Ова истражување ги проширило претходните студии, а сугерира дека витаминот Д игра клучна улога во развојот на мозокот во раниот живот. Наодите ги поддржуваат препораките за суплементација со витамин Д за време на бременоста и раното детство како превентивна мерка за нарушувањата на менталното здравје.
Оваа студија, која била спроведена на Универзитетот во Квинсленд, е најголемата студија базирана на популација од ваков вид, а меѓу 71.793 лица кои учествувале во студијата, имало многу на кои им било дијагностицирано нарушување на менталното здравје во детството и раната зрелост.
„Пронајдовме докази дека луѓето со пониски нивоа на витамин Д како бебиња имале зголемен ризик од шизофренија, аутизам и АДХД“, рекол професорот Џон Мекграт, кој ја водел студијата.
Тој рекол дека разгледале 6 ментални нарушувања: големо депресивно растројство, биполарно растројство, шизофренија, нарушување на вниманието и хиперактивност (АДХД), нарушување на аутистичниот спектар (АСД) и анорексија нервоза.
„Претходните истражувања го поврзаа недостатокот на витамин Д кај новороденчињата со зголемен ризик од шизофренија и аутизам, но оваа студија испитуваше поширок спектар на ментални нарушувања и вклучи докази засновани на два биомаркери поврзани со витаминот Д и поврзаната генетика.“
Професорот Мекграт рекол дека нивното истражување сугерира дека додатоците на витамин Д за време на бременоста и раниот живот можат да помогнат во намалувањето на ризикот од ментални нарушувања во зрелоста.
„Витаминот Д е важен за развојот на мозокот на бебето, а ниските нивоа на витамин Д се вообичаени кај бремените жени ширум светот“, рекол тој.
„Слично на препораката за додатоци во исхраната со фолна киселина за време на бременоста за спречување на спина бифида, нашето истражување сугерира дека оптимизирањето на нивоата на витамин Д рано во животот може да го намали ризикот од неколку невроразвојни нарушувања.“
Витаминот Д обично се синтетизира за време на изложување на сонце, но може да се најде и во некои видови храна и додатоци во исхраната.
Истражувањето е објавено во списанието The Lancet Psychiatry.